Регион
Се преврте рингишпил во БиХ: има повредени деца, родителите со голи раце ги извлекувале под вртелешката
Во парк во Добој синоќа околу 20 часот пукнала вртелешка, а во таа пригода биле повредени деца, пишува „Независне“. „Зум ТВ Добој“ јавува дека четири деца се повредени и дека родителите ги однеле на раце во блискиот Здравствен дом.
Екипите на итната помош пристигнале на терен за неколку минути по инцидентот со рингишпилот, но родителите веќе ги однеле децата. „Нова.рс“ јавува дека од итната помош во Добој велат дека ниту едно дете не е во животна опасност.
Покрај родителите, повредените деца од под рингишпилот ги извлекувале и полициските службеници. Тие, според написите, со раце ја кренале конструкцијата на рингишпилот извлекувајќи ги децата.
Тамошните медиуми јавуваат дека сцените биле потресни додека децата плачелел и ги повикувале своите родители.
Полицијата во Добој соопшти дека го уапсила Б. Ј., а се работи за лицето што управувало со вртелешката што се преврте во паркот кога беа повредени неколку малолетници.
Од СВ Добој соопштено е дека синоќа е лишено од слобода лицето Б. Ј. поради сомнение дека сторило кривично дело предизвикување јавна опасност.
Б. Ј. ќе биде предаден денеска во надлежност на Окружното јавно обвинителство Добој заедно со пријава за сторено кривично дело.
Истрагата, која ја води дежурниот обвинител на Окружното јавно обвинителство во Добој, ќе продолжи денеска во присуство на вештаци.
Полицијата соопшти дека две малолетни лица се задржани на лекување во болницата „Свети апостол Лука“ во Добој, а едно малолетно лице добило полесни повреди и е пуштено на домашно лекување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

