Македонија
Мисајловски во посета на Командата за операции
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/misajlovski-1.jpg)
Министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска беше во посета на Командата на операции во Касарната „Боро Менков“ во Куманово, каде оствари средба со командантот, бригадниот генерал Бесник Емини, началникот на штабот бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски и најодговорните офицери во командата.
За време на денешната посета министерот Мисајловски беше брифиран за мисијата и задачите кои ги остварува оваа команда, главниот двигател на Армијата во чиј состав се најголемиот број на армиски единици од сите родови и служби кои заеднички придонесуваат за заштитата на територијалниот интегритет и суверенитет на државата и во операции за поддршка на мирот и безбедноста предводени од НАТО, Обединетите нации и Европската Унија.
Министерот Мисајловски на денешниот брифинг упати огромна благодарност до сите припадници на командата за сето она што го направиле досега и порача максимално ќе ги поддржи сите активности и потреби кои ги има оваа Команда и единиците од нејзиниот состав.
„Сакам да ги запознам нашите припадници, чувари на мирот и безбедноста од блиску, да се запознам со вашите потреби и состојби и да направиме се што е потребно вашата работа да ја извршувате беспрекорно. Во мене имате сојузник на кој можете да се потпрете“, порача министерот Мисајловски.
На денешниот брифинг министерот Мисајловски беше брифиран за идните чекори на Командата за операции, опремување и модернизација, обуката и вежбите и прифаќањето и имплементацијата на НАТО стандардите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Лајка: Скопските општини и покрај обврската не ги исплаќаат парите, заглавени сме во стари долгови
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2020/10/lajka-2.jpg)
Проблемот со бездомните кучиња за кој се почесто се говори не може да се надмине без системско решение, а законот со кој треба да се регулира несовесното сопствеништво и граѓаните што фрлаат миленици повеќе од четири години е во процедура за донесување.
Јавната свест за вдомување во Македонија е ниска, јавното претпријатие „Лајка“ кое треба да ги стерилизира е заглавено во стари долгови, бидејќи единствениот буџет кој го има е од Град Скопје, а скопските општини скоро воопшто не ги плаќаат средствата за кои имаат обврска да ги исплаќаат.
„Годишно секоја од скопските општини има обврска да исплати по два милиони денари за ЈП “Лајка“, а тие тоа не го прават. Како за пример од вкупно 10 општини во 2022 година средства исплатиле само 3, а за да има резултати Лајка треба да постапува во сите 10 општини. Ако сите општини си ги исполнуваат обврските, претпријатието ќе биде поефикасно. За жал сега штетата за каснување на територија на овие општини ја плаќаат ЈП „Лајка„ и градот Скопје, а општините своите финансиски обврски не ги исплаќаат. Доколку сите 10 скопски општини си ги плаќаат обврските, претпријатието ќе работи сигурно и одржливо, а со тоа би се решил и проблемот со исплаќање оштети за каснување од бездомно куче“, велат од Лајка.
Исто така состојбата се влошува со носењето на голем број бездомни кучиња со комбиња од другите градови во Скопје, затоа што на другите општини тоа им е најлесен и најевтин начин за справување со проблемот. За овој проблем има и пријави до Министерството за внатрешни работи, но досега нема никава интервенција од полицијата.
Дополнителен проблем се и селските кучиња кои имаат неодговорни сопственици и кои ги пуштат слободно се парат. Без соодветно законско решение за регулирање на сопствеништвото сопствениците ниту мораат да ги регистрираат, ниту плаќаат пенали за штетата што ја предизвикуваат.
Македонија
Гази Баба обезбедува бесплатни униформи за сите ученици
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/uniformi-22.jpg)
Општина Гази Баба и оваа година обезбедува бесплатна униформа за сите ученици од општинските основни училишта.
Проектот за бесплатни униформи на учениците се воведе од минатата учебна година и истото беше ветување во изборната програма на градоначалникот Бобан Стефковски.
Во објава на својата официјална страна на фејсбук, градоначалникот Стефковски ги информираше граѓаните и напиша:
„Со почеток на учебната 2024 / 2025 година, сите ученици од општинските основни училишта на територија на општина Гази Баба ќе добијат бесплатна униформа.
Овој проект започна да се реализира во општина Гази Баба со моето доаѓање за градоначалник со што го исполнив ветувањето кое го дадов за време на изборите, дека сите ученици ќе добиваат бесплатни униформи.
Со реализацијата на овој проект се намалуваат социјалните разлики што ги има во секое општество и се постигнува чувство на еднаквост меѓу децата, без поделби и разлики меѓу нив во начинот на облекување, а притоа се намалуваат и трошоците на родителите на учениците“, напиша Стефковски.
Македонија
Акција на ЈП Водовод – Скопје за отплата на долгови без пресметка на камата до 31 јули 2024
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2020/04/vodovod-skopje.jpg)
ЈП Водовод и канализација – Скопје ја известува јавноста и граѓаните на град Скопје, дека акцијата за отплата на долговите без пресметка на камата за задоцнето плаќање е во тек.
Акцијата за отплата на долговите на рати без камата за физички и правни лица е со определен временски рок, почнувајќи од 20.06.2024 заклучно до 31.07.2024.
„Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанат долг во овој период да аплицираат за склучување на договори за отплата на долговите на најмногу 48 рати за физички лица и 24 рати за правни лица, во зависност од висината на долгот, без пресметка на камата за задоцнето плаќање“, велат од ЈП Водовод и канализација – Скопје.
Одлуката за спроведување на акцијата за отплата на заостанатите долгови без пресметка на камата не важи за органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од јавен интерес.
По истекот на овој период одлуката престанува да важи.
За секоја дополнителна информација за услугите на ЈП Водовод и канализација – Скопје контактирајте на:
02 3073 010, Дежурно Информативен Центар; 02 3240 300, Дирекција; [email protected]; www.vodovod-skopje.com.mk; www.facebook.com/jpvodovod.skopje