Црна хроника
Кривична против директорка на државен ученички дом во Битола, ја злоупотребила својата положба и го оштетила Буџетот на МОН
Вчера СВР Битола до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 57-годишната Е.С. од Битола, поради основано сомнение за сторени четири кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, сите од Кривичниот законик, извести МВР.
„Пријавената во својство на одговорно лице, директор на државен ученички дом во Битола ја злоупотребила својата службена положба и овластување и вршела несовесно работење во службата при што во повеќе наврати заедно со поранешниот секретар на домот ја напуштале државата со приватно возило, а во налозите за користење на службеното возило била евидентирана дека е на работа или на службено патување во државата, потоа реализирала повеќе службени патувања во странство со службеното возило заедно со лица кои не биле вработени во домот, без одлуки од Управен одбор за нивно одобрување“, соопшти МВР.
„Пријавената, исто така, на поранешниот секретар свесно и намерно не му го одобрила барањето за одмор, со образложение за неопходна потреба од негово присуство за извршување на работните обврски како секретар во домот, носејќи Решение за исплата на надомест за неискористени денови од одморот или вкупно 51 работен ден во износ од 103.989 денари, иако секретарот во тој временски период немал редовно присуство на работа, туку често бил отсутен и надвор од државата во работно време заедно со пријавената. Покрај ова, пријавената во четири наврати, и тоа на 20.07.2022, 15.09.2022, 05.10.2022 и од 20.10.2022 до 22.10.2022 година, иако знаела дека секретарот е веќе во пензија, му исплатила дневници за службени патувања во државата и му овозможила да користи службена претплата за мобилен телефон за периодот од јули 2022 до октомври 2023 година, додека за периодот од 01 до 30.11.2022 година му исплаќала пари по основ на договор за дело за вршење на општи и нормативно правни работи и договор за консултантски услуги, а покрај овие имала и други активни договори на дело, со што постапила спротивно на чл. 8 и чл. 9 од Законот за трансформација во редовен работен однос.
Со цел оправдување на сите горенаведени дејствија преземени од страна на пријавената, таа вршела изменување, дополнување и изготвување на фиктивни одлуки и записници. Исто така, таа како одговорно лице на ученичкиот дом во 2022 склучила Договор за дело за вршење на сметководствени услуги со правно лице од Битола во износ од 180.000 денари, без претходно спроведена постапка за јавна набавка и во 2023 година продолжила да исплаќа пари за извршените книговодствени услуги на истото правно лице, врз основа на непотпишан договор, кој бил само архивски заведен. Пријавената, ја злоупотребила својата службена положба така што одобрувала и исплаќала пари кон правно лице од Битола врз основа на фактури за набавка на компјутерска опрема и услуги кои реално не биле испорачани и извршени.
Со наредба на пријавената, пак, до Министерството за образование и наука се испраќале невистинити списоци за ученици вселени во домот со цел префрлање на поголем износ на пари од ресорното министерство по основ на партиципација, со што го оштетила Буџетот на МОН за износ од 202.500 денари“, се наведува во соопштението на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Повеќе сообраќајни незгоди во државата – пијан велосипедист и тинејџер со мотор меѓу повредените
Во текот на 5 ноември биле регистрирани повеќе сообраќајни несреќи низ земјата, во кои четворица учесници се здобиле со тешки телесни повреди, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Во Скопје, на обиколницата кај клучката Хиподром, автомобил „Фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 78-годишниот Б.В., излетал од коловозот. Возачот е пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде му биле констатирани тешки повреди.
Во село Радање, општина Карбинци, 22-годишен велосипедист изгубил контрола и паднал на коловозот, при што се здобил со тешки повреди и бил пренесен во штипската Клиничка болница. Истиот ден, во село Бучим кај Радовиш, 13-годишен малолетник управувајќи мотоцикл „Хамачи“ паднал и исто така се здобил со тешки телесни повреди.
Тешка несреќа се случила и во Гевгелија, на улицата „Моински пат“, каде што автомобил „Ленд Ровер“ удрил во велосипедист. Повреден е 51-годишен жител на Гевгелија, кај кого, по извршени проверки, било утврдено присуство на 1,94 промили алкохол во крвта.
Во сите случаи полициски екипи извршиле увид, а се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите на сообраќајките.
Црна хроника
Насилство во две основни училишта во Скопје
Во текот на изминатите денови во Скопје биле пријавени два одделни инцидента во училишта, информира Министерството за внатрешни работи.
На 3 ноември, околу 8:40 часот, во основно училиште во општина Карпош, малолетно дете било физички нападнато од друг ученик. Настанот бил пријавен два дена подоцна, на 5 ноември, од страна на мајката на ученикот.
Исто така, на 4 ноември, околу 12:20 часот, во училишен двор во населбата Драчево бил нарушен јавниот ред и мир поради физичка пресметка меѓу три ученици – двајца од едната и еден од другата страна.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на двата случаи.
Црна хроника
Две фабрики вчера гореле во Скопје
Два одделни пожара избувнале вчера во фабрики на подрачјето на Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Првиот пожар бил пријавен утрото, околу 9:10 часот, во фабрика во општина Гази Баба, а вториот попладнето, околу 14:30 часот, во фабрика во Кисела Вода. Во двата случаи интервенирале екипи од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, кои навремено ги изгаснале пожарите.
Повредени лица нема, а полициски екипи извршиле увид на местото на настаните за утврдување на причините за избувнувањето на огнот.

