Економија
Министерот Дурмиши оствари средба со претставници на СКСЗМ: Преку блиска соработка со бизнис секторот заеднички ќе креираме политики за поддршка на компаниите
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши денеска оствари состанок со претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), Менди Ќура.
На состанокот присуствуваа и дел од членовите на Управниот одбор и претставници на компаниите – членки на комората.
Целта на средбата беше прво запознавање на министерот Дурмиши со деловните субјекти членки на оваа комора, како и презентација на мерките, инструментите и активностите предвидени во Буџетот на Министерството за економија и труд до крајот на годината.
Министерот Дурмиши на состанокот истакна дека главниот фокус на Министерството за економија и труд од сега ќе биде блиска соработка со бизнис секторот преку која ќе се креирааат јасни политики за поддршка на компаниите.
Министерот на претставниците од Стопанската комора на Северопзападна Македонија им порача дека Владата и Министерството за економија и труд ќе ги поддржат сите иницијативи кои доаѓаат од страна на Стопанските комори, иницијативи кои што ќе значат пообрување на економскиот амбиент во државата, како и подобрување на животните услови на сите граѓани во Северна Македонија, односно додадена вредност во квалитетот на нивниот живот.
Како што потенцираше Дурмиши, соработката на Министерството за економија и труд со претставници на коморите во иднина ќе се одвива во сите фази на изготвување на закони, програми, стратешки документи и слично. Оваа соработка вклучува земање во предвид и вградување на нивни сугестии, предлози и укажувања во сите документи и законски акти кои се изработуваат.
Министерот Дурмиши изрази надеж и сигурност дека во иднина ќе има интензивна соработка со бизнис заедницата, бидејќи бизнисот и економијата се најважен двигател во функционирањето на една држава.
Во дискусијата со претставниците од Комората на Северозападна Македонија беа разменети мислења и за предизвиците и проблемите со кои се соочува бизнис заедницата со оглед на актуелните економски и политички случувања, како и за потребата од поголема вклученост во подготовка на законските решенија коишто директно го засегаат бизнис секторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Во октомври годишен раст од 11,0 отсто на вкупните депозити и од 9,2 отсто на вкупната кредитна поддршка
Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,0%, којшто произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на следниот линк.
Економија
Преку Wine vision by Open Balkan ќе се промовира македонското врвно вино и традиционалната македонска храна
Од 22 до 24 ноември оваа година се одржува најголемиот саем во Белград „Wine vision by Open Balkan“ каде што свое место ќе заземе и македонското вино и традиционалната македонска храна.
Оваа година од Македонија на саемот во Белград ќе учествуваат 80 наши винарии и дестилерии, 6 изложувачи на храна и ресторан со 3 готвачи.
Токму на овој настан посетителите ќе имаат можност да ги вкусат врвните македонски вина, да се запознаат со нашите традиционални вкусови и гастрономски особености.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги поддржува нашите изложувачи се со цел да се промовираат земјоделските производи и да се прошири извозот на истите надвор од границите на државата.
Во склоп на настанот кој што се одржува овие неколку дена ќе се одржи и македонска вечер на која што ќе присуствуваат високи делегати и владини претставници од други држави.
Преку македонската вечер присутните гости ќе се запознаат со богатството со кое што располага Македонија кога станува збор за вино и храна, велат од МЗШВ.
Економија
Следната недела ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост
Следната недела, од 26 до 28 ноември, ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија. Конкретно, организаторите се Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување.
Деновите на финансиската писменост ќе бидат организирани главно како едукативни предавања. Сите институции коишто учествуваат во годинешното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи, ќе ги информираат граѓаните за активностите и за настаните што се планираат, известувајќи и за начинот на пријавување на секој заинтересиран граѓанин.
Финансиските регулаторни институции ги повикуваат граѓаните да ги следат информациите за планираните активности и активно да се вклучат во годинешното издание на Деновите на финансиската писменост. Целта на оваа акција е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.
Конкретно, Народната банка организира Јавен повик до јавноста за земање учество на повеќе едукативни активности. На првиот ден, Народната банка ќе ги отвори вратите за сите заинтересирани лица коишто ќе можат да се информираат за правата на потрошувачите на финансиските услуги. Вториот ден ќе бидат организирани три он-лајн предавања на три теми: „Во светот на финансиите – Финансиска едукација за средношколци“, „Заштитни елементи на македонските пари“ и „Платежна сметка со основни функции“. Во текот на третиот ден ќе биде организиран студентски час во просториите на Народната банка наменет за студентите од факултетите во земјата на следните три теми: „Монетарната политика на Народната банка“, „Улогата и значењето на статистичките податоци на Народната банка“ од страна на претставници на Народната банка и „Младите и финансиската едукација“ во соработка со Здружението Алпбах.
Во текот на годинава, финансиските регулаторни институции спроведоа голем дел од планираните активности во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија. За следниот период се очекува дополнително засилување на ваквите активности, имајќи го предвид спроведувањето на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.