Свет
Северна Кореја лансираше повеќе од 250 балони со ѓубре кон Јужна Кореја: затворен аеродромот во Сеул

Во текот на ноќта Северна Кореја лансираше повеќе од 250 балони со ѓубре кон Јужна Кореја, соопшти денеска јужнокорејската армија.
Тоа е шесто вакво лансирање од крајот на минатиот месец, а поради него аеродромот во близина на Сеул беше затворен околу три часа, пренесува „Јонхап“.
Околу 100 балони, главно со отпадна хартија и друг отпаден материјал, слетале во Сеул и во северниот дел на провинцијата Ѓеонгги, соопшти Генералштабот на корејската армија.
Домашните и меѓународните летови беа запрени или одложени околу три часа на меѓународниот аеродром Инчеон, западно од Сеул, од 1:46 часот утринава по локално време, според „Јонхап“.
Анализата на балоните покажала дека тие не содржат отровни материи, се наведува во соопштението на јужнокорејската армија.
Со последната серија, Северна Кореја се проценува дека лансирала повеќе од 2.000 балони кои носат отпадоци од 28 мај, според „Јонхап“.
Како одговор, на 9 јуни, за прв пат по шест години, Јужна Кореја почна да емитува говори против владата на Пјонгјанг преку звучници во пограничната зона.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Очекувам да се сретнам со Доналд Трамп во следните два месеци

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се надева дека ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во следните два месеци.
„Очекувам да ја имам таа средба. Тој е премногу зафатен, секогаш е можно нешто да се смени, датумот се уште не е одреден, но знаете дека јас сум многу внимателен кога зборувам за тоа. Тоа би било огромна чест за нашата Србија и верувам дека е изводливо“, изјави Вучиќ.
Зборувајќи за вчерашниот телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, како и за нивната средба во април, Вучиќ рече дека секогаш имаат неколку важни теми за разговор.
„Вчера поминавме низ неколку важни теми. Понекогаш разговараме ненадејно. Како што оди по државен протокол, тоа е закажано и се чека пет до седум дена“, рече Вучиќ.
Свет
Белата куќа: Секоја земја која неправедно се однесува кон САД ќе биде цел на дополнителни царини

Секоја земја што неправедно се однесува кон САД треба да очекува дека ќе биде цел на дополнителни царини, соопшти денеска Белата куќа, два дена пред американскиот претседател Доналд Трамп да ги објави, како што рече, сеопфатните, реципрочни царини.
„Секоја земја што се однесуваше неправедно со американскиот народ треба да очекува да добие царина во среда како реципрочна мерка“, им рече на новинарите портпаролката на Белата куќа Каролин Левит, одбивајќи да даде дополнителни детали, според Ројтерс.
На прашањето дали ќе има исклучоци за земјоделците, таа рече дека „во овој момент нема исклучоци“.
Свет
Силен земјотрес ја погоди Индонезија, се стравува од повредени

Земјотрес со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала е регистриран во 17:54 часот во Индонезија.
Според достапните податоци, епицентарот на земјотресот бил лоциран во областа со географски координати на географска ширина -10,1246 и географска должина 119,0393.
Хипоцентарот на земјотресот, според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓал на длабочина од приближно 37 километри под површината на земјата во близина на островот Сумба.
Засега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.
Во Мјанмар минатата недела беше регистриран разорен земјотрес со јачина од 7,7 степени.