Македонија
Одрони и помали свлечишта на патниот правец Скопје-Тетово-Гостивар

Поради обилни врнежи од дожд проследени со град што ги зафатија скопскиот, тетовскиот и гостиварскиот регион на патниот правец Скопје-Тетово-Гостивар наместа има одрони и помали свлечишта и тоа посебно од наплатна станица Глумово до Карпалак и Групчин, информира директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Кај наплатна станица Желино поради големи колчини на вода на самата рампа сообраќајот се одвива споро што доведува до создавање колони.
„Апелираме до учесниците во сообраќајот крајно внимателно да управуваат со возилата како и да ја прилагодат брзината спрема условите на патот“, вели Ангелов.
Екипите на ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта се на терен и работат на расчистување на критичните места и нормализација на сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Извршниот одбор на СДСМ утврди уште нови 4 кандидати за градоначалници

Со одлука на Извршниот одбор на СДСМ на вчерашната попладневна седница е дадена согласност за уште четири нови кандидатури за градоначалници за претстојните локални избори:
Едис Хасан – кандидат за градоначалник на Шуто Оризари.
Жика Стојановски – кандидат за градоначалник на Илинден.
Игор Христов – кандидат за градоначалник на Кочани.
Исуф Синани – кандидат за градоначалник на Долнени.
Со ова, СДСМ веќе има објавено 64 кандидати за градоначалници од СДСМ во 64 општини ширум државата.
„Сите кандидати на СДСМ се луѓе со интегритет, докажани кадри со желба за работа и јасна визија за развој на своите општини.
Кандидатите на СДСМ ќе бидат гласот на граѓаните, ќе работат за решавање на секојдневните проблеми, за подобрување на квалитетот на живот и развојот на општините“, велат од СДСМ.
Македонија
ДОМ со поддршка за петицијата на О2: Стоп за ново јавно-приватно партнерство за Дрисла

Зелената партија Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поддржува онлајн петицијата на Иницијативата О2 и ги повикува граѓаните да ја потпишат, за да се спречи ново јавно-приватно партнерство и да се обезбеди Дрисла да остане во јавна сопственост, велат од ДОМ.
„Петицијата е важен граѓански механизам со кој се испраќа јасна порака дека Скопје мора да добие современ, одржлив и јавно контролиран систем за управување со отпад, а не повторување на истите неуспешни и сомнителни модели од минатото.
ДОМ оценува дека загадувањето од депониите и честите пожари веќе станаа сериозен здравствен ризик. Наместо ад-хок решенија, потребна е стратегија која ќе овозможи минимално депонирање, искористување на европски фондови и долгорочна цел за „нула отпад“, по примерот на европските градови.
Заедно можеме да ја промениме иднината на Дрисла и да обезбедиме чист воздух за сите. Затоа, ве повикуваме да ја поддржите граѓанската иницијатива и да ја потпишете петицијата ОВДЕ“, соопштуваат од ДОМ.
Македонија
„Кој им наредил на АНБ и АР да го следат и прислушуваат Мицкоски“: ВМРО-ДПМНЕ бара истрага од Обвинителството

„ЈО да реагира со темелна и транспарентна истрага и да го расчисти случајот. Неопходно е ЈО да почне да работи и да го расчисти скандалозниот случај со прислушкувањето на функционери од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Мицкоски како и новинари и бизнисмени“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните 5 години живееле во заробена држава, каде се прекршувале основните човекови права.
Пет години претседателот Мицкоски и десетици други, биле предмет на незаконски следења и прислушување од страна на безбедносните служби под контрола на СДС.
5 години СДС и ДУИ грубо ги прекршувале законите и ги злоупотребувале институциите.
АНБ и АР биле во служба на политичката мафија, додека ЈО и Љупчо Коцевски дејствувале и работеле во интерес СДС и ДУИ и прикривање на криминалот.
Неопходно е ЈО да престане да ги штити антидемократските структури на СДС и ДУИ.
ЈО да започне да работи во интерес на владеење на правото и правдата и враќање на довербата во институциите, во спротивно довербата на народот во правосудството од 2 проценти ќе биде нула.
Коцевски да започне да работи, бидејќи и самиот е виновен и директно одговорен за минимум довербата во правосудните органи. Одговорност мора да има.
ЈО да даде одговор кој стои зад наредбите на АНБ и АР? И кој се е дел од оваа мрежа на незаконско следење?“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.