Македонија
Пензискиот фонд е нерантабилен – партијата Левица вели дека партиските кадри го довеле пред колапс

Веќе еден месец сè погласни се гласините дека ФОНДОТ за ПИОМ е во очајна состојба и дека едвај може да ги исплати пензиите на пензионерите. Според информациите, исплатата на околу 335 илјади пензии е доведена во прашање. За нивна исплата потребни се околу 1,4 милијарда евра, а овие средства ги нема во ПИОМ, заради што околу 530 милиони евра се директна инјекција од државниот буџет, велат од политичката партија Левица.
„Години наназад со Фондот управуваат партиски кадри, чие раководење беше потресено со бројни скандали, што го направи ПИОМ нерентабилен и, буквално, го доведе пред колапс. Последен во низата скандали е оној на Дритан Беџети, кадар на Алтернатива на Африм Гаши, кој во време на своето директорување со Фондот ù исплаќаше кирија на сестра му и вработи стотици луѓе кои земаат плата, без да се појават на работа.
Дополнително во јавноста протече информација дека од Фондот пензија земаат и косовски државјани, кои никогаш не ни работеле во Македонија – скандал којшто надлежните институции мора под итно да го истражат.
Случајно или не, овие информации почнаа да се пласираат масовно во јавноста, непосредно после изборите, каде од партиите на владејачкото мнозинство ветуваа линеарно покачување на пензиите. Наместо ова, во јавноста протече информација за финансиската дупка во ФОНДОТ, додека во медиумите се шири информација за опасност од зголемување на старосната граница за одење во пензија или поточно – жените да одат во пензија на 64, а мажите на 66 години.
Огромен дел од пензионерите живеат на работ на егзистенцијата, додека со пениите тешко е да се подмират сметките и платат лекарствата. Работниот народ заслужува достоинствена пензија!
Како што и претходно пратениците и активистите на Левица ги поддржуваа протестите и барањата на пензионерите, така и сега нема да дозволиме уште едно поткусурување на властите на грбот на работниот македонски народ и на пензионерите.
Левица ќе инсистира на реализирање на ветувањата дадени од актуелните власти за повисока пензија и воведување на минимална пензија од 15.000 денари.
За потсетување, во Програмата на Левица, предложена за време на Парламентарните избори, 2024, стоеше мерката за зголемување на пензиите и намалување на годините за одење пензија и тоа: 60 години за жени и 62 години за мажи“, се вели во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наградени ќе бидат полицајците кои вчера ја спасија жената во Вардар

Министерот Панче Тошковски, се сретна со полициските службеници Кристијан Стефановски и Жико Ѓорѓиевски – хероите кои вчера ја спасија жена во водите на реката Вардар.
Министерот на средбата со нив уште еднаш потенцираше дека важноста на полицијата и нејзината вистинска сила и влијание врз животот и благосостојбата на граѓаните се гледа во најтешките човечки моменти.
„Херојските дела како вашето, кога директно се спасува човечки живот е повеќе од службено постапување, тоа е вистинска пожртвуваност и посветеност кон мисијата да се чува безбедноста и сигурноста на секој граѓанин и целото општество.“, потенцираше министерот Тошковски при честитките до двајцата полициски службеници за нивната херојска постапка.
Тој нагласи дека во рамките на законските можности тие ќе бидат наградени за нивната херојска постапка која е инспирација за сите нас унапредувањето на хуманиот аспект на нашите дела и постапки како обични луѓе и професионалци.
Македонија
Повозрасните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајки, порача Тошковки

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје денеска реализираа превентивна акција „Внимавај телефонски измами“ насочена кон едукација на нашите повозрасни граѓани кои се најчеста жртва на таквите измами.
Преку непосреден разговор и делење на едукативен материјал граѓаните беа едуцирани дека најчест вид на измама е измамата со лажна сообраќајна незгода во која измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеник, адвокат, обвинител или доктор ги лажат жртвите дека нивното дете повредило некого во сообраќајна незгода и се обидуваат да извлечат пари од жртвата така што за одредена сума би му помогнале на детето кое е во неволја.
„Измамниците на тој начин се обидуваат да ги злоупотребат повозрасните лица. Денес во градскиот паркот во Скопје успеавме да разговараме со голем број повозрасни лица и да ги информираме за таквите измами и модус операнди или начинот на работа на измамниците. Апелираме доколку некој добие таков повик е потенцијална жртва на таква измама, никако да не дава пари, да го прекине разговорот веднаш да ја повика полицијата на 112 или 192 и да ги извести и своите најблиски“, апелираше министерот Тошковски.
Во првата половина на оваа година досега се пријавени вакви 16 настани а за период од пет години досега се расветлени 40 настани, при што се поднесени кривични пријави против 16 лица, за сторени 40 кривични дела „измама“, додека за останатите настани се преземаат мерки за нивно расчистување и поднесување на соодветни кривични пријави.
Македонија
(Видео) Избегната катастрофа кај Брезница, пожарот се движи кон Козјак

Денес се регистрирани десет пожари на отворен простор, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, предупредувајќи дека бројката може да се зголеми до крајот на денот.
Ангелов упати нов апел до граѓаните, особено до земјоделците и сточарите, да бидат исклучително внимателни додека ги извршуваат своите активности во овој критичен период.
Најтежок за гаснење и натаму е пожарот што со денови гори во „Јасен“. Според Ангелов, едниот крак бил ставен под контрола во ноќна битка со огнот, при што била спречена негова експанзија кон селото Брезница.
„Не дозволивме пожарот да премине преку шумски пат, со што понатаму ќе беше загрозено селото. Исчистени беа дрвјата долж патот и линијата беше гаснета целосно. Благодарение на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), пожарникарите од Македонски Брод и вработените во ‘Јасен’, овој крак е стопиран“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека состојбата на другата страна на гребенот, кон езерото Козјак, е многу потешка поради непристапниот терен. Таму пожарот се движи, а очекувањата се дека ќе биде стопиран кај карпестиот предел, а за таа цел таму поставени се надлежните служби.
Покрај „Јасен“, активни пожари се регистрирани и во Лозово, каде што гори шумска површина, во Долнени – со пожар на ниска вегетација, како и во Куманово, во атарот на селото Липково, каде што активни се два пожари, од кои едниот е реактивиран.