Македонија
Меџити: Нема да играм фудбал со министрите во кабинетот и нема да се занимавам со бизнисите на Лотарија и Соравиа
Денеска, од оваа промотивна конференција на програмските столбови и новиот владин тим, накратко ќе ги претставам нашите предизвици во наредните четири години, кажа претседателот на Демократското Движење, Изет Меџити.
„Аристотел рекол: „Не е доволно да се победи војната. Многу е поважно да се организира мирот“. Нè очекува голема работа во транзицијата и консолидацијата на нашите институции: во нивното ослободување; во враќањето на доброто владеење; во реконструкцијата на слободните медиуми; а особено во враќањето на изгубената доверба во судството и обвинителството. Верувам дека ова, со помош на нашите пријатели и партнери, е можно!
Пред вас денеска претставувам нова платформа: платформата на патриотизмот како знаење, патриотизмот како професионализам и како одговорност. Заврши времето на демагогија. Денеска се бараат образовани, искусни и храбри луѓе да бидат носители на сложените реформски процеси за да ја направиме нашата земја нормална, економски развиена земја и подготвена за интегрирање во Европската Унија. Ќе се фокусираме на работата; почитување на институциите; одговорност за преземената задача; исполнување на обврските навремено и успешно. Тоа може да го направи само новата генерација кои се ослободени од товарот на старото, од хипотеките на минатото, од фолклорот полн со зборови и малку труд. Ова сме ние – генерацијата политичари кои еднаквоста ја имаат во генетскиот код, а не во политичките говори; генерацијата политичари кои ќе постигнат еднаквост со дела а не со празни зборови!“, изјави претседателот на Демократското Движење.
„Цело време не обвинуваа дека немаме легитимитет. Денеска пред вас повторувам: ВЛЕН е победник на изборите во албанскиот политички табор. ВЛЕН е новиот политички фактор кој ги претставува Албанците со легитимитет, достоинство и одговорност. ВЛЕН е новата политичка структура која ќе биде носител на успешната институционална транзиција и ќе го направи секој Албанец горд да се идентификува со нас.
Уште пред да се формира владата, не нападна пропагандната машинерија на нашите политички ривали. Но, денес не сакам да се занимавам со нив. Веќе ме познавате. Јас не сум политичар со големи зборови. Но, го штитам дадениот збор и се борам да го исполнам до крај. Така, денес многу од моите ривали ќе се занимаваат со тоа што ќе правам како министер. Но, прво ќе ви кажам што нема да направам како министер:
Нема да играм фудбал со министрите во кабинетот! Нема да излегувам со куфер пред јавни институции! Нема да се занимавам со бизнисите на Лотарија и Соравиа!
Пред две недели со 80 гласа беше изгласана реформата на органите на државната управа. За оваа реформа гласаа и парламентарното мнозинство и опозицијата, а одговорноста за оваа промена ја носиме сите ние. Во наредниот период ќе има голема реформација и трансформација на министерствата. Но, додека формата ќе се менува, содржината – односно основните концепти – ќе остане иста: правата на Албанците ќе продолжат да се гарантираат и штитат со Уставот и Охридскиот договор. Балансерот со кој многу Македонци станаа Албанци за да се вработат ќе се замени со Законот за правична застапеност. Тоа ќе биде направено за правичната застапеност да стане законска обврска, а не да остане механизам за политичко пазарење како што беше досега. Овде сакам да разјаснам, и внимателно слушнете ме: Ниту еден Иван посебно не Иван Стоилковиќ, никогаш не може да ги примени фактите!
Во новиот кабинет ќе го водам Министерството за животна средина.
Во изминатите години нашето општество беше повеќе фокусирано на своите егзистенцијални аспекти. Од многу причини почнавме од нула. Но, во иднина, нашето внимание и ресурси дефинитивно мора да бидат насочени за нашите населби повеќе да не изгледаат како населби од третиот свет. Имаме обврска да работиме што повеќе да се доближиме до цивилизациските вредности на западните земји, грижејќи се за животната средина и амбиентот околу нас. Ние веруваме во оваа промена и ветуваме дека ќе ја оствариме“, изјави претседателот на Демократското Движење, Изет Меџити на денешната промотивна конференција на програмските столбови, како и новиот владин тим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачки: Честа да се служи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е огромна, продолжуваме обединети во нови победи
Одговорноста е голема, но честа да се служи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ под лидерството на Христијан Мицкоски e огромна, напиша на социјалните мрежи пратеникот Драган Ковачки откако беше избран на позицијата во партијата.
„Дадената доверба што ми ја укажа претседателот Мицкоски е обврска кон идејата, кон членовите на партијата и кон Македонија.
Благодарен сум за поддршката, за вербата и за можноста заедно да продолжиме по патот на сплотеност, чесна борба и посветена работа.
Благодарност до досегашниот генерален секретар Ѓорѓија Сајкоски кој несебично и целосно беше посветен на организацијата.
Продолжуваме обединети, со срце и со јасна цел во нови победи за ВМРО-ДПМНЕ и иднина каква што ја заслужува Македонија“, напиша Ковачки.
Македонија
Најдоцна до јуни реконструкција на владиниот кабинет, Ковачки е нов генерален секретар на партијата, соопшти Мицкоски
Денес заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој беа донесени важни одлуки за понатамошното јакнење и модернизација на партијата, истакна претседателот на партијата Христијан Мицкоски.
„Централниот комитет донесе одлука за избор на нов Извршен комитет на партијата, што претставува спој помеѓу искуството и дел од луѓето којшто се веќе дел од претходните состави на Извршниот комитет и нови членови коишто заедно со оние коишто во минатото беа дел од Извршниот комитет ќе го формираат новиот Извршен комитет на партијата“, посочи Мицкоски.
Овие одлуки, како што рече, се јасен показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици.
„Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета структура која ќе даде конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните.
Во периодот што следува, влегуваме во фаза на кадровско екипирање и дополнително отворање на партијата кон нови идеи, нови луѓе и нова енергија. Ќе работиме на зајакнување на внатрешната организација, транспарентноста и инклузивнот процес на членството“.
Најави дека во периодот што следи ќе има доекипирање на структурата на партијата, а веќе во мај месец а најдоцна до јуни, ќе има и рекострукција на дел од ресорите во рамките на владиниот кабинет, а можеби, како што рече и во некои институции.
Досега, информира тој, не е направена таква анализа но во периодот кој следи, истата ќе биде направена.
Соопшти дека за нов генерален секретар е избран пратеникот Драган Ковачки.
Членови на Извршниот комитет се: Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска Кочоска, Тимчо Муцунски, Ѓорѓија Сајкоски, Никола Мицевски, Луке Галевски, Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска, Рашела Мизрахи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николовски.
Огранизационен секретар е Ивица Томовски, а за шеф на кабинетот на Мицкоски продолжува да биде Владимир Неловски.
„Во услови кога имаме опозицијата која не нуди решенија и која е целосно безидејна, полна со проблеми, знаеме дека решението мора да биде силен граѓански инпут за силна и стабилна ВМРО- ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи, јасно е дека следните ќе бидат парламентарните избори, со една јасна цел – подобар живот за сите граѓани“.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.

