Македонија
Пренџов: Денес е историски ден, кланот Заеви и ДУИ-инг бизнис заминуваат во историјата
Денес е голем ден затоа што во историјата заминува нај неспособната и најкриминалната влада која што некогаш Република Македонија ја имала. Несе е голем ден затоа што за прв пат после 2008 година ќе имаме целосна промена на власта. За многу граѓани и за мене, денес е голем ден затоа што конечно кланот Заеви и на ним сличните како холдингот ДУИ-инг бизнис, заминуваат во историјата, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов во својот говор на собраниската седница за избор на новата Влада.
Додаде дека денес е денот кога оние кои немаа народен легитимитет и кредибилитет и никогаш не излегоа на избори не владееја, не управуваа и не пљачкаа, заминуваат а на нивно место доаѓаат луѓе кои што беа на избори и кои што добија незапомнет народен легитимитет и кредибилитет.
„Симбол за овие промени, за оваа надеж и верба и негова персонификација помеѓу граѓаните е мандатарот, господинот Христијан Мицкоски. Тој е многу работлив и многу истраен човек, човек кој што не застранува од плановите и визијата, кој секогаш однапред му се предвидени детално разработени и споделени со соработниците и јавноста и во тоа може да се увериме преку Програмата 1198, а потоа преточена како дел од програмата за работа на владата“, рече Пренџов.
Посочи дека во секторот одбрана застанувам искусен, работлив и тивок политичар кој што е убеден дека под негово водство во НАТО нема да бидеме земја од која што НАТО се плаши да не дадеме уште некој пасош на уште некој шпион, туку ќе биде човек на кого што НАТО ќе може целосно да потпре.
Пренџов зборуваше и за ресорот за внатрешни работи, за што рече дека таму ќе биде човекот кој што веќе и се докажа во својата работа во стоте дена техничка влада, при што на предлог министерот Панче Тошковски му порача дека освен тоа што криминал има по улиците, тој исто така го има и внатре во МВР и дека треба сериозно да се занимава со ова.
„Македонија конечно добива министер за транспорт и врски. До сега една од бруките на Социјалдемократскиот сојуз беше тоа што при жив, здрав и прав министер за транспорт и врски, Артан Груби ги водеше клучните проекти од градежништвото, а Артан го знаеме сите. Оние кои што го знаат подобро велат ако Артан денеска не земе од некого нешто, не позајми од некого нешто, не земе некоја провизија од некого, ако е таков денот погоден, тогаш велат парите од едниот џеб си ги вади и ги префрла во другиот со цел да ја задоволи дневната рутина и својот карактер“, истакна меѓу другото пратеникот Пренџов образложувајќи ги предлозите за министри во новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

