Скопје
Градоначалникот Ѓорѓиевски и министерот Ристовски најавија реконструкција на салата „Расадник“
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес заедно со министерот од новоформираното Министерство за спорт, Борко Ристовски, ја посетија салата „Расадник”.
Најавија дека по децении негрижа од поранешното раководство почнува процесот за нејзина реконструкција. Во финална фаза е нарачаниот проект од Општина Кисела Вода, која од минатата година, по долг и мачен процес, правно и без долгови ја презеде од Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт.

По изготвувањето на проектот, ќе може да се премине кон градежни активности, кои треба да им го вратат на граѓаните овој култен дом на спортот, од кои скопјани имаат прекрасни спомени. Проектот, кој се очекува да чини околу 1,5 милион евра, ќе биде финансиски покриен од Министерството за спорт.
„На мое големо задоволство, денес заедно со министерот од новоформираното Министерство за спорт, Борко Ристовски, сме во салата ‘Расадник’ за да информираме за нешто што се чекаше со децении. По еден долг период одбележан со негрижа и занемарување, некогашниот симбол на спортскиот дух на нашата општина и градот, салата ‘Расадник’, конечно, ќе биде реконструирана и вратена на користење на граѓаните.
Во текот на минатата година Општина Кисела Вода правно го презеде управувањето со овој објект. Без наталожените долгови, спортската сала „Расадник“ беше преземена од Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт, кое има задача да стопанисува со државни спортски објекти, но и да инвестира во одржување на спортските комплекси, а кое поради 30-годишната негрижа салата ја претворило во руина, во демолиран, небезбеден и целосно уништен простор“, рече Ѓорѓиевски.

„Уште тогаш, по извршениот увид, утврдивме дека е неопходна темелна реконструкција и веднаш почнавме со процесот на подготовка. Сакам да информирам дека Општина Кисела Вода го нарача проектот и тој е во финална фаза. Кога ќе биде готов, почнува реконструкцијата. Со оглед на тоа што се работи за искучително скап зафат, големо е моето задоволство што можам да информирам дека средствата се обезбедени и тој ќе се реализира преку Министерство за спорт во Владата на Република Македонија.
Оваа спортска сала има посебно место во срцата на нашите граѓани. Таа беше дом на култниот тим „Вардар“ и сведок на многу славни спортски моменти. За многумина од нас, таа е симбол на спортскиот дух, заедништвото и успехот и затоа нашата цел е да ѝ го вратиме загубениот сјај и таа повторно да биде место каде што ќе се пишуваат нови спортски истории. Сакам да му се заблагодарам на новиот министер за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и визијата што ја делиме. Неговата посветеност кон спортот и развојот на спортската инфраструктура е од клучно значење за овој проект. Очекувам дека ваквите проекти ќе станат чести во иднина и дека ќе имаме уште многу можности да инвестираме во спортската инфраструктура за доброто на нашите граѓани. Воедно, Со нетрпение очекувам реновираната сала „Расадник“ да го отвори своите врати и повторно да стане дом на тимот „Вардар“, кој со своите успеси ја испиша историјата на македонскиот спорт“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

„Денес е еден од оние денови кога се будат спомените, но и се отвораат нови можности за иднината, особено во делот на спортот. Како министер во новоформираното Министерство за спорт, со големо задоволство и гордост сакам да го најавам почетокот на реконструкцијата на спортската сала ‘Расадник’. Ова некогаш култно место за сите спортски вљубеници во нашата земја носи спомени за преполните трибини и за незаборавните натпревари во кошарка, ракомет и одбојка. ‘Расадник’ беше и дом на легендарниот клуб ‘Вардар’ и место на кое спортистите и навивачите живееја заедно во спортски дух и заедништво. Како спортист и ракометар, и јас лично имам длабока сентиментална врска со ова место, исто како и сите оние што некогаш тука играле или навивале. Искрено му се заблагодарувам на градоначалникот Ѓорѓиевски, кој денес е тука со нас. За пофалба се неговата решителност и напорите да го преземе управувањето на салата од поранешните централни власти, кои ја оставија во руинирана состојба. Заеднички успеавме да создадеме финансиска конструкција, која ќе овозможи реконструкција на ова некогаш култно место и негово враќање во живот. Кога проектот ќе биде готов, веднаш ќе почнеме со работа со цел ‘Расадник’ што побргу да биде повторно дом на спортот и расадник на идните спортски легенди. Нашата цел е овој простор да стане модерен спортски центар, кој ќе го негува спортскиот дух и ќе ги инспирира идните генерации“, изјави министерот за спорт, Борко Ристовски, најавувајќи дека како министер за спорт ќе работи на реализација на капитални спортски инфраструктурни проекти и поддршка на спортот и спортистите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Нема вработувања во Град Скопје – нема да дозволам ниту еден денар од буџетот на скопјани да биде злоупотребен
„Нема вработувања во Град Скопје – нема да дозволам ниту еден денар од буџетот на скопјани да биде злоупотребен!“, порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Јавно побарав од сите советници да гласаат против одлуката од минатото за вработување на 21 лице, одлука што директно би го чинела градот 1,4 милиони евра. Тоа се пари на граѓаните, средства со кои можеме да изградиме кружни текови, да обезбедиме нови автобуси и да реализираме проекти што носат реална корист за Скопје. На градскиот буџет гледам како на сопствениот.
Кога го презедовме градот во финансиски колапс, со одговорно и домаќинско работење успеавме повторно да го исправиме на нозе. И затоа, партиските апетити немаат место во Град Скопје. Се бориме за Скопје какво што го сакаме – функционално, чесно и во служба на граѓаните“, кажа Ѓорѓиевски.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.

