Македонија
Левица: Со денови се чека на Онкологија поради недостаток на кадар и лошо менаџирање
Поради недостаток на кадар и лошо менаџирање на постоечките човечки ресурси, во јавните здравствени установи се чека со денови за преглед или администрација на терапија, реагираат од Левица.
„До нас пристигна информација за случај на пензионерка, која по долг пат и многу надеж дека ќе ја прими терапијата на Клиниката за онкологија, била вратена дома без да ја добие потребната терапија. Од 6:40 часот наутро до 9:30 часот чекала за ‘бројче’, само за на крај да биде информирана дека сите места за терапија се веќе пополнети и дека терапијата ќе ја прими следниот ден… Пациентите, вклучувајќи ја и нашата сограѓанка, беа вратени без било каква грижа или разбирање за нивната ситуација. Пациенти од цела Македонија со часови патуваат до Клиничкиот Центар во Скопје само за да дознаат дека нема да ја добијат потребната терапија и соодветната грижа! Недостатокот на медицински сестри и организираност предизвикува дополнителни трошоци за овие луѓе кои веќе се соочуваат со тешки финансиски и здравствени предизвици. Ова не е првпат Онкологија да биде центар на скандали. Се сеќаваме на шокантните настани кога цитостатската терапија беше крадена и продавана во Косово. Таквите криминални дејства и невнимание кон пациентите ја рушат довербата во здравствениот систем“, се вели во соопштението на Левица.
Од таму дополнуваат дека од непозната причина, покрај сите скандали со перење пари преку тендери на јавните здравствени установи, скандалот со цитостатиците кои се шверцувале во Косово и недостаток на медицински кадар, сепак, ресорот – здравство повторно припадна на Алијанса на Албанците, која во претходната влада беше во коалиција со СДСМ, а во новата влада е во коалиција со ДПМНЕ.
„Здравствениот систем мора да им служи на граѓаните, а не обратно! Ова се примери за крајна неорганизираност и невнимание кон пациентите, па здравството со години служи само за политички пазар“, завршуваат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

