Македонија
„Немаме намера да импровизираме во образованието, младите мора да ги задржиме тука: Јаневска ја презеде функцијата министер за образование и наука од Шаќири
Модернизација на образованието и стимулација на научно-истражувачката дејност во Македонија, преку замена на импровизациите и ад хок одлуки со инклузивни долгорочни политики креирани со придонес на сите засегнати страни, најавува новата министерка за образование и наукаВесна Јаневска која денеска ја презеде функцијата од досегашниот министер Јетон Шаќири.
Како што посочи по средбата, многу скоро ќе започне процесот на темелна обнова на сите степени на формалното образование, но и на неформалното, а образовниот систем ќе биде синхронизиран со потребите на пазарот на трудот, за да не мора младите да бараат работен ангажман надвор од границите на татковината.
„Немаме намера да импровизираме во образованието. Имаме првичен и добар план за промени кои се креирани врз база на темелна анализа на моменталните состојби, во консултации со стручни лица и пошироката популација. Така што, од сите чинители на воспитно – образовниот систем очекувам поддршка за процесите кои предвидуваат крупни промени. Секако, во меѓувреме секоја сугестија ќе биде добредојдена“, рече Јаневска.
Таа се заблагодари на довербата дадена од мандатарот на Владата да раководи со ресорот, од кој како што рече, најмногу зависи иднината на државата и нагласи дека секоја конструктивна идеја додека е таа министерка, ќе се разгледа со должно внимание, независно од каде истата доаѓа.
„Сите сме согласни дека промените се неопходни и важно е единството и енергијата да ги одржиме на високо ниво во периодот што следи, затоа што нè чека многу работа. Младите мора да ги задржиме тука, каде што и припаѓаат, а квалитетното образование и можностите за искористување на личниот потенцијал во својата земја, се најголем мотив за тоа. Во никој случај нема да бидат заборавени ниту научните работници, затоа што, науката како што доликува, мора да биде клучен столб на кој ќе се потпира нашиот национален просперитет“, додаде новата министерка.
Потенцираше дека особено внимание ќе се посвети на инклузивното образование, со цел, како што рече, да го развиеме и унапредиме во најдобар интерес на учениците со попреченост, во соработка со нив и нивните родители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

