Македонија
ССНМ ги осудува заканите кон колегата Видиновски и бара негова заштита
Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници ги осудува директните закани кон колегата од „Канал 5“, Александар Видиновски, и бара од надлежните да постапуваат по очигледната закана за безбедноста на новинарот.
Под објавата на својот фејсбук-профил на репортажата од Пустец, Албанија, Видиновски доби сериозни и застрашувачки закани од лицето Виктор Стојанов, кое има забрана за влез во Македонија на неопределено време поради дејства насочени против македонската држава. Тој го обвини Видиновски дека лаже и му се закани со притворање.
ССНМ смета дека слободата секој на свој начин да го толкува новинарскиот труд и да си зема право да се заканува на социјалните мрежи и во коментарите на објавените вести, па и во лична комуникација, добива интензитет и затоа брза и ефективна реакција на соодветните институции е исклучително важна во делот на сузбивањето на веќе утврдената пракса. Ваквите форми на притисоци и директни напади врз новинарите и медиумските работници претставуваат и закана за слободното изразување и слободата на медиумите, а лесно може да се претворат во посериозно попречување на работата на новинарите, која е од јавен интерес.
Во исто време, ССНМ бара од Министерството за надворешни работи да реагира до бугарското МНР бидејќи според договорот за добрососедство двете страни се обврзани да регистрираат и постапуваат по акти со говор на омраза кон другата страна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворен почесен конзулат на Австрија во Битола
Денеска во Битола беше отворен конзулатот на Австрија, а функцијата почесен конзул ќе ја врши битолчанецот Игор Божиновски. Конзулатот на Австрија се наоѓа на улицата „Виенска“.
На свеченоста која се одржа се обрати австрискиот амбасадор Мартин Памер, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, конзулот Игор Божиновски и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски пред присутните ја истакна важноста на отворањето на уште еден конзулат во Битола, а со тоа и интензивирање на соработката со Австрија.
„Битола од денеска е побогата за уште еден конзулат, сега од пријателската држава Австрија, со што го враќаме епитетот Битола конзулски град“, истакна Коњановски пред присутните гости, дипломатскиот кор, пратеници и други гости.
Со ова Битола има седум почесни и два генерални конзулати.
Македонија
Николоски и Мисајловски во посета на Република Унгарија
Владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и министерот за одбрана, Александар Николоски и Владо Мисајловски, денеска се во работна посета на Унгарија.
За време на посетата министрите Мисајловски и Николоски остварија средби со главниот советник за национална безбедност, Марцел Биро и со Мате Лога, државен советник во Министерството за национална економија, за економски развој и национални финансиски сервиси.
Денешната работна посета е во насока на зајакнување на меѓусебната севкупна соработка меѓу двете земји особено на полето на одбрана и безбедноста и на економските врски.
Во рамки на денешната посета, како дел од македонската делегација, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со својот унгарски колега генерал Габор Боронди, а државниот секретар во министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова оствари средба со заменик-министерот за одбрана, Тамаш Варга.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.

