Македонија
(Видео) Лукаревска: За неколку дена ВМРО-ДПМНЕ погазија многу ветувања, надежта почна да исчезнува
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, во своето излагање на собраниската седница, посветена на избор на нова влада, посочи на две експозеа на некогашниот премиер Груевски во 2006 година и на сегашниот мандатар Мицкоски.
„Речиси се и исто, само него го нема. Загрижуваат одредни недоречени ветувања во предложената програма, како на пример преиспитување и рационализација на поставеноста и органите на државната управа со можност за спојување и укинување на одредни државни органи, дали новата реорганизација изласана после полноќ и во скратена постапка ви беше потреба за реформа, која ќе биде и соодветно прочистување“, рече Лукаревска.
Лукаревска истакна дека за поздравување во програмата на ДПМНЕ е тоа што ќе се продолжат добрите решенија во даночната сфера, во дигитализацијата, во обновливите извори на енергија, во културата, земјоделието, поддршка за иновации, повисок стандард на вработени и на пензионери, нешта кои владата на СДСМ ги издигна на достоинствено ниво.
„Откако станавте опозиција до 8 мај и во добро и во лошо имавте само еден збор – избори, бидејќи слепо целевте кон власта, па затоа кога велите дека: „почнуваме да ја реализираме нашата визија за државата, која повторно во рацете на народот, секој граѓанин има можност да напредува и да живее достоинствен живот имате одговорност за огромна искреност“, нагласи Лукаревска, додавајќи дека ДПМНЕ секако ќе го отвори Уставот, но тогаш ќе се види за што.
Ако добиените избори од ДПМНЕ за некого значеше надеж, сега уште невселени на „Илинденска“ може да констатираме дека надежта веќе заминува, бидејќи ја однесоа постизборните играрии. Просто фрапантно е како за неколку дена се изпогазени повеќе работи. Станува збор можеби за некој куса лента, на којашто го нема името на државата, а камо ли нејзиното достоинство, добро и нејзината иднина“, истакна Лукаревска.
Лукаревска коментирајќи ја програмата ДПМНЕ се оврна и на најавените изненадувања од нивна страна секоја недела.
Кога ќе не изненадите со ветената една милијарда, не слушнавме ниту збор за неа. Дали се работи за пари од земја која преку коњски скок е инфилтрирана во државата, за што бевме јавно предупредени пред три години. Скокот се случи, да видиме до каде ќе не однесе овој пат, порача пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

