Македонија
Гаши на Меѓународниот ден на бегалците: Се гордеам што државата покажува голема емпатија
Собранието, во соработка со УНХЦР, го одбележа Светскиот ден на бегалците – 20 Јуни, со пригоден настан што го отвори претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши.
Во своето воведно обраќање Гаши истакна дека оваа година се одбележуваат 30 години од ратификацијата на Конвенцијата за статусот на бегалците на Обединетите нации, но и цели три децении од формирањето на Канцеларијата на високиот комесар за правата на бегалците во нашата држава.
Во таа насока Гаши истакна дека законодавниот дом секогаш ќе биде отворен и ќе има позитивен пристап за сите иницијативи што значат унапредување на човековите права и подобрување на условите за живеење, но и на можностите за развој на сите оние што поради одредени причини се нашле во таква незавидна ситуација, да бидат луѓе без дом, без огниште, далеку од сопствената татковина.
„Особено се гордеам што државата покажува голема емпатија“, рече тој.
Според Гаши, демократскиот свет има обврска да не дозволи бегалците, бегајќи од суровоста на војната, суровоста на конфликтите, на меѓуетничката, верска или каква било друга форма на нетрпеливост, да го изгубат достоинството, да ги изгубат основните човекови права, како што се образованието, здравствената заштита, социјалната сигурност.
Претседателот на Собранието нагласи дека во изминатиот период, благодарение на интензивната соработка на Собранието со УНХЦР, преку измените на Законот за матичната евиденција и Законот за странците и нивна практична имплементација, се реши ситуацијата со лицата без државјанство, со што се надмина проблемот за над 700 граѓани.
Претставникот на УНХЦР во Република Северна Македонија, Габриел Гуалано де Годој, ја пофали работата на Собранието, но и на државните институции во целина за надминување на проблемот за лиицата без државјанство, но упати и посебна благодарност за пристапот на земјата кон бегалците од Украина. Потоа следуваше дискусија на тема „Навигација низ законодавните предизвици и перспективи: Улогата на парламентот во градењето стратегии за ефикасни системи за азил и засилена поддршка барателите на азил и бегалците“, на која учествуваа пратеници од Собранието на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.

