Македонија
Дамева: Граѓаните заслужуваат правда, не им е важно кои се членовите или претседателот на Судскиот совет, туку кој судија останува во судница
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева не ја поддржува тезата за колективна одговорност и смета дека индивидуалната одговорност мора да биде санкционирана и точно детектирана. Според неа, секоја одговорност има и презиме.
„Судскиот совет веќе сериозно отпочна со реформскиот процес и решени сме цврсто да успееме во оние процеси кои што се во наша надлежност, да ги имплементираме час поскоро. Судскиот совет веќе и персонално отпочна да се реформира бидејќи веќе има двајца нови членови во Судскиот совет од минатиот месец што значи дека до крајот на годината речиси помалку од половина ќе биде променет составот на Судскиот совет. Во однос на распуштање на Судскиот совет како правник не ја подржувам тезата за колективна одговорност. Сепак мојот личен став е дека треба да има индивидуална одговорност и таа да биде точно детектирана и санкционирана. Секоја одговорност има име и презиме, нека се детектира и секој нека си сноси индивидуална санкција, доколку нешто сторил противзаконски“, потенцира Дамева.
Таа се надева дека пред се ќе се почитува Уставот доколку се оди на принципот на распуштање на Судскиот совет.
„Во период од распуштање до конституирање на нов Совет, ќе настане вакуум период, кој иако би бил краток, постои опасност да застарат одредени постапки кои што се иницирани од граѓаните за нестручно и несовесно постапување на одредени судии. На граѓаните не им е важно кои се членовите и претседателот и што се дискутира на Судскиот совет, туку им е важно да постапува во надлежностите и кој судија останува во судницата. Граѓаните заслужуваат ниту еден судија да не влезе во судница да дели правда, односно неправда, затоа што по сила на закон застарела одредена постапка. Секоја реформа треба да биде добро обмислена. Граѓаните заслужуваат правда“, нагласи Дамева по конференцијата на тема „Напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија“, која денеска се одржа во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

