Македонија
Тошковски: Справувањето со илегалната миграција и останатите форми на прекуграничен криминал се еден од нашите главни приоритети
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/2-6.jpg)
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој учествува на министерската конференција во рамки на Салзбуршкиот форум денеска имаше свое обраќање, во кое истакна дека стратешки приоритет на нашата држава е интеграција во европското семејство.
„Од наша страна ќе бидат вложени максимални напори за обезбедување на неприкосновено владеење на правото, спроведување на законите и зајакнување на правната држава“, рече министерот Тошковски.
„Миграциските текови долж т.н. Источно-Медитеранска рута и понатаму се еден од главните предизвици на Министерството за внатрешни работи. Во таа насока управувањето и зајакнувањето на границите, справувањето со илегалната миграција, како и останатите форми на прекуграничен криминал се еден од нашите главни приоритети, но во исто време и еден од нашите предизвици“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски нагласи дека клучна активност на нашиот пат во одржливото управување со миграциите на Западен Балкан е зацврстувањето на меѓународната доверба, зголемена размена на информации, заеднички пристап, координација и соработка кои се главен предуслов за успешно справување со предизвиците на управување со миграциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Бобан Николовски ја презеде функцијата директор на Царинска управа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/boban-nikolovski-carina-3.jpg)
Бобан Николовски денеска ја презеде функцијата директор на Царинска управа од својот претходник Стефан Богоев, кој на оваа позиција беше од јуни минатата година.
„Спроведување реформски мерки и политики за постигнување висок и одржлив економски раст, борба со криминалот и сузбивање на корупцијата и сивата економија, предвидливо даночно и регулаторно опкружување и намалување на парафискалните давачки за компаниите како и целосна дигитализација и СМАРТ Царина како дел од владините приоритети за смарт Македонија, се само дел од нашите цели“, порачува Николовски.
Николовски е вработен во Царинската управа веќе 15 години, а на функцијата директор доаѓа од позицијата пратеник во македонското Собрание.
Македонија
Филипче: Силно ќе се спротивставам на оние кои сакаат да ја ослабнат СДСМ и да ја видат на колена
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/venko-filipche.jpg)
Новоизбраниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, во обраќањето до сопартијците се заблагодари за дадената поддршка.
„Во СДСМ победи професионализмот, емпатијата, грижата за луѓето како мои основни вредности по кои ќе работи и функционира Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија. Ветувам дека нема да делам туку ќе обединувам. Ветувам дека ќе водам со пример и тоа ќе го барам од секој во партијата. Ветувам дека силно ќе се спротиставам на оние кои сакаат да ја ослабнат партијата на сметка на личниот интерес. Ветувам дека ќе го заштитам и слушнам секој член и на секому ќе му дадам глас. Ветувам дека СДСМ ќе биде приземна, отворена и модерна партија подготвена за предизивиците кои следат“, рече Филипче.
Додаде дека многумина сакаат да ја видат СДСМ клекната и поразена и се надеваат дека партијата нема да опстане и се ситат на изборниот пораз.
„Ветувам дека ќе го вратиме достоинството на партијата, а они кои се надеваат на лоша иднина на партијата, длабоко ќе се разочараат“, потенцираше Филипче.
Како што додаде, принципите на заедништво, другарство, взаемна почит и отворена комуникација се оние кои ќе ја одликуваат СДСМ под неговото раководство.
Во своето обраќање, Филипче истакна дека СДСМ ќе дејствува како силна опозиција којашто ќе се бори против лошите политики на власта и секогаш ќе биде гласот на разумот и на граѓанската волја која ќе биде заштитена доколку е погазена.
Скопје
Минатата недела санкционирани 203 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/poc-pajak.jpg)
ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје минатата недела санкционираа 203 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„Во периодот од 24.07. до 30.07.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 102 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 101 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани“, соопшти ПОЦ.
ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на општина Центар.