Македонија
Изгаснат пожарот во станот во Ѓорче Петров

Пожарот кој се случи во станбената зграда на улицата Виа Игнација број 8 во општина Ѓорче Петров е локализиран и изгаснат, извести директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Во пожарот нема повредени лица, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Целосно ја расчистивме дивата депонија во Крњево, на ова место следува детско и спортско игралиште

Целосно е исчистена дивата депонија во населбата Крњево. Кандидатот за градоначалник и актуелен градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со идниот тим од советници и хигиеничари, изминатиот викенд, како што објави, ја почнаа акцијата за нејзино целосно расчистување.
Герасимовски потенцира дека чиста и уредна општина е приоритет од кој никогаш не отстапил, и дека грижата за хигиената е континуиран процес кој бара постојано вложување.
„Во сите четири години од мојот мандат посветено се грижевме за хигиената во Центар. Нашите хигиеничари беа секојдневно на терен за да го одржуваат Центар чист. Исчистивме повеќе диви депонии, а кога ЈП „Комунална хигиена“ и Градот Скопје потфрлија, општината самостојно го собираше отпадот. Тоа беше неопходен чекор за граѓаните да добијат услуга каква што заслужуваат. За неколку дена, дивата депонија во Крњево целосно ја исчистивме. Во моментов просторот се дезинифицира, а потоа следува и негово уредување. На ова место поставуваме детско и спортско игралиште, ново зеленило и урбана опрема. Ги подобруваме условите во сите населби, заеднички со жителите го направиме нашиот Центар поубав. За Центар што го сакаме“ изјави Герасимовски.
Герасимовски најави дека во новата програма за работа предвидува зголемување на капацитетите на општината со набавка на две нови цистерни и пет метларки, кои ќе овозможат уште поефикасно и пофреквентно чистење на јавните површини.
„Ќе продолжиме со инвестиции во опрема, инфраструктура и човечки ресурси, затоа што чиста општина значи поголем квалитет на живот за сите нас. Центар останува пример за одговорна и уредна урбана средина“, додаде Герасимовски.
Македонија
Застреланиот лекар Шаини ја брани сопругата: Ги отфрлам тврдењата дека зад ова стои госпоѓата Арјета Ајдини

Застреланиот лекар Зекирија Шаини ги отфрли како неосновани и невистинити тврдењата дека неговата сопруга Арјета Ајдини е вмешана во вооружениот напад врз него. Тој побара од истражните органи итно да ја расчистат ситуацијата и обвини дека целиот случај е обид за негова дискредитација.
„Целосно ги отфрлам како неосновани и невистинити тврдењата дека за ова стои госпоѓата Арјета Ајдини. Овој случај, за жал, се претставува со јасна намера за дискредитација на мене и моето семејство, како и за создавање збунетост и заблуда во јавноста,“ изјави Шаини, додавајќи дека нема никакви сознанија за мотивите на нападот и дека е подготвен за целосна соработка со институциите.
Тој апелираше случајот да не се третира како семеен спор. Кажа дека живее со сопругата и нивните две ќерки во село Слупчане и повика случајот да не се користи за политички поени во предизборниот период.
„Ќе продолжам со главата горе, од никого не се плашам, зашто лошо никому немам сторено,“ рече Шаини.
Иако поминаа само три дена откога беше застрелан на улица во Куманово, лекарот од Клиниката за пулмологија во Скопје Шаини, кој е носител на советничка листа на ДУИ за Липково, рече дека вечерва ќе излезе и на предизборен митинг.
Претходно беше објавено дека полицијата ја привела сопругата на Шаини и дека е била осомничена за вмешаност во обидот за негово убиство.
Македонија
Венецијанската комисија на Советот на Европа даде позитивно мислење за Предлог законот за јавно обвинителство и за Предлог законот за Советот на јавните обвинители

Денес, во Венеција, се одржа 114-та пленарна сесија на Европската комисија за демократија преку право – Венецијанска комисија при Советот на Европа, на која беше усвоено Заедничкото мислење за Предлог законот за јавно обвинителство и за Предлог законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија.
Во усвоеното мислење, Комисијата даде позитивна оцена за процесот и содржината на изработените закони, поздравени се реформските напори на Министерството за правда. Укажано е дека во двата предлог-закона се запазени меѓународните стандарди и имплементирани сите препораки. Дадени се и неколку дополнителни сугестии во насока на подобрување на законските текстови.
Со ова, се потврдува дека законите се целосно усогласени со европските принципи за професионалност и ефикасност на јавното обвинителство, како и со стандардите за транспарентно и одговорно функционирање на Советот на јавните обвинители.
На пленарната сесија, во име на Министерството за правда, свое обраќање имаше Александра Деаноска Трендафилова, како претседател на Работната група која ги подготви двата закона.
Министерството за правда ќе продолжи посветено да работи на спроведување на препораките, на унапредување на правосудните институции и на јакнење на владеењето на правото во Република Северна Македонија, велат од таму.
„Ова позитивно мислење претставува важна потврда на нашата европска определба, на транспарентниот и инклузивен пристап што го применуваме во процесот на реформирање на правосудството и на заложбата за градење правен систем кој ги одразува највисоките стандарди на демократија, правда и интегритет.
Двата закона се дел од Реформската агенда на Европската унија со рок до декември 2025 година“.