Македонија
Левицата: Државата нема средства за младите што ја претставуваат Македонија на меѓународни научни олимпијади

Години наназад, вклучително и оваа, средношколците кои се дел од тимовите што ја претставуваат Македонија на научни олимпијади ширум светот каде што го веат македонското знаме и од каде што донесуваат бројни признанија и медали, мака мачат да најдат средства за воопшто да стигнат на тие натпревари, велат од Левица.
„Наместо последните седмици пред натпреварувањата да ги вложат за што подобро да се подготват, тие се принудени да одат од една до друга врата, барајќи некој да им излезе во пресрет за да можат да ја претстават Македонија. Новата министерка за образование, Весна Јаневска, смета дека има недостаток во Законот за средно образование во смисла што во него не е предвидено доделување на финансиска поддршка од страна на МОН за ученици и нивни ментори за учество на меѓународни научни олимпијади, туку само доделување на стипендии доколку е освоено едно од првите три места, па најавува решението за овој проблем да се бара во корекции на Законот за средно образование во таа насока. Во меѓувреме, државата годишно ја напуштаат по 2500 високообразувани млади луѓе откако успеале да поминат низ образовниот систем во државата како по минско поле! Деценски проблем е што државата нема никаква стратегија за континуирана поддршка на талентираните ученици, уште помалку да го усмери нивниот професионален развој и да ги задржи како кадри“, додаваат од Левица.
Според Левица, проблемот е системски, длабок и од суштинско значење за иднината на државата и луѓето што живеат овде.
„Ако состојбите денес се лоши, тогаш кој ќе ги промени на подобро утре? Нашата иднина си заминува преку границите со застрашувачка брзина, а државата ниту понуди, ниту, пак, сега нуди план за надминување на таквата алармантна состојба. Проблемот бара длабоки решенија, а не површни шминкања на одделни закони! Левица ја повикува новатата министерка Јаневска да собере сила и храброст за да почне работите да ги решава од корен и систематски! Во овој момент не е потребно козметички да се надополнуваат празнините што го проголтуваат еден од најважните сектори во државата, туку напротив, потребни се итни и радикални промени во образованието“, завршуваат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Додека Филипче е спотер на Заев и му го чува претседателското столче во СДС, главен фокус му е бизнисот во Бугарија и фирмите на иста адреса со кланот Заеви“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Додека Македонија беше во здравствена и енергетска криза Венко Филипче како тогашен министер за здравство освен што имаше низа скандали како тие со набавката и провизиите за кинеските вакцини, Филипче си градел и луксузна хациенда на три ката на Водно, вредна еден милион евра и си отворал фирми во Бугарија“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека Филипче е спотер на Заев и му го чува претседателското столче во СДС главен фокус на Филипче му е бизнисот во Бугарија и фирмите кои се на иста адреса како и фирмите на кланот Заеви.
Венко Филипче и ден денес е управител на бугарската фирма Пауер Ај 8, која е во негова 100% сопственост. Статусот на фирмата и ден денес е активен што се гледа и од електронските регистри.
Филипче оваа фирма во Бугарија ја основал на 18.11.2022 година, со седиште во Петрич на улица Гоце Делчев бр. 12, адреса каде што се регистрирани и многу од фирмите на Заеви.
Фирмата на Филипче, Пауер Ај 8 е фирма регистрирана за изградба на згради, продавање на станови, нивно издавање, потоа за трговија, но и за хотелска дејност.
Дали тоа што е претседател на СДС му овозможува полесна соработка со Бугарија и ширење на бизнисот?
Филипче е должен на јавноста да одговори што точно работи фирмата и какви бизниси има во Македонија, Бугарија, Персискиот залив и Дубаи“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Министерот Лимани се сретна со пратеникот во Националниот совет на Австрија, Роберт Лајмер: разговорот фокусиран на можностите за интензивирање на соработката

