Македонија
„Расцветај, љубов мила, таму горе…“: Вереникот објави потресна снимка со загинатата битолчанка Мартина
Ден пред да ја испрати на вечното почивалиште, на „Инстаграм“ се огласи вереникот на Мартина Наумовска, 29-годишната битолчанка која загина во сообраќајната несреќа што се случи во близината на Солун. Тој сподели снимка на која свири на гитара и заедно со неа ја интерпретираат баладата „Расцветај“, големиот хит на Ѓоко Танески.
„Пред утрешниот ден, денес не можеш да ме сопреш…
Овој ангел не беше тивок, видео кое не ми дозволуваше да го објавам, сега има смисла, видео кое стои година и пол во драфт спремно да го објавам, сега има смисла зошто не сакаше, видео кое трае повеќе од 40 минути, друго немам, и секоја песна што е одбрана има смисла, но не ви го давам цело, не сакаше внимание, го добивме наметнато и трагично, затоа го објавувам, цел свет знае за тебе душо, а не знае ништо, покрај душата не беше свесна што поседува, и двајцата пеевме, но таа беше посебна, тивкиот ангел имаше неверојатен ангелски глас кој само јас го слушав, природна музичка интелегенција, едвај чекав да запееме и скришно снимав, се договоривме дека еден ден ќе пееме јавно, ја чувавме среќата само за нас, но сега гледам што значело ова видео, јас во црна маичка, а таа само сенка на нашиот магичен прозорец кој ја имаше Битола на дланка, беше толку добро да е вистинито, ја чувавме среќата само дома, не ја експониравме, но сепак џабе, сите знаеја што имаме и ни завидуваа, еве сега ситете се сите душегрижници.
Ристе го нема скриениот дијамант кој го брусеше со години, и бев најголемата поддршка и гориво во животот, ја охрабрував да си ги цени вредностите, беше многу храбра и се трудеше но секогаш велеше: “нема назад за вас, ѓаволот ве има земено длабоко под контрола”, за жал во право беше. Научете ја лекцијата од чупето, барем малку некогаш сетете се да помогните некому без интерес, не судете, почитувајте се, радувајте се на малите работи, бидете смирени, со молк како ангел ни држеше лекции и се разочаруваше, скромен ангелу не сме достојни да зборуваме за тебе, сите сме грешници, секогаш ни велеше: “блазеси ви на паметот што го имате, камо јас да можев така”……….имам многу да кажувам за тебе но толку е доволно.
Цветај расцветај, љубов мила, таму горе…“, гласи објавата на вереникот на Мартина.
View this post on Instagram
Несреќата се случи во петокот во 12 часот на автопатот Игнација во правец кон Солун. Мартина во автомобилот била со уште две девојки на возраст од 24 и 25 години.
Според полицискиот извештај, автомобилот го управувала 25 годишната девојка, а Мартина била сопатник. Девојките се судриле со автомобил управуван од државјанин на Грција, а потоа во нив се забило уште едено возило. Мартина почина на лице место, а девојките беа со повреди префрлени во болница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.
Македонија
„Супорт Кочани“ ја реализира четвртата пратка компресивна облека, вредна 452.537 денари, за засегнатите од пожарот
Граѓанската иницијатива Support Kocani продолжува со поддршката за засегнатите лица од пожарот во Кочани и ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека. Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација.
Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари. Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.
„Поддршката што ја добиваме од заедницата ни овозможува континуирано да им помагаме на засегнатите и да обезбедиме навремена медицинска опрема. Особено им благодариме на компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000 за нивната соработка и професионална услуга,“ истакнуваат од Support Kocani.
Иницијативата и понатаму останува посветена на транспарентност и грижа за сите погодени од трагедијата, со цел да им се обезбеди постојана поддршка во процесот на заздравување.
Македонија
Свечено менување на државното знаме: децата прашуваа за работата на првата жена-претседателка
Во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се одржа церемонија на свечено менување на државното знаме на којашто присуствуваа деца од градинките „Весели цветови“ и „Срничка“ од Скопје, ученици од скопските основни училишта „Кузман Шапкарев“ и „Кузман Јосифовски Питу“ и деца и претставници на Здружението за образование и истражување „Несил“.
По завршувањето на свечениот чин, околу 230 деца во придружба на двасетина наставници и претставници, ги разгледаа просториите на Кабинетот. Младите посетители покажаа интерес за работата на претседателката. Ја прашаа: Какво е чувството да се биде првата жена – претседателка на државава? Дали е потешко да се биде претседателка или професорка? Како тече еден нејзин работен ден? Љубопитните гости пројавија желба да ги дознаат нејзините лични афинитети, како и интересните спомени од младоста.



Сиљановска-Давкова им предочи дека вршењето на политичката функција бара знаење, посветеност и култура на дијалог. Ги советуваше да учат, да размислуваат критички и да другаруваат.
Децата ѝ подарија цвеќе, албум на цртежи и благодарница на турски јазик.
Церемонијата на свечено менување на знамето се одржува секој втор петок во месецот, со учество на Баталјонот за почести при македонската армија и ја симболизира почитта кон знамето и државата.

