Црна хроника
Двајца жители на Кочани копале злато во делчевско, го оштетиле културното наследство
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против двајца жители на Кочани осомничени дека во атарот на село Очипала, делчевско, без да поседуваат дозвола за археолошки истражувања, започнале со проучување и пронаоѓање на знаци, со цел идентификување на место каде можат да бидат пронајдени вредни предмети и потоа да продолжат со ископување.
– Надворешна канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против В.К.(53) од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ и „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ и М.И.(59) од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, стои во соопштението од МВР.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, пријавените биле запрени од полициски службеници, а при преглед во возилото била пронајдена и одземена опрема и алат наменети за археолошки истражувања и ископ, кај второпријавениот биле пронајдени осум сребрени монети, а кај првопријавениот уште четири стари монети и два стари прстени.
– Со извештај од Управа за заштита на културното наследство, било констатирано дека четирите монети и двата прстени одземени од првопријавениот, претставуваат добро под привремена заштита, дополнуваат оттаму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Жена пријавила дека партнерот ја нападнал и ѝ го одзел телефонот, оштетено и нејзиното возило во Кисела Вода
Вчера околу 20:50 часот, 31-годишна жена пријавила во полицијата дека била физички нападната од нејзиниот партнер Љ.З. во неговиот дом на подрачјето на Кисела Вода.
Според пријавата, тој ѝ го одзел мобилниот телефон, ја нападнал, ѝ упатил закани користејќи остар предмет, а подоцна и го оштетил нејзиното возило со тврд предмет, додека било паркирано во дворот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Фирма од Велес оштетена за над 21.000 евра преку фалсификувана електронска фактура
На 3 февруари 2026 година, во 07:15 часот, 60-годишна жителка на Велес пријавила во СВР Велес дека фирмата каде што работи е оштетена за 21.111 евра.
Според пријавата, компанијата извршила уплата на средства врз основа на фактура испратена од деловен партнер. Но, по добиена порака преку електронска пошта дека уплатата не била реализирана, фирмата стапила во контакт со банката и партнерот. Тогаш било утврдено дека оригиналната фактура била пресретната, фалсификувана и пренасочена, по што средствата биле уплатени на туѓа сметка.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Автомобили се судрија на патот Куманово-Скопје, едно лице тешко повредено, возачот бил без дозвола
На 3 февруари 2026 година, околу 10:55 часот, на регионалниот пат Куманово–Скопје, во селото Љубодраг, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале две патнички возила со кумановски регистарски таблички.
Според информациите од СВР Куманово, се судриле „ауди“, управувано од М.А. (47) од селото Љубодраг, и „шкода“, со која управувал Б.С. (51) од Куманово. Во несреќата тешко телесно бил повреден возачот на „шкодата“, додека полесни повреди добиле неговите сопатници Т.Р. (49) од Куманово и М.Ј. (49) од селото Черкези, како и возачот на „аудито“ и неговата сопатничка О.Ц. (45) од Куманово.
При увидот на местото на несреќата било утврдено дека едниот од возачите, немал возачка дозвола. Од полицијата најавија дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

