Македонија
(Видео) Лефков: Филипче, брат по криминал на Заев, доаѓа за претседател на СДС со цел и двајцата да го притискаат Обвинителството да не отвора постапки против нив
Венко Филипче е брат по криминал и корупција на Зоран Заев. Тој заедно со Заев бркаа дебели провизии за кинеските вакцини во ек на Ковид, истакна Миле Лефков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.
„Филипче преку фирмата „Стабри Интернешенал“ од Хонг Конг формирана само три месеци откако СДС дошле на власт во 2017-тата година сакаа да купат вакцини повеќе од 100% поскапо од тоа што го плаќаа другите држави.
Додека другите држави купуваа кинески вакцини по најмногу 30 долари, Филипче сакаше преку посредничка фирма да плати 62 долари, што е најмалку 100% повеќе.
Овој скандал го обелодени ВМРО-ДПМНЕ, а обвинителството на Заев го заташка и не го истражи.
Од 200.000 вакцини, Филипче и Заев на фирмата посредник и местеле над 6 милиони евра провизија“, вели Лефоков.
Прашува каде требало да завршат овие 6 милиони евра.
Дали Заев и Филипче се тие кои стоеле на крајот на криминалната шема?
Колку матни тендери се изреализирани и колку милиони испумпани од државата?, праша Лефков.
Филипче, како што додава, доаѓа за претседател на СДС поставен од Заев, со цел и двајцата да го притискаат Обвинителството да не отвора постапки против нив, а ако во тоа не успеат, да се жалат дека се гонети како последица на политички притисок.
„Филипче кој сакаше да го краде својот народ во ек на Ковид додека илјадници умираа и страдаа, нема најпрвин морална величина да биде претседател на партија, а потоа наместо во партија, треба да се најде пред суд.
Филипче само сака да се заштити себе, а потоа и повторно некогаш да дојде во позиција за да го краде народот.
Филипче и Заев се прочитана книга, со нив СДС на следните избори е многу блиску да стане вонпарламентарна партиј“, истакна Лефков на прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски од Србија: Овa е доказ за моќта на соработката, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител
Премиерот Христијан Мицкоски од саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Србија, истакна дека настанот е доказ за моќта на соработката, визијата и посветеноста што земјите ја имаат кон унапредувањето на економските врски, културната размена и туристичката промоција.
Регионалната иницијатива, според него, создава можности што го поврзуваат регионот со светот и токму оваа платформа е пример како традицијата и иновацијата можат да одат рака под рака.
„Горд сум што денеска, овде во Белград, можеме да ги претставиме достигнувањата на македонската винска индустрија, која без сомнение се вбројува помеѓу најразвиените во регионот. Македонија има повеќе од 28.000 хектари лозови насади, а годишно произведуваме околу 100 милиони литри вино, од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот. Нашите лозја, кои се простираат низ региони како Тиквеш, Повардарие и Пелагонија, се меѓу најсончевите во Европа, со над 270 сончеви денови годишно, што придонесува за квалитетот на грозјето. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се вранец и станушина, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена. Во споредба со соседните земји, Македонија се издвојува по балансот, меѓу количината и квалитетот на произведеното вино. Според податоците, 50 проценти од произведеното македонско вино е со ознака за географско потекло, што ја истакнува нашата посветеност на врвниот квалитет. Дополнително, секторот за вино придонесува со три проценти од вкупниот БДП на земјата, обезбедувајќи работа за над 20.000 луѓе, од лозарите до винарите и извозниците. Со ова, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител“, нагласи Мицкоски.
Изрази уверување дека настанот нема само да ја зајакне нашата винска индустрија, туку дека ќе отвори нови пазари и можности за сите учесници.
Саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ не е само место за изложување и дегустација, туку и форум за дискусија, образование и соработка што ќе донесе долгорочни придобивки. Дозволете ми да се заблагодарам на домаќините и организаторите, кои вложија голем труд за да го направат овој настан успешен и да го промовираат Балканот како регион на квалитет, креативност и потенцијал. Сигурен сум дека заедничкиот успех што ќе го споделиме овде ќе биде само почеток на уште поголеми достигнувања во иднина“, кажа Мицкоски.
Македонија
Магла на патот с.Лисец – Попова Шапка, сообраќајот се одвива по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла од 40 – 50м. има на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2024 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Силен ветер ја зафати Битола: на неколку локации предизвикани штети
Силен ветер попладнево ја зафати Битола, според објавија надлежните во овој град.
Ветерот според информациите предизвикал штети на неколку локации.
„Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и екипите на јавните претпријатија „Комуналец“, „Нискоградба“, „Водовод“ и ТППЕ Битола, постојано се на терен, по силниот ветер кој денес ја зафати Битола и сеуште предизвикува штети на повеќе локации.
Екипите дејствуваат координирано на повеќе места, а ќе останат на терен се до расчистување на сите локации“, соопштија од општинската управа.