Македонија
Голем број пријави за поплавени куќи и улици, прекини и во снабдувањето со струја: ЦУК за невремето во Тетово
Како последица на невремето што во попладневните часови го зафати Полошкиот реон проследено со силен дожд и град, на телефонскиот број на Центарот за управување со кризи (112) пристигнати се голем број пријави за поплавени подрумски простории, одрони, поплавени подвозници и улици, прекини на електрична енергија, паднати дрвја и друго.
Како што соопштија од ЦУК, екипи на ЈКП Тетово и ТППЕ Тетово вечерва интензивно работат на нормализирање на состојбата, а сите патни правци се проодни.
-Од страна на ЈКП Тетово сме известени дека подвозникот на влезот во Тетово од кај Скопје кој беше поплавен и непрооден сега е прооден и сообраќајот се одвива редовно. Заглавеното возило од ТППЕ Тетово нај истиот подвозник е тргнато. Исто така, од страна на ЈКП исчистена е шахтата која го блокираша патот кај касарната во Тетово и истиот патен правец сега е прооден, а исто така и патот од кај Спортскиот центар што оди кон касарната од страна на ЈКП е исчистен и прооден, се наведува во соопштението.
Од страна на ЈКП Тетово во најкоро време, се посочува, ќе се интервенира на влезот на Општина Желино каде на подвозникот запушена е шахтата и има насобрано околу два метри вода. Се очекува истиот да биде прооден во наредните часови. Во разговор со шефот на кабинетот на градоначалникот на Општина Желино не извести дека цистерна од ЈКП сеуште не е дојдена и се интервенира со екипа од Комуналното претпријатие од Општина Желино со една пумпа и се очекува на помош да дојде едно возило цистерна од приватна фирма.
Од ЦУК засега немаат добиено информации за излевање на вода од реките и потоците во полошкиот регион како што се Доброшка Река, Поројска Река, Пена, Вардар и останатите.
Од страна на раководителот на РЦУК Тетово Арлинда Мухареми известени се дека раководителот на ДЗС Беким Максути формирал екипа за помош на погодените реони во Тетово и околината опремена со пумпи и останата опрема и тие ќе се вклучат во помош на населението во најкраток можен рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Општината ќе го исчисти просторот кај поранешен „Мекдоналдс“ во Аеродром и ќе им прати фактура на сопствениците
Општина Аеродром почна со чистење на запуштениот простор кај поранешен „Мекдоналдс“ во Аеродром.

„Екипите на Јавното претпријатие денеска ја расчистуваат локацијата на поранешниот „Мекдоналдс“, која се наоѓа на приватно земјиште со запишан објект. Иако сопствениците добија налог да ја исчистат оваа со години запуштена локација, тоа не беше направено. Поради тоа на терен излегоа комуналните екипи на Општината“, објави градоначалникот Дејан Митески.


Тој додава дека по уредувањето, Јавното претпријатие ќе достави фактура до сопствениците со износот за извршените работи.
„Општина Аеродром останува посветена на чиста, безбедна и уредна средина и ќе продолжи решително да реагира секаде каде што сопствениците не постапуваат согласно со законските обврски“, вели Митески.
Македонија
Коцевски: Еколошкиот криминал и кај нас веќе е класифициран како сериозен, кој честопати добива облик на организиран криминал
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се обрати на отворањето на националната тркалезна маса за конвергенција на климатската и еколошката правда, поддржана од Француската агенција за развој.
„Еколошкиот криминал и кај нас веќе е класифициран како сериозен и сложен криминал, кој честопати добива облик на организиран криминал, а штетите од него се огромни и во здравствена и во економска форма”, истакна Коцевски во обраќањето.
Тој додаде дека домашните законски решенија во голема мера се усогласени со современите предизвици за заштита и санкционирање на загрозувањата на животната средина, но во пракса и натаму при примената се јавуваат одредени недостатоци, пред се во фазата на обезбедување докази.
„Недоволните капацитети на инспекциските и на другите истражни органи за откривање на овој вид кривични дела, како и скапите и долготрајните вештачења го обременуваат докажувањето на делата од еколошкиот криминал, особено ако се имаат предвид недоволните ресурси што за таа намена му се доделуваат и на обвинителството”, рече Коцевски, додавајќи дека во исто време недостатокот на материјални и кадровски ресурси е проследен со постојан раст на бројот и сложеноста на предметите од областа на еколошкиот криминал.
„На климатските услови и заштитата на животната средина мора да гледаме како на заедничко добро кое сме обврзани да го штитиме, не само затоа што на тоа не обврзуваат критериумите за членство во ЕУ кои имаме задача да ги исполниме, туку и затоа што од напредокот во оваа област зависи нашиот вкупен економски и социјален напредок. Грижата за животната средина е прашање на интергенерациска правда. Начинот и ефикасноста со која се справуваме со овие облици на криминал, директно влијае на тоа каква земја ќе оставиме за следните генерации”, рече Коцевски, заблагодарувајќи се на поддршката од Република Франција во оваа област.
На состанокот компаративно беа презентирани и разгледани практиките и искуствата за превенција, гонење, санкционирање и рехабилитација во областа на еколошката правда во Франција и во Македонија.
Настанот ги обединува експертите, институциите и професионалците од секторите на правда и животна средина, со цел зајакнување на пристапот до еколошка правда. Во таа смисла, Јавното обвинителство е еден од клучните чинители и дава континуиран активен придонес за подготовка на заеднички Акциски план за еколошка правда.
Македонија
Поставена нова хоризонтална и вертикална сигнализација низ општина Илинден
Во областа на патната инфраструктура, од особена важност за унапредување на безбедноста во сообраќајот е редовното одржување и обележување на локалните улици и патишта, со што се обезбедува поголема видливост и уредност на вертикалната и хоризонталната сообраќајна сигнализација, а со тоа се обезбедува и поголема сигурност за сите учесници во сообраќајот, особено за најранливите категории, пешаците и велосипедистите, велат од општината Илинден.

„Во рамки на Програмата за одржување на патната инфраструктура на Општина Илинден, поставена е нова хоризонтална сигнализација на неколку значајни локации низ општината. Извршено е обележување на надолжна бела линија на локалниот пат Кадино–Мралино во должина од 500 метри, на локалниот пат Кадино–излез кон автопат М3 во должина од 1000 метри, како и на локалниот пат Кадино–Миладиновци, излез кон автопат М1 во должина од 7000 метри. Дополнително, обележана е надолжна линија на локалниот пат Илинден–Ајватовци–Мршевци во вкупна должина од 6000 метри. Покрај, хоризонталната сигнализација, на неколку локации низ општината, извршено е и поставување на нова вертикална сигнализација.

Со овие активности се подобрува читливоста на коловозната сигнализација, се зголемува дисциплината во сообраќајот и се намалува ризикот од несреќи, особено на критични делници и места со зголемен интензитет на движење. Во таа насока, Општина Илинден ќе продолжи со вложувања во модернизација на патната мрежа, како и со поставување нова вертикална и хоризонтална сигнализација со цел создавање побезбедни услови за сите учесници во сообраќајот“, соопши општината Илинден.

