Спорт
(ВИДЕО) Шпанија рутински ја победи Грузија

Шпанците почнаа да доминираат од првата минута и имаа огромна предност во поседот на топката.
Тие создадоа и неколку ситуации пред противничкиот гол во воведните минути, но не ги искористија, додека на другата страна Грузијците погодија од еден од нивните први поконкретни напади.
Во 18. минута тргнаа во брз контранапад, а Отар Какабадзе нафрли од десната страна.
По тој центаршут натрча Хвича Кварацхелија, а пред него несмасно реагираше Робин Ле Норманд кој ја смести топката во сопствената мрежа.
И по водството на Грузија се играше како и досега, Шпанците напаѓаа, а Грузијците своите прилики ги чекаа на контра.
Сепак, Шпанија овојпат постигна гол. По долгиот напад во 39. минута, Нико Вилијамс му ја даде топката на Родриго, а тој од 16 метри упати неодбранлив удар за 1:1.
Второто полувреме беше отворено со една интересна ситуација во која Кварацхелија за малку ќе го искористеше тоа што Унаи Симон беше далеку од неговиот гол со паметен удар од својата половина.
Веќе во 51. минута Фабијан Руиз погоди за пресврт.
Ламине Јамал нафрли од десната страна, а Руиз остана сам пред голот на Грузија и од непосредна близина реализираше со глава за 2:1.
Грузијците потоа се отворија со намера да се обидат да израмнат, но тоа ги чинеше и го примија третиот гол.
Руиз со долга топка го пронајде Вилијамс, а тој брилијантно ја проби десната страна на противничката одбрана и со силен удар упати покрај Џорџи Мамардашвили за зголемување на водството.
Дани Олмо ја потврди победата и преминот во четвртфиналето за Шпанците.
Грузија ја загуби топката на својата половина, а Микел Ојарзабал ја пропушти за Олмо.
Поранешниот играч на Динамо си создаде простор за шут и од нешто помалку од 16 метри со помош на блок ги постави конечните 4:1.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
За Ендрик нема место во Реал

Младиот бразилски напаѓач, Ендрик не успева да се наметне во Реал под команда на Чаби Алонсо. Бразилецот е закован за клупата, не одигра ниту една секунда од почетокот на сезоната и се очекува во јануари да биде испратен на позаијмица.
Пред неколку недели Ендирк се поврзуваше со Валенсија, а бразилскиот „ESPN“ пишува дека Марсеј се приклучил во трката.
Тимот предводен од Роберто де Зерби има бод помалку од првопласираниот Пари Сен Жермен и се чини дека би можеле да се борат оваа сезона за титулата.
Со оглед на тоа што Африканскиот куп на нации доаѓа во зима, Марсеј ќе биде без Обамејанг и Гири со што ќе се отвори дупка во нападот и потенцијален проблем во трката за трофејот.
Ендрик би можел да биде решението. Засега, Бразилецот не сака да брза со одлуката, но очигледно е дека ќе мора да замине од Мадрид доколку сака да игра и да се избори за место во репрезентацијата која ќе настапи на Светското првенство следното лето.
Спорт
„Модриќ, Џеко, Варди. Кој ќе плати за да гледа гробишта за слонови?“

Италијанскиот фудбалски новинар Паоло Барџиѓа предизвика бурни реакции откако објави нова епизода од подкастот „Центрокампо“, каде што даде низа остри коментари против одредени фудбалски ветерани, вклучувајќи го и Лука Модриќ.
Неговите изјави, кои ги пренесоа „Milannews.it“ и бројни корисници на социјалните мрежи, предизвикаа бран полемики во Италија.
Во клип кој брзо стана вирален, Барџиѓа ја спореди италијанската Серија А со „гробишта на слонови“, алудирајќи на фактот дека клубовите сè повеќе им даваат шанса на играчите во доцните фудбалски години, наместо на помладите таленти.
Како примери ги наведе Лука Модриќ, Един Џеко и Џејми Варди.
„Модриќ во Милан, Џеко, Варди… Тие се готови како играчи! Кој ќе плати за да гледа гробиштата на слонови? Го носите Ричи за 25 милиони, а играте со некој што има 40 години!“, рече Барџиѓа, предизвикувајќи лавина реакции од јавноста.
Сепак, формата на хрватскиот ас ги негира сите негови тврдења. Лука Модриќ, кој ова лето пристигна во Милано како слободен агент од Реал Мадрид, продолжува да докажува дека возраста не е пречка за него. Од почетокот на сезоната, тој ги одигра сите шест натпревари од Серија А во почетниот состав и e еден од клучните играчи во тимот на Масимилијано Алегри.
„Росонерите“ моментално се на третото место на табелата, а примија само три гола.
Покрај тоа, „Ла Газета дело Спорт“ наведува дека Модриќ е на самиот врв во лигата по бројот на прецизни додавања и точноста на додавањата, поради што раководството на Милан веќе планира да му понуди продолжување на договорот.
Спорт
„Нејмар во Интер? Глупости!“

Во изминатите неколку дена се појави информација дека Нејмар бил понуден на Наполи и Интер ова лето, но повредата го натерала да остане во Сантос.
Бидејќи неговиот договор со Сантос истекува на крајот од годината, извесно е дека брилијантниот напаѓач ќе го промени клубот.
Се споменуваше Интер Мајами, каде што ќе им се придружи на Меси и Суарез, а се пишуваше дека повторно ќе биде понуден на клубови од Серија А.
Сепак, тоа нема да биде Интер од Милано, бидејќи спортскиот директор на овој клуб, Пјеро Аусилио, ги негираше тврдењата на медиумите.
„Нејмар во Интер? Тоа се глупости! Никогаш не сме разговарале за тоа, ниту сме испратиле понуда. Се обидовме со Лукман, но напредокот на Пио Еспозито и Бони ни овозможи да видиме напредок. Исто така, го следевме Хојлунд“, рече Аусилио во интервју за „Кориере дело Спорт“.