Македонија
Јотова со порака: Сакаме да бидеме добри соседи, но да го почитуваме нашето заедничко културно наследство

Бугарија не го оспорува суверенитетот и јазикот на современите држави, изјави бугарската потпретседателка Илијана Јотова.
Јотова како што пренесуваат бугарските медиуми, вели дека не спречуваат никого во самоопределувањето, но ќе ги спречат обидите да се припише историјата.
„Ние не спречуваме никого во самоопределувањето ниту во нивниот јазик, но многу ќе ги спречиме токму овие обиди да се припише историјата, на соодветни факти. Сакаме да бидеме добри соседи, но да го почитуваме нашето заедничко културно наследство, бидејќи тоа е клучот за без спорови и конфликти. Науката, истражувањето, штити од искушението да се создаде фиктивна историја, што неминовно води до политички и билатерални или мултилатерални конфликти. Во последните неколку дена, во изјавите на некои политички и владини лидери на соседните земји за жал, токму тоа можеме да го видиме“, истакнува Јотова.
Бугарскиот премер Димитар Главчев е во Брисел. Тој за бугарските медиуми изјави дека Бугарија ќе инсистира Европскиот совет да ги потврди заклучоците за Северна Македонија и да ја повика земјата да ги почитува преземените обврски за да продолжи на својот пат кон ЕУ.
На прашањето дали разговарал со грчкиот колега за некакви заеднички активности во однос на позицијата на Скопје, Главчев одговори:
„Не сум разговарал со колегата од Грција за тоа прашање, но претпоставувам дека и тој нема да остане неактивен. ”
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од утре дожд и снег на планините и повисоките места

Од утре попладне до петок под влијание на влажен бран ќе има врнежи од дожд, локално пообилни, информира УХМР.
Вкупно од овој бран се очекува на повеќе места да наврнат над 30 литри на метар квадратен, а локално и над 50 литри.
Поради продор на постудена воздушна маса од север и засилен северен ветер, во четврток на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а поради натамошно спуштање на студен воздух, во петок ќе има услови да преминуваат во снег и на некои од повисоките места.
На повисоките планини ќе се формира снежна покривка. Температурата на воздухот значително ќе опадне.
Во Скопје, од утре кон крајот на денот до петок времето ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд, повремено побилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а температурата значително ќе опадне.

Извор: УХМР
Македонија
Грејната сезона најрано може да почне на 1 октомври

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) информира дека грејната сезона започнува на 15 октомври 2025 и завршува на 15 април 2026 година.
Но доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 ºС, тогаш грејната сезона може најрано да започне од 1 октомври и да заврши најдоцна до 30 април.
Во исто време, РКЕ информира дека систем операторот за пренос на гас НОМАГАС најави дека оваа година поради ремонтни активности на регионалните транспортни системи за пренос на природен гас и гасоводот Турски тек се очекува од 13 до 17 октомври да има прекин во испораката на природен гас кон потрошувачите во земјава.
РКЕ потсетува дека сигурноста во снабдувањето е примарен интерес и дека законската регулатива овозможува во услови на прекин на испорака, операторот со природен гас НОМАГАС да може да изврши навремено полнење на цевката и количината да ја распредели соодветно во критичните денови за корисниците кои се греат на топлинска енергија.
Согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 º C.
РКЕ апелира до станарите, односно заедниците на станари да ги проверат внатрешните инсталации и инсталациите во објектите, и да ги подмират сметките за електрична енергија за топлинските потстаници со цел грејната сезона да започне без проблеми.
Македонија
Јаневска: Државата целосно го финансира учеството на талентираните ученици на меѓународни натпревари

Од оваа година, Министерството за образование и наука целосно ги покрива трошоците за пат и котизација на учениците и нивните ментори кои ќе се квалификуваат на меѓународна научна олимпијада или натпревар, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на конференција организирана од Институтот за хемија при Природно – математичкиот факултет во Скопје, на која беа претставени успесите на македонските ученици и нивните ментори постигнати на меѓународните научни олимпијади по хемија во оваа календарска година.
„Ги следам учествата на сите наши млади на меѓународните натпреварувања и водена од успесите ваши и на генерациите пред вас, ми беше должност да се заложам, а Владата ми даде поддршка и заедно го решивме предизвикот кој се провлекуваше од минатото и го доведуваше во прашање учеството на македонски претставници на големи меѓународни ученички натпреварувања. Од оваа година, Министерството за образование и наука целосно ги покрива трошоците за пат и котизација на учениците и нивните ментори кои ќе се квалификуваат на меѓународна научна олимпијада или натпревар. Поставивме системско решение и повеќе никој нема да има финансиски предизвици за да отпатува и да ја претставува својата земја“, рече Јаневска.
На Меѓународната олимпијада по хемија што годинава се одржа во Дубаи, македонските ученици освоија по еден сребрен и бронзен медал, како и една пофалница, додека на Меѓународната „Менделеев“ олимпијада во Бело Хоризонте во Бразил освоија два бронзени медали.
„Овие деца се дел од таа генерација во која веруваме дека може да донесе подобри времиња. Затоа што го ценат знаењето, постојано да надградуваат, знаат дека науката е столб на просперитетот и што е најважно – имаат натпреварувачки дух и прифаќаат предизвици што мора да се решат за да се стигне до победата“, рече Јаневска.
Изрази уверување дека министерството ќе продолжи да ги унапредува политиките за поддршка на талентираните ученици и студенти, да доделува стипендии, парични награди и да вложува во младите научници.