Култура
Монографија за Питу Гули од Кочо Топузоски
Во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје излезе од печат монографија за Питу Гули, историографски труд од познатиот македонски писател и публицист Кочо Топузоски.
Книгата е објавена во знак на одбележување 120 години од загинувањето на легендарниот војвода од Мечкин Камен, Питу Гули (1865 – 1903), чиј животен и револуционерен век се поклопува со најзначајниот период од борбата на македонскиот народ за самостојност и создавање национална држава, познат во историските традиции како илинденска епопеја.
Монографијата се појави во едицијата „Сведоштва“ и таа донесува обемен историографски материјал од архивски карактер, потоа од спомени, од изворни семејни кажувања, а користени се и материјали од весници, списанија и зборници. Книгата располага со низа факсимили од оригинални и до сега непознати документи и фотографии.
Кочо Топузоски (1951) е автор на повеќе книги од областа на поезијата и историографијата. Меѓу нив се и: Ноќни делби, поезија (1975); Питу Гули – живот и потоа, историско-биографски осфрт (1995); Болна прелест, поезија (2003); Питу Гули – живот и потоа, дополнето издание (2003); Никола Карев – живот и потоа, монографија (2005); Никола Карев – патешествија низ документи, монографија (2008); Препознавања, поезија (2012); Војводата Питу Гули, монографија (2015); Посланија и риданија, поезија (2016); Нафора мугреница, поезија – избор на македонски, албански и влашки јазик (2017); Ветераните на Илинден, историографија (2017); И жега и река, поезија – избор (2020); Илинденската споменица, историографија (2023) и Питу Гули, монографија (2024).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Антево слово 2024“ – свечено доделување на наградите
На 10 јули 2024 година (среда), со почеток во 19 часот, во спомен-собата на Анте Поповски во Центарот за култура во општина Ѓорче Петров, ќе се одржи седмото издание и официјално доделување на наградите „Антево слово“, кои се дел од меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ (Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia) за најдобра поетска творба во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски – „Антево слово“.
Во соработка со здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, наградата „Антево слово“ е конституирана како дел од оваа меѓународна манифестација, која се одржува секоја година во градот Каникати на Сицилија, Италија, а воедно и прва од ваков вид што се доделува за македонски автор надвор од нашата држава.
По објавениот повик за испраќање песна по слободен избор за учество на седмиот меѓународен конкурс и доделување на наградата „Антево слово“ на македонски и италијански или англиски јазик, со свои дела се пријавија повеќе од 100 поети од Македонија и Англија, Албанија, Бугарија, Тунис и Кипар. Годинава првата награда ја доби Македонка Божиновска, втората награда им припадна на Милена Сиљаноска и Александра Спасеска, третата награда ја делат Рекио Фебија од Италија и Антева Темјана, односно Силвана Димитриевска, наградата за млад автор на годишниот поетски конкурс е Васја Мицковски.
На свеченото доделување на наградите ќе присуствува Геро Ла Векија, а оваа година ќе се доделат наградите и за добитниците од изминативе пет години. Лауреати носители на наградата „Антево слово“ се: Томислав Османли, Катица Ќулавкова, Драгана Евтимова, Иван Антоновски, Ива Дамјановски и Виолета Танчева-Златева. Своите наградени стихотворби ќе ги презентираат и другите наградени.
Освен наградите за авторите, ќе бидат доделени благодарници и на релевантни луѓе што му помогнале на „Антево слово“ во текот на годините. Настанот ќе го води Александра Велинова, а преводот на италијански јазик ќе го проследи Маја Божиновска.
„Во апстрактниот простор – време што се приближува неверојатно до сите луѓе без најмала разлика не само на пол, вера, националност, возраст, но исто така и во своето постоење и непостоење, поезијата успева да биде ’медиум’ во ’континуитет’ помеѓу земјата и небото, помеѓу телото и душата, меѓу прагматизмот и утопијата. Целта на овој конкурс е да се шири културата на чувства, емоции, страсти, знаење во текот на целиот живот и реализирање на ’експресивната слобода’, која е од суштинско значење и привилегија за секој современ општествено ангажиран човек“, изјави Митко Гогов од здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, кој во соработка со фамилијата на Анте Поповски и меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ ја утврди оваа награда.
Сите учесници имаа можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело Ла Векија (Angelo La Vecchia), познат на Сицилија и на територијата на Италија со својата работа како поет, драмски писател, историчар и професор, и наградата „Антево слово“, која се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.
Култура
Отворено 16 издание на Битолското културно лето „Бит фест“
Градскиот стадион „Петар Милошевски“ во Битола, синоќа за првпат ги отвори вратите за спектакуларен концерт со кој беше означен официјалниот почеток на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“. Над 4000 посетители, уживаа и се забавуваа со „Симфонија на ѕвездите“, на која заедно со Камерниот оркестар на Битола, настапија повеќе познати музички имиња, меѓу кои „Паркети“, „Суперхикс“, Констракта, Каролина Гочева, Love Itoya, Schiller, Pig & Dan и Brass Brothers.
Присутните ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој најави дека овој настан е само почеток на прекрасната програма на БИТ ФЕСТ ова лето. Коњановски се заблагодари за поддршката од своите сограѓани и интересот за организација на еден ваков голем настан, кој покажува дека Битола навистина е град на културата со големи културни капацитети кои од година во година, спонтано наметнуваат се повисоки стандарди на квалитет.
На вечерната програма по повод отворањето на „БИТ ФЕСТ“, претходеше програма за најмладите или првата детска олимпијада насловена „Ај на Олимпијада во Битола”, на која учествуваа околу 200 деца на возраст од 5 до 10 години. Заштитно лице на олимпијадата е пелистерскиот рис Менде, а имињата на тимовите беа инспирани од најпознатите битолски населби.
Настанот се одвиваше на тениските игралишта до Градски стадион и беше вистинска симбиоза на насмевки, возбуда и многу интересни спортски игри.
Битола вчера покажа дека е град на спортот, град на културата и град кој заслужува повеќе настани од ваков карактер, што беше посебно потврдено од страна на среќната и задоволна публика.
Организатор на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“ е Општина Битола, заедно со своите соработници и културни работници.
Култура
Љутков: Целата постапка на преземањето на Универзалната сала е проблематична, нарачавме ревизија
Целата постапка на преземањето на Универзалната сала на Министерството за култура од Град Скопје е многу проблематична, изјави министерот за култура, Зоран Љутков.
Министерот е дециден, не би ставил свој потпис на ниедна натамошна акција што ќе биде поврзана со Универзалната сала.
„Испративме допис до Државниот завод за ревизија да ја испита целата постапка од самиот почеток досега и ќе донесеме заклучоци по нивниот извештај“, рече Љутков одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на локалитетот Тумба Маџари.
Пожарот во Универзалната сала избувна пред три месеци во текот на градежните активности за време на нејзината реконструкција.