Македонија
Филипче на прва координација: Пратениците на СДСМ ќе имаат редовни средби со граѓаните во канцелариите низ државата

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче ги започна редовните координации со пратеничката група на СДСМ, за организирано и силно делување во македонското Собрание.
Денеска се одржа првата средба со која се означува почетокот на новото политичко делување на партијата.
На средбата се разговараше за актуелните закони кои ги предлага Владата и предлозите на кои СДСМ работи и ќе ги достави до Собранието.
„Нашиот примарен фокус е да ја обновиме довербата кај грѓаните а пратениците на СДСМ да бидат вистински претставници на граѓаните во Собранието. Затоа, согласно моите ветувања пред членството, секој од пратениците ќе има редовни средби со граѓани во изборните единици од каде ја добија довербата и ќе биде во постојан контакт со потребите на луѓето. Преку канцелариите на пратениците и редовните средби со граѓаните, ќе осигураме дека политиките и предлозите на СДСМ ќе бидат во тесна врска со потребите и очекувањата на граѓаните“, рече Филипче.
СДСМ ќе делува конструктивно во интерес на граѓаните и будно ќе ја следи работата на Владата и законите кои ги предлагаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со готови листи за советници и кандидати за градоначалници

ВМРО-ДПМНЕ објави дека целосно ги комплетирала листите за советници и кандидати за градоначалници за претстојните локални избори.
Генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски, изјави дека се одбрани кандидати кои во изминатите четири години покажале добри резултати, но и нови профилирани личности од своите средини. „Партијата е целосно мобилизирана и очекуваме голема победа,“ нагласи тој.
Сајкоски додаде дека советничките листи се изработени врз основа на предлози од месните и општинските комитети и дека, според анкетите и анализите, ВМРО-ДПМНЕ ќе освои повеќе советници и градоначалници отколку на изборите во 2021 година.
„Граѓаните го ценат квалитетот на понудените кандидати и трудот што е вложен во изминатиот период. Работата и резултатите ќе бидат наградени на изборите,“ рече Сајкоски.
Денеска на полноќ истекува рокот за поднесување кандидатури за градоначалници и членови на совет за сите кои што сакаат да се кандидираат на Локалните избори закажани за 19 октомври.
Македонија
Алиу: Нашата цел се едноставни дигитални решенија со директна корист за пациентите

Министерството за здравство учествуваше на XXI Конгрес на лекари во организација на Македонското лекарско друштво, каде во фокусот на еден од панелите беше дигитализацијата и новите технологии во здравството.
Во рамки на Fireside Chat дискусијата „Solving Human Health“, министерот Алиу нагласи дека граѓаните денес се технолошки подготвени повеќе од кога било досега, што претставува основа и обврска за поголемо дигитално учество во здравствениот систем.
„Нашата цел е едноставни и практични решенија што ќе носат директна корист за пациентите: полесен пристап до податоци, навремени информации и сигурност дека нивните податоци се заштитени. Системот ‘Мој Термин’, апликацијата ‘Мое Здравје’ и идните национални мрежи за радиологија и телемедицина се чекор напред во таа насока. Верувам дека со зголемување на интероперабилноста, анализа на податоци и примена на нови технологии, ќе создадеме поефикасен и поправеден здравствен систем,“ истакна министерот Алиу.
Свое учество на оваа панел дискусија имаше и Далибор Фруниќ, извршен директор на СОРСИКС и експерт за дигитално здравство.
„Дигитализацијата на здравството во Македонија е на светско ниво и податоците кој постојат се богатство кое ќе овозможи напредни чекори во вештачка интелигенција и ‘data-driven decisionmaking’, за бенефит и на системот и на клиничка пракса“, рече Далибор Фртуниќ извршен директор на СОРСИКС и експерт за дигитално здравство.
На панелот беше истакната потребата од: целосна интероперабилност на системите и размена на податоци, поголема употреба на постоечките алатки за анализа и предвидување на потребите, воспоставување на национална радиолошка мрежа (PACS) и пилот проекти за телемедицина, глобална соработка со европски и меѓународни иницијативи.
Преку новите дигитални решенија ќе се овозможи поефикасно управување со листите на чекање, следење на епидемиолошки состојби и поголема ефикасност на скрининг програмите.
Министерството за здравство останува посветено на создавање на модерен дигитален систем кој ги става пациентите во центарот на здравствената заштита.
Македонија
Агелер по повод 30 години дипломатски односи: Македонија и САД покажаа што значи вистинско пријателство

Оваа година се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи (13 септември 1995) меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави. Во чест на три деценискиот јубилеј се спроведуваат и планираат низа активности во двете држави, а централниот настан се одржа вчера во Клубот на пратениците во Скопје.
На настанот се обратија министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.
Министерот Муцунски во своето обраќање истакна дека одбележуваме три децении партнерство кое помогна македонскиот народ да стане посилен, послободен и поуспешен: „Од првите денови на независноста, македонскиот народ чувствуваше дека Соединетите Американски Држави стојат покрај него. Во клучни мигови таа поддршка беше одлучувачка. Особено ја паметиме одлуката од 2004 година за признавање на нашето уставно име – чин што остави длабока трага во срцата на македонскиот народ и потврди дека нашата демократија и нашата независност се важни. Нашата соработка доби институционална рамка со Декларацијата за стратешко партнерство од 2008 година, а во 2022 година во Вашингтон ја унапредивме со воспоставувањето на Стратешкиот дијалог – механизам кој отвора пат за подлабока соработка во безбедноста, економијата, енергетиката и образованието.“
Министерот потсети и на соработката во делот на одбраната и придонесот кон стабилноста и безбедноста:
„Денес сме и НАТО-сојузници. Заедничките цели и добрата координација потврдени на Самитот во Хаг, како и лидерството на претседателот Трамп, направија Алијансата да излезе уште посилна и пообединета. Македонскиот народ ќе продолжи да придонесува кон оваа заедница на слобода и безбедност. Горди сме на извонредната соработка на нашата Армија со Националната гарда на Вермонт, како и на учеството во меѓународни мисии и во Глобалната коалиција против тероризмот. Тоа е нашиот придонес кон светот – стабилност, партнерство и сигурност,“ додаде тој.
„Во време на глобални кризи – безбедносни, економски и општествени – пријателството со Соединетите Американски Држави е темел на стабилност и надеж,“ порача Муцунски, изразувајќи уверување дека и следните три децении ќе бидат години на доверба, надеж и напредок за македонскиот и американскиот народ.
Амбасадорката Агелер, од своја страна, потсети дека пред три децении Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија формализираа партнерство засновано на доверба и заедничко почитување на демократските вредности: „Од тогаш, заедно му покажавме на светот што може да се постигне со силина, компромис и трпелива решителност. И покажавме како изгледа вистинско пријателство и партнерство.“
Таа изрази уверување дека и во следните 30 години двете држави ќе продолжат да работат заедно во насока на продлабочување на ова вредно партнерство: „Ќе ги прошириме трговските врски, ќе се бориме против корупцијата, ќе ја модернизираме соработката во одбраната, ќе ја поттикнеме дигиталната трансформација и ќе продолжиме со изградбата на енергетската инфраструктура која обезбедува независност и раст.“
На свеченоста присуствуваа претседателката Гордана Силјановска – Давкова, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министри од Владата, претставници на дипломатскиот кор и истакнати општествени личности од различни сфери кои дале значаен придонес во развојот на партнерството и соработката меѓу двете држави во изминатите 30 години.