Македонија
Сали: Ја зачувавме застапеноста на Албанците на една од трите највисоки позиции на власта
„Во отсуство на претседателот Африм Гаши, ви се обраќам како потпретседател и водач на Алтернатива, поздравувајќи и посакувајќи им успешна работа на пратениците, а од утре и на членовите на новиот владин кабинет“, рече Беким Сали, потпретседател на Алтернатива.
„Пред да се состанеме утре да ја изгласаме новата влада, денеска се собравме овде пред луѓето од нашите партии, за да кажеме на овој начин, но и јавно дека како што предупредувавме, промената дојде. Сега дури и најголемите скептици се убедени дека не само што бевме во право кога го тврдевме тоа, туку во тоа се уверија и се согласија и нашите противници, кои со намера да се спасат преку разни експерименти, само ни го оправдаа нашето право на застапување на Албанците на сите нивоа на власта.
Добрата вест е што оваа политичка ротација се случува со слободно гласање, на демократски начин, а тоа е благодарение на сите граѓани на нашата земја, кои гласаа за оваа промена.
Она што сакам да го истакнам во ова обраќање е дека ние како коалиција ја зачувавме застапеноста на Албанците на една од трите највисоки позиции на власта, избирајќи го Африм Гаши за претседател на Собранието на Република Северна Македонија. Дополнително, во ова учество во извршната власт бевме многу внимателни нашето учество да не биде пониско од присуството на Албанците во оваа земја, туку повеќе од тоа, бевме фокусирани на институциите кои се занимаваат со спроведување на нашата политичка програма, со цел сериозно и посветено да работиме во процесот на интеграцијата на земјата во Европската унија, но и овозможувајќи економски, здравствени, социјални и еколошки политики, со кои веруваме дека значително ќе го подигнеме квалитетот на животот на нашите граѓани. Ова учество во извршната власт ќе резултира и со други нивоа на власта и сигурен сум дека ова како конечен резултат ќе има понапредно општество во сите области од животот, додека за Албанците оваа политичка ротација значи и ротација во нивниот реален живот, бидејќи во 2024 година завршуваат годините на летаргија, за да им го отвори патот на годините на слободата, демократијата, правдата, еднаквоста и благосостојбата.
Дека не зборуваме само за работите кои изгледаат убаво, туку имаме многу поубави реални проекти пред нас, во ова ќе се увериме наскоро и ние ќе имаме можност заедно и лесно да го констатираме ова“, изјави Сали.
Тој им посака добра и успешна работа на идните министри, порачувајќи им дека ќе ја имаат целосната поддршка во спроведувањето на нивните стратешки политики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

