Топ
Свршеникот на Мартина која загина во несреќата во Грција: „Ти си ангел кој ќе сјае во рајот, почивај во мир душо моја најсакана“
Свршеникот на 29-годишната Мартина од Битола која загина во сообраќајната несреќа во Грција, со емотивна порака на социјалните мрежи се прости од својата сакана.
Во пораката тој вели дека Мартина била девојка со најчиста душа, таа била неговата душа и човек со најголеми особини кои во денешно време никој не ги поседува.
„Нема зборови со кои можам да ви опишам која карпа од човек е ова чупе. Чекаме да се разбудиме од овој сон, не’ остави сите кога најмалку требаше. Господ ни го зеде ангелот кој со пари не се купуваше а повеќе не припаѓа на овој свет“, напиша свршеникот Ристе.
Заедно со семејството на загинатата девојка тој им посака заздравување на другите три девојки, од кои две се во тешка состојба, тврдејќи за несреќата е виновен Гркот кој го управувал второто возило, иако, официјално се’ уште не се познати причините за несреќата и истрагата е во тек.
„Ти беше најубава мистерија која некогаш постоела на овој свет, sвезда која ќе сјае на небото, ангел кој ќе сјае во рајот! Почивај во мир душо моја најсакана!“, се додава во пораката.
Несреќата се случи вчера во 12 часот на автопатот Игнација во правец кон Солун. Другите девојки кои биле во автомобилот се на возраст од 24 и 25 години.
Според полицискиот извештај, автомобилот го управувала 25 годишната девојка, а Мартина била сопатник. Девојките се судриле со автомобил управуван од државјанин на Грција, а потоа во нив се забило уште едено возило.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се зголемуваат цените на бензините и дизелот
Цените на бензините и на дизелот од ноќеска на полноќ ќе се зголемат за 1,5 и за 2 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 21.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 72,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 74,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 66,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,987 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 денар за литар.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 денари за литар.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,854 денари за килограм и сега ќе изнесува 32,987 денари за килограм.
Македонија
Анел Фидоски нов шеф на скопското јавно обвинителство
На денешната седница на Советот на јавни обвинители, Анел Фидоски е избран за нов шеф на Основното јавно обвинителство Скопје.
Тој доби поддршка од седум членови на Советот, додека досегашниот раководител Гаврил Бубевски, кој конкурираше за нов мандат, освои пет гласа.
За функцијата беа пријавени пет кандидати. Освен Фидоски и Бубевски, кандидати беа и Тања Трајчевска, Дејан Петрески и Спасенка Андонова.
Македонија
(Видео) СДСМ обвини дека „Алфа“ не е само медиум туку политички проект: „Како и во времето на Груевски, повторно функционира како центар за црни кампањи“
Денеска, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, на прес-конференција објави ново разоткривање на Антикорупцискиот тим – АКТ. Тој потенцираше дека „во средината на политичко-финансиската мрежа на оската Орбан – Вучиќ – Мицкоски, преку нивните партии, банки, бизнис интереси и лажни договори за реклами има и клучен пропаганден столб: Алфа телевизија“.
„Денеска ќе ја разоткриеме позадината на оваа пропаганда, на политичките врски и бизнис мрежите“, повлече Фрчкоски, додавајќи дека „граѓаните ќе видат зошто токму преку Алфа телевизија се водат црните кампањи, хајки и јавниот линч врз СДСМ и претседателот Филипче“.
Фрчкоски нагласи дека „ништо не е случајно“ и посочи дека зад Алфа телевизија стои „Петер Шац, унгарски медиумски бизнисмен и човек од тесниот круг на Виктор Орбан, кој преку компанијата CHS Invest Group контролира 57% од ‘Алфа Скоп ДОО’, фирма – стопроцентен сопственик на телевизијата“.
„Контролата ја презема во 2017 година – токму во периодот кога Орбан започнува агресивна експанзија на своето медиумско влијание на Балканот“, рече Фрчкоски, потсетувајќи дека „Петер Шац е познат по блиските врски со Виктор Орбан и неговата партија Фидес“.
Тој додаде дека „пред тоа, Алфа била во сопствеништво на српски бизнис-структури, меѓу кои и групацијата Comtrade на Веселин Јевросимовиќ“ и заклучи дека „континуитетот е очигледен: сопствениците се менуваат, политичката линија останува иста“.
Фрчкоски потенцираше дека истражувањата покажале оти „таканаречените ‘рекламни договори’ биле користени како механизам за трансфер на милиони евра кон медиуми под контрола на Шац“.
Во таа насока, тој укажа и на врската меѓу банките, медиумите и политичкото влијание, нагласувајќи дека „купувањето на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка отвора сериозни прашања дали истиот механизам повторно се активира“.
„Сега доаѓаме и до Жан Митрев – човекот кој токму на Алфа ТВ започна црната кампања и јавен линч против претседателот Филипче со изнесување на лаги. Освен што беше обвинет дека со умисла довел во заблуда 283 пациенти во неговата клиника, кои други активности го поврзуваат Жан Митрев со оваа оска? Тим на болницата „Жан Митрев“ ја претставувал Македонија на меѓународен турнир во „walking football“ во Будимпешта во 2025 година. Финансиран преку македонскиот државен фонд за здравство. Еден од тимовите-учесници на овој турнир е Фехервар од Унгарија, тим – поврзан со поранешниот клуб Видеотон каде што играл Орбан. Киниши е вториот тим учесник на турнирот со Жан Митрев исто така од Унгарија. Ништо не е случајно. Прашање е дали кога бил во Будимпешта Жан Митрев сретнал со својот драг пријател Никола Груевски, голем помагач на неговата болница уште од самото основање?“ рече Фрчкоски.
„Како и во времето на Груевски, Алфа повторно функционира како центар за црни кампањи, јавен линч и координирани напади, овојпат со регионална поддршка. Ова е нивното разоткривање “, потенцираше Фрчкоски.

