Македонија
Левица: 40 проценти од тие што дипломирале, ја напуштиле државата

Македонија се соочува со значителен одлив на високообразовани кадри, што годишно изнесува околу 2500 лица. Според последниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), Македонија е една од највисокорангираните земји во светот во оваа категорија. Ова е алармантно и покажува дека државата не ги задржува своите најквалификувани поединци. Ваквата ситуација има тенденција уште повеќе да се влошува, а државата нема ефективна стратегија тоа да го спречи, велат од Левица.
„Во последните години, државата инвестирала значителни средства за високообразовани кадри кои потоа ја напуштиле земјата. Овој одлив има сериозен ефект врз бруто – домашниот производ (БДП) и претставува значителен економски губиток. Односот на државата кон студентите, руинираните образовни институции и студентски домови, кај секој студент предизвикува разочараност од системот, што прави тие во сè поголем број да ја напуштаат државата. Корумпираноста на сите досегашни владеачки гарнитури, наместените конкурси на кои наместо на најквалитетните, работните позиции им се даваат на партиски кадри, прават најдобрите студенти да се принудени да ја напуштат државата за да најдат работно место соодветно на нивното образование надвор од неа. Изминатите влади, без разлика на нивната политичка боја, покажаа неспособност и незаинтересираност да се справат со овој проблем. Сè додека државата е во служба на капиталот, а не на човекот, луѓето нема да ја чувствуваат како своја и ќе ја напуштаат истата, а во голем број случаи и ќе се принудени на тоа. За да се реши овој проблем, неопходно е доаѓање на нови луѓе на власт, чија цел нема да е нивниот личен интерес, и кои со радикални промени потполно ќе отстапат од досегашните практики“, се вели во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пронајдени двете девојки од Португалија кои се изгубија во реонот на Водно – Матка

Денес околу 17.00 часот од страна на Центарот за управување со кризи бевме известени за две изгубени туристки во реонот од врвот на Водно кон Матка, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Како што информираше Ангелов, Дирекцијата за заштита и спасување итно извршила мобилизација на тимот за спасување на планина од Тетово и истиот веднаш бил упатен во пребарување на теренот.
Во 18.40 двете девојки од Португалија беа пронајдени и однесени до ресторанот Матка каде ги пречека Конзулот на Република Португалија, додава Ангелов.
Македонија
Дел од Ѓорче Петров утре без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека утре без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улиците Веле Марков, Ибе Паликуќа, Воин Драшковиќ, Рафаел Батино. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Меџити прими жители од Страчинце: Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес ги прими во својот кабинет жителите од селото Страчинце, со кои одржа отворен состанок за одлуката за одбивање на барањето за отворање на каменолом во оваа скопско село.
Министерот Меџити ги информираше жителите за професионалните и институционалните причини што доведоа до оваа одлука. Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина, ризик од поплави и негативно влијание врз јавното здравје, велат од Министерството.
На состанокот беше истакнато дека приоритет е заштитата на животот и благосостојбата на граѓаните над секој економски интерес.
Меџити истакна дека следниот чекор е конечно поништување на концесијата во Влада, со што ова прашање ќе добие трајно решение.
Жителите на Страчинце се заблагодарија за одлуката и за приемот што го оствари министерот Меџити, нагласувајќи дека овој состанок е пример за владеење со отворен дијалог и чесна соработка со граѓаните.