Македонија
На Богородица и Табановце за влез и излез од земјава се чека 30-ина минути

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен привремен режим на сообраќај, со кој се забранува движење тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни:
– петок од 17 до 22 часот,
– сабота од 9 до 18 часот и
– недела од 9 до 22 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење тешки товарни возила, чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, и тоа во следните интервали:
– петок од 15 до 22 часот,
– сабота од 7 до 12 и од 18 до 24 часот и
– недела од 7 до 22 часот.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини Богородица и Табановце за влез и излез од земјата се чека 30-ина минути, информираат од АМСМ.
АМСМ препорачува приспособна брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Илинден започна со изградба на тротоар на дел од улица „2“ во населба Илинден

Во рамки на Проектот за подобрување на патната инфраструктура – изградба, реконструкција, рехабилитација и санација на локалните улици и патишта, Општина Илинден започна со изградба на тротоар на дел од улица „2“, во населба Илинден. Работите се одвиваат на потегот од раскрсницата на улица „2“ со улица „7“ до мост на секундарен А – канал, во должина од 220 метри, извести општина Илинден.
„Овој нов тротоар ќе обезбеди побезбедно движење на пешаците, што е значајно за сите жители на општината. Изградбата на пешачката патека е дел од поширокиот проект за реконструкција и подобрување на патната инфраструктура, кој има за цел да го подигне квалитетот на животот на граѓаните и да ја осигура безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Општина Илинден продолжува со реализацијата на тековните проекти и започнување нови, со цел да се обезбедат модерни и квалитетни услови за живеење во сите населени места на општината“, додаваат од општината.
Македонија
Македонски концепт: ДУИ напаѓа затоа што не сака политичари кои се борат за македонските интереси

ДУИ напаѓа затоа што не сака политичари кои се борат за македонските интереси, реагира Македонски Концепт на обвинувањата од ДУИ во врска назначувањето на Петар Богојески за раководител на Агенцијата за европски образовни фондови.
„ДУИ сака политичари Македонци кои се спремни, за пари да тргуваат со националните интереси. Ние не сме такви. Тоа време помина. Македонски концепт констатира дека партијата ДУИ повторно покажува дека нејзината политичка агенда не е насочена кон соживот, реформи и европска интеграција, туку кон заштита на лични интереси и одбрана од промените кои доаѓаат. Кога ДУИ напаѓа и критикува некого, тоа е пофалба. Кога нé напаѓа најкорумпираната партија во Македонија и пошироко, ние знаеме дека сме на права страна“, се вели во реакцијата.
Според Македонски концепт, последниот напад врз д-р Петар Богојески е директен доказ дека ДУИ не сака и не прифаќа политичари кои отворено, чесно и бескомпромисно се борат за македонските национални интереси. Наместо да се соочат со сопствениот придонес кон корупцијата, партизацијата и злоупотребата на европските фондови, се наведува во реакцијата, тие избраа да напаѓаат човек чија мисија е токму да стави крај на тие злоупотреби.
„Говорење вистина не е искажување навреди, кон никого, па ниту кон Албанци. Богојески напаѓа арамии и шовинисти, а се бори за полни граѓански права за сите етнички заедници и нов граѓански Устав на земјата. ДУИ е против граѓанска држава, затоа што сака мафијашка држава за себе. ДУИ има проблем со вистината. Има проблем со редот и правдата. Има проблем со тоа што конечно некој ќе воведе еднакви правила за сите – без партиски привилегии и без „тренинг на магариња“ платен од европски пари. Македонски концепт не отстапува. Нема да се повлечеме пред оние кои сакаат да го задушат секој македонски став, секој слободен поединец и секој обид за вистинска реформа. Македонските интереси нема да бидат цензурирани. Европа не значи молк пред неправдата. Македонија ќе победи – со вистина, со храброст и со визија“, пишува во реакцијата Македонски концепт.
Македонија
За законот за градежно земјиште мора јавна дебата, а не да се носи по скратена постапка, бара Левицата

По однос на спорните Предлог-измени на Законот за градежно земјиште, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, на последната седница на Собранието побара оваа точка, односно предлог да биде повлечен од дневен ред и да се организира јавна дебата со експертската јавност. Владејачкото мнозинство го одби предлогот на пратеникот и ја изгласа потребата за носење на измените по скратена постапка:
-Јас барам точката осум, односно Предлог – законот за изменување на законот за градежно земјиште, да биде тргната од дневен ред и за неа да се организира јавна дебата, затоа што на овој начин архитектонската фела, посебно, е оттргната од целиот овој процес” – истакна на собраниската седница пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил.
– Нашите информации говорат дека и сега јавните површини на одредени институции, особено дворовите на училиштата се узурпирани, каде што наместо нашите ученици во овие училишта да ги користат овие простории, тие се отуѓени на приватни лица, коишто заработуваат милиони од своите приватни бизниси. Од оваа и други причини, барам оваа точка да биде тргната од дневен ред и за неа да се организира поширока дебата, каде што ќе бидат вклучени чинители, коишто, навистина, ја разбираат оваа материја – појасни Исмаил.
Според пратеникот од Левица, спорно е што Предлог-законот за изменување на законот за градежно земјиште е ставен на дневен ред по скратена, а не по редовна постапка.
– Подолу имаме еден куп други предлог-измени, коишто се однесуваат само на технички измени, односно промена, додавање на „Северна” во законите и промена на името на министерствата и истите се по редовна постапка, а оваа толку важна материја со која владејачкото мнозинство, веројатно, сака дополнително да си го олесни процесот на оттуѓување на државно земјиште кон своите блиски во нивната партиска структура, е ставена по скратена постапка, додаде Исмаил.
– Ние како да не ја сфативме пораката со трагедијата во Кочани. Со овој предлог се олеснуваат бирократските процедури за државното земјиште, за полесно да биде отуѓено или дадено на користење на приватни лица. Ова е недозволиво. Мислам дека оваа област треба, особено, да се анализира и да се видат последиците на сегашната состојба, кажа тој.