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани за време на својата посета во Австрија оствари официјална средба со пратеникот во Националниот совет на Австрија и претставник на Социјалдемократската партија на Австрија, Роберт Лајмер, во рамки на продлабочување на билатералната соработка и размена на искуства меѓу двете земји.
На почетокот од средбата, министерот изрази длабоко сочувство и солидарност за трагедија што се случи во градот Грац, пренесувајќи ја искрената поддршка и блискост на нашиот народ кон граѓаните и семејствата погодени од овој трагичен настан.
Разговорот беше фокусиран на можностите за интензивирање на соработката во областите на социјалната политика, вработувањето, зајакнувањето на младите и заштитата на работничките права. Лајмер ги сподели успешните австриски практики во развојот на одржлив и инклузивен систем на социјална заштита, потенцирајќи ја важноста на обезбедување социјална еднаквост и достоинствени услови за работа за сите граѓани.
Министерот ја истакна важноста на заложбата на Лајмер за унапредување на меѓу парламентарниот дијалог и поттикнување на институционалното партнерство, притоа нагласувајќи ја посветеноста на нашата страна кон спроведување на одржливи реформи што ќе придонесат за подобрување на животниот стандард, поддршка за ранливите категории и создавање нови можности за вработување, особено за младите и жените.
Двете страни изразија подготвеност за заедничка работа на проекти во областите на професионална обука, социјална инклузија, развој на современи социјални услуги и поддршка на најранливите групи во општеството.
На крајот од средбата беше потенцирана стратешката важност на забрзувањето на процесот на европска интеграција на нашата земја, како гаранција за траен општествен стабилитет, долгорочен економски развој и усогласување на националните политики со стандардите и вредностите на Европската Унија, соопшти Министерството.
Македонија
Филипче од Атина: За работниците направивме најмногу, мора да знаат дека со социјалдемократијата нивните права и стандард ќе растат

За работниците направивме најмногу, мора да знаат дека со социјалдемократијата нивните права и стандард ќе растат. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на панел-дискусијата „Прогресивен одговор на кризата на демократијата“, во рамките на втората Меѓународна конференција за демократија и социјална правда, организирана од Институтот „Алексис Ципрас“ во Атина.
На панелот, на кој учествуваа професори од неколку светски универзитети и други говорници, меѓу кои и од Универзитетот Харвард, Филипче, како претседател на СДСМ, ги сподели своите ставови за тоа како да се заштитат темелите на демократските општества, кои сè почесто се загрозени од дејствувањето на авторитарните режими.
„Мораме да ги потсетиме нашите традиционални гласачи – работниците. Треба да признаеме дека во изминатите изборни циклуси многу од нив гласаа за десните партии, заоа што се чувствуваа напуштени од нас“, изјави Филипче.
Тој го посочи примерот со Македонија, каде што, и покрај реалните вложувања и мерки за поддршка на работничките права, политиките не допреле до гласачите поради влијанието на хибридни инструменти што ги користат авторитарните режими.
„Тоа е парадоксот, ова е групата граѓани за кои направивме најмногу. Го зголемивме минималецот, обезбедивме социјална поддршка, но тие не ги препознаа придобивките од нашата политика“, рече Филипче, додавајќи дека мора да се преземат конкретни мерки против овие хибридни закани.
Како втора мерка, тој го нагласи значењето на подобар социјален и економски статус за работниците.
„Мораме да ги поврземе нивниот социјален и економски статус со животниот стандард, за да сфатат дека тоа е демократија, систем што им овозможува да ги остварат своите идеи и да постигнат благосостојба“, појасни Филипче.
Третата насока, според него, е справувањето со неконтролираниот капитализам.
„Особено сегашните и многу модерни, јас ги нарекувам технофеудалисти, кои успеаја да ги придобијат нашите традиционални гласачи, не затоа што им понудија подобри услови, туку затоа што го искористија нивниот страв од глобализацијата и имиграцијата.
Социјалдемократските и прогресивните либерални сили треба заеднички да ги искористат своите капацитети за запирање на подемот на авторитарните режими ширум светот#, рече тој. Филипче подвлече дека клучот лежи во отворената комуникација со граѓаните.
„Без разлика колку некое прашање изгледа ирационално, мора да разговараме за тоа, бидејќи кога луѓето се плашат од нешто и нешто не им е јасно, тогаш тие одат кон авторитарните режими, затоа што се чувствуваат побезбедно“, истакна тој.
Како заклучок, Филипче посочи дека иако предизвиците се големи, постои капацитет меѓу прогресивните сили да се здружат и да ги надминат опасностите што се закануваат на темелите на демократијата.