Македонија
Трипуновски на почетокот на жетвата на средба со земјоделците од Пелагонија каде што разговараа за откупната цена на пченицата
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на стартот на жетвата оствари средба со земјоделците од Пелагонискиот регион во општина Новаци.
– Денес сум во посета на Пелагониско, поточно во општина Новаци, срцето на житницата во Република Македонија, на разговор со земјоделците околу почетокот и текот на откупот на лебното жито, денеска ќе разговараме за сите отворени ситуации коишто се на прагот на жетвата, изјави Трипуновски.
Трипуновски најави дека веќе има закажано средби во наредните денови со повеќе земјоделски здруженија, но и со млинарите и откупувачите на пченица во Република Македонија.
– Јас наредниве денови закажав и низа на состаноци на тема откуп на пченица во Република Македонија, во текот на утрешниот ден имам договори средба со земјоделски здружение од другите делови на Република Македонија, на коишто исто ќе сакам да го слушнам нивното размислување, нивниот став и во четврток веќе имам договорено посебна средба со откупувачите, со млинарите коишто откупуваат пченица, да се обидам да ја сублимирам цела оваа ситуација, да извлечеме што е можно повеќе, денар плус за македонскиот земјоделец, којшто знаеме дека изминативе години претрпе многу штета од лошите политики.
Тој потенцираше дека власта ја преземаат на половина од годината и заради лошите политики и непланското водење на секторот земјоделство веќе е направена одредена штета која што ќе влијае на цената на пченицата за оваа реколта, но исто така и најави дека ќе се преземат сериозни чекори и планирања за идната жетва.
– Oна што сакам да го потенцирам, односно да ветам, дека позитивните политики на Владата предводена од проф. др. Христијан Мицкоски ќе се осетат тек наредната жетва, односно кога оваа година ќе го спремиме теренот и наредната година оние земјоделци коишто навистина произведуваат пченица ќе осетат што значи вистинска грижа за нивното производство, заврши Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Четириесет дена откако почина Панчо од „ДНК“, колегите од македонската сцена со трогателни пораки
Четириесет дена по смртта на Владимир Блажев, познат на јавноста како Панчо од хип-хоп дуото „ДНК“, социјалните мрежи повторно се исполнети со неговото име. Колегите, пријателите и неговите најблиски денеска споделија спомени, фотографии и емотивни пораки, покажувајќи колку силна празнина остави неговото заминување.
Една од најемотивните објави дојде од пејачката Ана Костадиновска, која долги години беше дел од придружните вокали на ДНК. Таа на Инстаграм сподели неколку заеднички моменти со Панчо, придружени со кратка, но искрена порака што допре многумина: „40 дена. Недостасуваш… Многу!“.
Фотoгрaфиите покажуваат сцени од настапи, патувања и задкулисни моменти – сведоштво за една силна професионална и пријателска врска.
Своја приказна сподели и Елена Ристеска. Таа објави стара фотографија од нивната прва успешна соработка, кога во 2016 година заедно освоија три награди на Македонскиот радиски фестивал – МАРС.
Пејачката Теа Трајковска, која исто така имала свои проекти со ДНК, сподели фотографија со Панчо, со кратка порака дека спомените вечно ќе останат живи.
Панчо, кој трагично ги загуби битките со тешките повреди по пожарот во дискотеката „Пулс“, останува силно присутен меѓу неговите колеги. Тој почина по тешка борба во болница со повредите кои ги доби во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Македонија
700 наместо 200 луѓе на концертот на Аца Лукас , СДСМ бара истрага и одговорност
СДСМ реагира поради приведувањето на српскиот пејач Аца Лукас, потенцирајќи дека на концертот имало преку 700 посетители во локал кој по закон не смее да прими ниту 200 лица. Според партијата, ова покажува дека и полицијата на Тошковски и општината на Митко Јанчев биле запознати со настанот, знаеле дека нема безбедносни услови за негово одржување, но не презеле ништо, дозволувајќи концертот да се случи, кој бил прекинат дури во текот на настанот.
Од СДСМ поставуваат повеќе прашања до надлежните: зошто настанот воопшто бил дозволен и биле пуштени 700 луѓе во ризик, зошто организаторите и сопственикот на локалот не се повикани на одговорност, дали дискотеката ги запазила сите прописи, и дали МВР не повторува ризични практики како во Кочани.
Според информации, полицијата го прекинала настанот дури после полноќ, во 00:10 часот, откако локалот со часови бил преполн.
СДСМ бара итна истрага и санкционирање на сите кои дозволиле да се одржи настанот, од МВР до организацијата, со повик до министерот Тошковски да излезе со одговорност.
Македонија
Владата ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу ИПАРД
Владата категорично ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу скандалот со ИПАРД програмата.
-Апсолутно го отфрлам ова тврдење дека се крие нешто во однос на таа постапка. Знаете дека сме максимално транспарентни, изјави на денешната прес-конференција портпаролката Марија Митева, одговарајќи на новинарски прашања.
Таа дополни дека очекува Министерството за земјоделство и сите надлежни институции, вклучително и судските органи кои постапуваат надвор од извршната власт, да ги дадат своите информации за состојбите.
Портпартолката на СДСМ Богданка Кузеска денеска на прес-конференција обвини дека „две недели по скандалот за ИПАРД, наместо да даде одговор на клучните прашања, министерот Цветан Трипуновски бега од одговорност, од вистината за суспензијата на парите а бега и од одговори“.
Средствата од ИПАРД 3 програмата (2021–2027) во Македонија се привремено суспендирани поради проблеми и сомнежи околу работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, што предизвика прекин на исплатите како превентивна мерка за заштита на европските фондови.

