Спорт
(Видео) Австрија пред фаворитите Франција и Холандија ја освои Д групата
Попладнево на Европското првенств во Германија ја добивме разрешницата во Д групата. Неочекувано, првото место го освои Австрија, пред Франција и Холандија. Полска уште во претходното коло испадна од ЕП.
Попладнево Австрија ја победи Холандија со 3:2 (1:0), а Франција и Полска ремизираа 1:1 (0:0).
Австрија, ја надигра Холандија, одлично го отвори натпреварот, почетниот притосок резултираше со автоголот на Мален во шестата минута.
Најдобрата шанса ја имаа Холанѓаните преку Дониел Мулен во 23. минута, кој можеше да се искупи за автогол, но неговиот удар заврши покрај десната статива.
Само што започна вториот дел, Холандија израмни. Симонс повлече од средината и додаде до Гакпо, кој фантастично ја заврши акцијата и го израмни резултатот. Австрија повторно поведе само 13 минути подоцна. Грилич се проби по левата страна, упати центаршут, а Шмид со глава ја упати топката во голот за ново водство.
Ново израмнување имаше во 75. минута. Депај одлично го искористи додавањето на Вегертс и израмни, а Сабицер само пет минути подоцна и донесе нова предност на Австрија.
Во Дортмунд, Франција одигра уште еден просечен натпревар. Не помогна ниту Мбапе, кој со маска го одигра целиот натпревар.
Првата шанса ја имаше Полска. Пјотр Зиелински шутираше од 18 метри, Мењан одбрани. После тоа Франција се ослободи од притисокот, па одлични шанси имаа Ернандез и Дембеле, но Скорупски беше одличен на голот во текот на целиот натпревар.
Мбапе, потоа имаше две стопроцентни шанси кои ги одбрани Скорупски.
На почетокот на вториот дел Скорупски повторно доби еден дуел со Мбапе.
Во 55. минута Дембеле се проби по десната страна, Јакуб Кивиор го фаулираше и судијата досуди пенал. Мбапе ја презеде одговорноста, шутираше и го постигна својот прв гол на Европското првенство.
Полска доби пенал во 77. минута. Левандовски го промаши пеналот, но судијата го повтори извршувањето, бидејќи Мењан беше излезен од гол-линијата. Вториот пат полскиот голгетер не погреши и и донесе бод на полската репрезентација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чешка го слави 19-годишниот Методеј Јилек
Со спектакуларно лизгање, Методеј Јилек и го донесе вториот златен медал за Чешка на Зимските олимписки игри во Милано.
Во трката на 10.000 метри во брзо лизгање, тој ја запре штоперицата на 12:33,42 и го постигна најубедливиот триумф во досегашниот тек од натпреварите во оваа дисциплина.
За чешкиот тинејџер, кој има само 19 години, ова е втор медал во Милано. Тој веќе го освои среброто на 5.000 метри.
Во сенка на сензационалниот Чех остана Полјакот Владимир Семируниј, кој стигна до среброто со заостанување од 5,65 секунди, додека бронзата му припадна на ветеранот, 40-годишниот Холанѓанец, Јорит Бергсм.
Foto/ EPA
Спорт
Игор Тудор ќе го води Тотенхем
Хрватскиот тренер Игор Тудор се согласи да ја преземе клупата на Тотенхем како привремено решение до крајот на сезоната. Тудор доаѓа откако Томас Франк беше отпуштен претходно оваа недела по лошата серија резултати што го остави клубот на 16-то место во Премиер лигата, само пет бода над зоната за испаѓање.
Извори велат дека одборот на Спарс сакал да назначи привремен менаџер пред играчите да се вратат на тренинзите во понеделник.
Последниот ангажман на Тудор беше во Јувентус, каде што помина седум месеци. Тој го презеде тимот во март минатата година како привремен тренер и забележа само еден пораз во девет натпревари до крајот на сезоната, обезбедувајќи му мест на клубот во Лигата на шампионите. Тој успех му донесе долгорочен договор.
Откако беше елиминиран во осминафиналето на Светското клупско првенство од Реал Мадрид, Јувентус ја отвори сезоната во Серија А со три победи, но следеше серија од осум натпревари без победа во сите натпреварувања. Тој беше отпуштен во октомври 2025 година по поразот од Лацио, оставајќи го клубот на осмото место на табелата.
Сепак, ситуацијата за следната сезона сè уште не е целосно дефинирана. Италијанскиот новинар Фабрцио Романо наведува дека Роберто Де Зерби и Маурисио Покетино се главните кандидати за трајно решение на клупата на Тотенхем по завршувањето на актуелната сезона.
Тудор го презема тимот во деликатен момент, со задача да го стабилизира тимот и да го извлече максимумот од сезоната, додека раководството ќе донесе конечна одлука за долгорочниот проект на лето.
Foto/ depositphotos
Спорт
Брентфорд го продолжи договорот со Игор Тијаго
Бразилскиот фудбалер Игор Тиаго го продолжи договорот со Брентфорд, објави англискиот клуб.
Со новиот договор, Тиаго би можел да остане во редовите на Премиер лигата до летото 2031 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Веста за продолжувањето доаѓа откако Премиер лигата го прогласи за најдобар играч во јануари. Тиаго постигна пет гола на пет натпревари во јануари, со што ја освои наградата за најдобар играч на месецот во Премиер лигата по втор пат оваа сезона.
Во тој период, Брентфорд забележа две победи, едно реми и два порази, и моментално е на седмото место на табелата во Премиер лигата со 40 бода.
Тиаго (24) пристигна во Брентфорд во 2024 година од Клуб Бриж, а пред тоа играше за Лудогорец и Крузеиро.
Бразилскиот фудбалер одигра 26 натпревари за англискиот клуб во сите натпреварувања оваа сезона и постигна 18 голови.
Foto/ depositphotos

