Македонија
За 24 часа низ државава пожарникарите гаснеа 10 пожари на отворено
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно десет пожари на отворено и неколку помали интервенции. Еден се уште се води како активен, во Општина Василево, кај с.Добрашинци, каде гори ниска вегетација, ниска шума и грмушки.
Целосно изгасените се девет пожари на отворено во општините: Гази Баба имало два пожара, кај с.Јурумлери(горело жито) и повторно с.Јурумлери (ѓубре), Карпош, кај с.Злукуќани (ниска вегетација), Кавадарци имало 3 пожари, кајс.Ваташа (ниска вегетација, нискастеблеста шума), покрај ул.Видое Смилевски Бато(ниска вегетација) и покрај ул.Ристо Ѓонев во с.Ваташа(ниска вегетација), Битола, кај училиштето „Тодор Ангелевски“ (ниска вегетација), Охрид, кај месноста „Мауцкер“ (депонија) и во Општина Куманово, кај с.Лопате (горела ниска вегетација).
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира, во последното деноноќие, имало вкупно 2 024 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК. Од нив „реални“ повици биле 58,60%, а 41,40% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 57,14%, кон Итната медицинска помош 27,73%, а кон пожарникарите 5,04%, од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, имало 878 повика за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (10,08%) и на тие што се именувани како „неитни повици“ (41,40%). Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).
Регионалниот ЦУК Тетово, информира дека Општина Тетово утре (01.07.2024 година понеделник), ќе се врши планираната дератизација на територијата на Град Тетово, за уништување на глодари. Дератизацијата ќе започне од 08:00 часот, ако се поволни временски услови. Се апелира до граѓаните да бидат внимателни и да ги следат упатствата и заштитните мерки дадени од надлежните, од општината.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

