Европа
(Видео) Украинците објавија невидени снимки од преземањето на Змискиот Остров

Досега невидени снимки објавени вчера од Украинската служба за безбедност (СБУ) покажува како киевските сили пред две години зазеле клучен пункт во Црното Море. Украинските сили, заедно со агентите на СБУ, „спроведоа уникатна и исклучително важна операција“ на Змискиот Остров во јуни 2022 година, се вели во објавата на СБУ во „Телеграм“.
Московските воени авиони го гаѓаа Змискиот Остров во првите часови од инвазијата, која почна на 24 февруари 2022 година. Украинските војници стационирани на островот добија култен статус кога одговорија со пцости на барањето да се предадат.
Судирите меѓу руските и украинските војници за Змискиот Остров повторно се најдоа на насловните страници во јуни истата година. Украинците ја презедоа контролата на островот, а Русите најавија дека ќе се повлечат од островот.
Звільнення о. Зміїний: унікальні кадри воїнів СБУ
У червні 2022 року спецпризначенці ЦСО «А» СБУ разом із бойовими побратимами з ГУР МОУ та ЗСУ провели унікальну та надзвичайно важливу операцію.
Пам’ятаємо Героїв України, які віддали свої життя у цій битві.
1/3 pic.twitter.com/qtDOT8nNLg
— СБ України (@ServiceSsu) June 30, 2024
„Руските вооружени сили ги завршија задачите на Змискиот Остров и се повлекоа“, изјави тогаш портпаролот на руското Министерство за одбрана.
Видеото на СБУ покажува како украинските војници се приближуваат до Змискиот Остров и пукаат во цели. Камерите покажуваат и војници како слетуваат на островот и се пробиваат низ срушените згради додека пукаат со оружје, пишува „Њузвик“.
Операцијата „се состои од неколку фази“, соопшти СБУ. Тие додадоа дека повторното заземање на Змискиот Остров „било од стратешко значење бидејќи оттогаш почнало постепеното движење на непријателот од Црното Море“.
Кирило Буданов, шеф на украинската воена разузнавачка агенција (ГУР), претходно го опиша Змискиот Остров како стратешки клучен од цивилни, комерцијални и воени причини. „Оној што го контролира островот може во секое време да го блокира движењето на цивилните бродови во сите правци кон јужна Украина и да ја нападне западна Украина“, рече Буданов во средината на мај 2022 година.
Островот се наоѓа во близина на Романија во северозападниот дел на Црното Море. За време на војната, Украина ја ослабе руската Црноморска флота, која делумно оперира од руската база Севастопол, на западниот раб на анектираниот полуостров Крим.
Извештаите сугерираат дека Кремљ планира нова воена база во пристаништето Очамчире во Абхазија, отцепен регион на Грузија. Ова би ги ставило руските бродови уште подалеку од украинскиот брег. Западното разузнавање процени дека Русија веќе ја ограничила својата активност во северозападниот дел на Црното Море преместувајќи ги своите бродови уште на исток во својата база во Новоросијск.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Данските власти поставија воен радар на аеродромот во Копенхаген за откривање дронови

Откога неидентификувани дронови беа забележани над данските аеродроми и воени бази речиси секоја вечер минатата недела, данските власти презедоа низа мерки за да се осигурат дека претстојниот состанок на лидерите на Европската Унија во Копенхаген ќе помине без безбедносни закани.
Откога минатата сабота беше забранета целата активност на дронови над Данска, фрегатата на германската морнарица „ФГС Хамбург“ се закотви во пристаништето во Копенхаген во неделата. Германскиот брод ќе придонесе за надзор на данскиот воздушен простор за време на самитот на Европската Унија, објавија данските медиуми.
Најновата мерка на данските власти е инсталирање современ радар за откривање и следење дронови „Вајбел Ксента“ на аеродромот „Каструп“ во Копенхаген.
Данската полиција и Генералштабот на вооружените сили не сакаа да дадат подетаљни информации за радарот што може да се види зад оградата кај „Каструп“. Познато е само дека станува збор за уред од данската компанија „Вајбел саентифик“, што може да детектира сите летала на растојание до 30 километри.
фото: принтскрин
Европа
Орбан: Секој друг извор на нафта и гас, освен рускиот, е несигурен и поскап

Снабдувањето на гас и нафта од Русија е загарантирано за Унгарија, а секој друг извор на енергија е несигурен и поскап, изјави денес унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
„Ниеден разумен човек не би разменил нешто сигурно за нешто неизвесно“, рече Орбан денес во поткастот Fight Hour, како што објави унгарската агенција MTI. Унгарскиот премиер рече дека испораката на енергија од Русија е загарантирана и дека цената е пониска отколку од другите земји. Доколку Унгарија купува нафта и гас од други земји по повисока цена, ќе мора да им наплаќа повеќе на своите жители, рече Орбан.
Унгарија, Словачка и Чешка се трите европски земји на кои им се дадени ослободувања од европските санкции за увоз на руска нафта. Чешка оттогаш обезбеди други извори на снабдување, но Унгарија и Словачка продолжуваат да увезуваат нафта од Русија преку нафтоводот „Дружба“.
фото: принтскрин
Европа
Рекорден премин на Ла Манш: 125 мигранти пристигнаа со еден брод

Рекорден премин на Ламанш беше забележан во саботата кога дури 125 лица пристигнаа во еден мал брод, што е досега најголем број патници во еден брод. Вкупно, речиси 900 мигранти го преминаа Ламанш во саботата, пишува Би-би-си.
Со ова е соборен претходниот рекорд од август, кога во еден брод имаше 106 лица. Официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека 895 мигранти пристигнале во 12 бродови во саботата, со што вкупниот број на преминувања од почетокот на 2025 година достигна приближно 33.000.
Во сенка на нова трагедија
Веста доаѓа откако уште еден мигрант почина обидувајќи се да премине, а неговото тело беше пронајдено во неделата наутро на плажа во близина на Булоњ-сур-Мер во северна Франција, објави новинската агенција АФП.
Возраста и националноста на починатиот сè уште не се познати. Обвинителката на пристанишниот град, Сесил Гресиер, изјави за АФП дека истрагата ќе утврди дали постои врска помеѓу оваа смрт и обидот за премин во близина на Екиен-Плаж, каде што беше пронајдена 49-годишна жена и однесена во болница поради хипотермија.
Во саботата, две жени од Сомалија исто така ги загубија животите откако нивниот импровизиран чамец наиде на проблеми. Со ова, бројот на смртни случаи при обид за нелегално преминување од Франција во Велика Британија оваа година се искачи на најмалку 27.
фото: принтскрин