Европа
Шумски пожари беснеат во Турција: најмалку 5 лица загинаа, десетици се повредени
Најмалку пет лица загинаа, а повеќе десетици се повредени, од кои 10 потешко, во шумските пожари што во текот на ноќта зафатија неколку села во југоисточна Турција, изјави денеска турскиот министер за здравство Фахретин Коча.
„Пет лица загинаа, а 44 се повредени, од кои 10 потешко“, кога пожарот зафати две области во близина на градот Мардин на југоистокот од земјата, напиша министерот за здравство Фахретин Коча на платформата Икс.
Најголемиот пожар избувна во областа меѓу Мардин и Дијарбекир.
Во гаснењето на пожарот интервенирале 41 возило и 150 луѓе, јавува Анадолија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Зеленски тврди дека Трамп би можел побрзо да ја заврши војната со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека администрацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп може да помогне побрзо да се стави крај на војната со Русија, јави државната новинска агенција Укринформ, пренесува Анадолија.
Во интервју за јавниот сервис „Суспилна“, Зеленски зборуваше за односите меѓу Украина и САД и се осврна на претходните разговори со Трамп за решавање на конфликтот, кој трае од 2022 година.
„Тој ја слушна основата на која стоиме. Не слушнав ништо против нашата позиција“, рече Зеленски.
Запрашан дали Трамп побара од Украина да влезе во преговори со Русија, Зеленски рече:
„Ние сме независна земја. И ние, за време на оваа војна, и нашиот народ и јас, лично, преговараме со Соединетите Американски Држави, и со Трамп и со Бајден и со европските лидери, докажавме дека реториката на „седи и слушај“ кај нас не функционира“.
Претседателот на Украина рече дека верува оти под водство на Трамп „војната ќе заврши побрзо“.
„За нас е многу важно да имаме праведен мир, за да немаме чувство дека сме ги изгубиле најдобрите луѓе поради неправдата што ни е наметната. Војната ќе заврши, но нема точен датум. Секако, со политиката на тимот што сега ќе ја води Белата куќа војната ќе заврши побрзо, тоа е нивниот пристап, нивно ветување пред јавноста, а и нив им е многу важно“, рече Зеленски.
Трамп, кој ја победи Камала Харис на претседателските избори на 5 ноември, често ја доведува во прашање поддршката на САД за Киев и вели дека би можел да го прекине конфликтот во рок од еден ден откако ќе биде избран.
Европа
Зеленски: Разговорот меѓу Шолц и Путин ја отвора Пандорината кутија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека разговорот меѓу германскиот канцелар Олаф Шолц и рускиот претседател Владимир Путин „ја отвора Пандорината кутија“ бидејќи ги поткопува напорите да се изолира рускиот лидер.
„Сега ќе има други разговори, други повици. Само многу зборови. А токму тоа го сака Путин долго време: за него е исклучително важно да ја ослаби својата изолација“, нагласи Зеленски во вечерното обраќање.
Како што пренесуваат германските медиуми, Зеленски го предупредил германскиот канцелар пред да разговара со Путин дека овој разговор може да му помогне на рускиот претседател да излезе од меѓународната изолација и да продолжи со воените операции против Украина.
„Путин не сака мир, тој само сака пауза“, рече претходно Зеленски.
Шолц имал телефонски разговор со рускиот претседател за прв пат по две години, соопшти во петокот кабинетот на германскиот канцелар. Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи изјави дека разговорот со „рускиот диктатор сам по себе не носи никаква додадена вредност во однос на постигнување праведен мир“.
Европа
Германската полиција издаде предупредување: Можни се напади врз израелски институции
Федералната канцеларија за борба против криминалот (БКА) на Германија денеска издаде предупредување за закана од напади викендов врз израелските институции во Германија и врз претставништвата на земјите кои го поддржуваат Израел, на што повика терористичката организација Хамас.
„Засега немаме индиции за конкретни објекти, но опасноста е зголемена“, потврдија од БКА.
Причина за зголеменото ниво на безбедност се повиците на терористичката организација Хамас преку социјалните мрежи за опсади и напади врз израелските амбасади во странство. Хамас повикува и на опсади на амбасадите на земјите кои го поддржуваат Израел, вклучително и Германија.
Поточно, преку платформата Телеграм се повикуваат на опсада на дипломатските претставништва на „ционистичкиот естаблишмент како и на земјите кои го поддржуваат“.
По нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, бројот на напади со исламистичка и антисемитска позадина нагло се зголеми во Германија. Врв на овој тренд во Германија беше нападот во Солинген на крајот на август, кога сириски бегалец уби осум лица.