Свет
Турист објави видео од Северна Кореја: „Пјонгјанг е како во деведесеттите“

Северна Кореја не е баш туристичка дестинација, таа е затворена за остатокот од светот и луѓето немаат поим како изгледа секојдневието таму – затоа одекна видеото што еден турист го објави на „Тик-ток“.
Тој го посети градот Пјонгјанг и сними луѓе како шетаат на улиците и во метро-станицата. Многумина во коментарите напишаа дека градот им изгледа како да е во деведесетите.
@skinnhandske People of Pyongyang, North Korea #northkorea #travel #traveltiktok #travelbucketlist ♬ Jacob and the Stone (Slowed) – Emile Mosseri & sped up + slowed
„Овој град изгледа многу мирно“, „Лудо е што не знаат што се случува надвор од ова“, „Не знаев дека можеш да снимаш овде“, напишаа луѓето под видеото, кое бргу собра 3,5 милиони прегледи.
@skinnhandske Suburbs of Pyongyang, North Korea #northkorea #travel #traveltiktok #travelbucketlist ♬ God‘s promise – daniel.mp3
На туристите им е потребна виза за да ја посетат Северна Кореја и мора да следат разни правила. На пример, може да фотографираат и да снимаат само кога тоа им е дозволено, не смее да го критикуваат режимот, а за сè што е спротивно на правилата мора да се консултираат со туристички водич, пренесува „Индекс.хр“.
Северна Кореја, со која владее врховниот лидер Ким Џонг-ун, има и бизарни закони, како што се забрана на жените да слушаат музика, да носат фармерки или да возат автомобили. Оние што не ги почитуваат може да бидат погубени, пишува „Тајмс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Склучивме договор со Хамас дека ќе се однесуваат добро, ако не, ќе ги искорениме

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес изјави дека Хамас ќе биде искоренет ако не го почитува договорот за прекин на огнот во Појасот Газа, еден ден по извештаите за нови напади во енклавата.
„Имаме договор со Хамас дека ќе се однесуваат пристојно, а ако не го сторат тоа, ќе ги искорениме доколку е потребно“, изјави американскиот претседател пред новинарите заедно со австралискиот премиер Ентони Албанезе, кого го прими во Белата куќа.
„Тие ќе бидат искоренети и тие го знаат тоа“, увери тој.
Претставниците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, денеска се сретнаа со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, еден ден откако новото насилство во Појасот Газа предизвика стравувања дека прекинот на огнот што стапи на сила на 10 октомври ќе пропадне.
Израел соопшти дека извршил напади во Газа во неделата како одговор на нападите на Хамас, тврдење што групата го негираше. Цивилната одбрана на Газа објави дека најмалку 45 Палестинци биле убиени во гранатирањето.
Претседателот на САД инсистира дека американските сили нема да дејствуваат против Хамас, но дека неколку земји кои се согласиле да се приклучат на меѓународните сили за стабилизација за Газа би биле „среќни да интервенираат“.
„Освен тоа, Израел би интервенирал за две минути ако ги замолам“, рече тој. „Но, ние не сме го побарале тоа во овој момент. Ќе им дадеме шанса и се надеваме дека насилството малку ќе стивне. Но, знаете, ова се насилни луѓе“, додаде американскиот претседател.
Свет
ЕУ е пред усвојување на драстични мерки, Унгарија е бесна

Унгарија ќе ги искористи сите расположиви политички и правни средства за да го спречи усвојувањето на предлогот REPowerEU, кој има за цел да забрани увоз на руска енергија во Европската Унија, изјави Петер Сијарто, унгарски министер за надворешни работи и трговија, во Луксембург, објави Mfor.hu.
По седницата на Советот за надворешни работи и енергија на ЕУ, Сијарто на прес-конференција изјави дека нема енергетски, експертски, безбедносни или економски причини за предлогот за забрана на увоз на руска енергија, туку исклучиво политички и идеолошки.
„И Европската комисија нема поим какви последици ќе има овој пакет мерки за поединечните европски земји“, рече Сијарто.
Тој го критикуваше комесарот за енергетика на Европската Унија, Дане Јоргенсен, кој, како што тврди, зборувал за пакетот користејќи само политички фрази и пропаганда, без никакви експертски аргументи, а во еден момент дури и ја напуштил салата.
„Разочарувачки беше што комесарот за енергетика на Европската Унија успеа да каже околу пет реченици за овој пакет како вовед и приближно исто толку како завршна изјава“, рече Сијарто.
„Никој во светот, ниту во Европската комисија, ниту овде во Луксембург, не се грижи какво влијание има овој предлог врз безбедноста на снабдувањето со енергија. После тоа, никој нека не ни држи лекции за солидарност на Европската Унија“, рече тој.
Тој тврди дека ова е кршење на регулативите на ЕУ и удар за Унгарија.
Иако Унгарија гласаше против, Советот на ЕУ го усвои својот став со квалификувано мнозинство. Сега следат преговори со Европската комисија и Парламентот, по што предлогот ќе се врати во Советот за конечна одлука.
„Сакам јасно да ставам до знаење дека ќе го заштитиме унгарскиот народ. Ќе ја заштитиме енергетската безбедност на Унгарија и ќе ги заштитиме резултатите од намалувањето на режиските трошоци. Нема да дозволиме Брисел да им наметне брутално зголемување на цените на унгарскиот народ“, рече тој.
„Затоа, ќе ги искористиме сите политички и сите правни средства за да го спречиме усвојувањето на овој правен акт“, заклучи унгарскиот министер.
Свет
Зеленски ќе учествува на состанокот на сојузниците во Лондон

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ќе учествува на состанокот на сојузниците во Лондон овој петок, потврди францускиот претседател Емануел Макрон. Состанокот, познат како „коалиција на добронамерните“, е клучен за Киев во неговите напори да ја зајакне поддршката во војната против Русија, објави „Ројтерс“.
Макрон го објави ова денеска за време на обраќањето пред новинарите во Словенија. „Овој петок ќе имаме состанок на коалицијата на добронамерните – делумно виртуелен и делумно во живо – во Лондон, а претседателот Зеленски ќе биде таму“, рече тој.
Таканаречената „коалиција на добронамерните“ беше формирана во февруари од Франција и Обединетото Кралство. Разговорите се водат на различни нивоа со месеци со цел да се дефинираат планови за воен придонес во Украина. Една од клучните цели е да се одврати Русија од потенцијални идни напади по воспоставувањето прекин на огнот.
Денеска Зеленски, исто така, коментираше за средбата од минатата недела со американскиот претседател Доналд Трамп, опишувајќи ја како успех што резултираше со напредок во набавката на нови системи за воздушна одбрана. Неговата изјава е во спротивност со некои медиумски извештаи дека Трамп вербално го нападнал во Белата куќа.
фото: принтскрин