Македонија
Зеќирија Ибрахими е новиот претседател на Алтернатива
Денеска во Домот на културата во Куманово се одржа вонредниот изборен конгрес на Алтернатива. По оставката на Африм Гаши од функцијата претседател на партијата откако беше избран за претседател на Собранието на Република Северна Македонија, се појави потребата Алтернатива да го избере својот претседател. Поради оваа причина беше свикан овој изборен Конгрес.
Конгресот ја водеше својата работа во две сесии. На првата седница, која беше свечена, учествуваа и претставници на други политички партии, дипломати, новинари, претставници на бизнис секторот и невладини организации, додека на втората се работеше на изборот на новиот претседател.
Во првиот дел од Конгресот, присутните ги поздрави в.д. претседателот на Алтернатива, Беким Сали, кој посакувајќи им добредојде на гостите и делегатите, откако му се заблагодари на Африм Гаши за досегашната работа на оваа задача, истакна: „Завршувајќи го овој циклус на нашата политичка активност, денес се собравме овде да го избереме новиот претседател на Алтернатива. Последниов месец се обидов да ја покријам оваа задача, но оценивме дека нашето членство, структурите и гласачите заслужуваат да имаат претседател излезен од Конгресот, кој ќе биде правосилен да ја претставува партијата и да биде политичка алтернатива на политичката сцена. Фала му на Бога и благодарение на придонесот на секој од вас, овој процес го развиваме на демократски начин, така што денес, кога Алтернатива ќе има претседател, прво ќе бидам растеретен и среќен, додека мислам дека ова ќе биде празник за сите нас“.
По него, говор имаше и досегашниот претседател на Алтернатива, Африм Гаши, кој им се заблагодари на структурите и органите на партијата за поддршката и додаде: „Колку често ни изгледа мачна активност, колку и да е тешка, колку и да ни изгледа неблагодарно, сепак политиката останува единствениот најмоќен начин директно да влијае на животите на луѓето, а ние имаме обврска да се занимаваме со политика. Бидејќи вакумот не постои, ако ВЛЕН не ја водеше оваа битка, вие добро знаете кој ќе беше на власт денес. Затоа, почитувани делегати на Алтернатива, знајте дека вашиот политички активизам има мисионерска и историска вредност. Можеби не ви изгледа ништо што сте активист во некој разгранок, но знајте дека сте и активен учесник во јавниот живот, додека и најслабиот активизам е подобар од рамнодушноста“.
Потоа следуваа поздравите на делегациите на политичките партии, при што тие ги поздравија Билал Касами од Движењето Беса, Изет Меџити од Демократското движење, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски како и Петар Арсовски од ЗНАМ.
Така заврши свечениот дел од Конгресот. Во вториот, изборниот дел, откако беше избрано раководството и го претстави дневниот ред, најпрвин беше разгледан и одобрен извештајот на досегашниот претседател на Алтернатива, Африм Гаши, а потоа помина точката за избор на нов претседател.
Во оваа прилика, делегатите за претседател го предложија Зеќирија Ибрахими, досегашниот генерален секретар на Алтернатива. Овој предлог беше ставен на гласање и едногласно одобрен од делегатите на Конгресот.
Потоа на Конгресот се обрати Зеќирија Ибрахими. Заблагодарувајќи им се на делегатите за поддршката, рече: „Ако во годините 1991-2001 се боревме за еднаквост, ако во годините 2002-2008 се боревме за институционално достоинство, ако по 2011 година деградиравме во корупција, сиромаштија, масовна миграција, во уништено образование и во корумпиран општествен живот, во 2024 година отвораме ново поглавје од нашата национална историја. Не се веќе патриотизам церемониите за дипломирање, туку ПИСА тестовите и рангирањето на универзитетите.
Тој понатаму додаде: „Можеби на некого му изгледа утопично, но моја должност во согласност со програмата на Алтернатива е да му помогнам на албанскиот бизнис, да ги направам Албанците што е можно побогати, бидејќи така се наметнува општиот квалитет на живот. Општеството со економско изобилство наметнува квалитетно образование, квалитетно здравје, богат спортски живот и просперитетна култура“.
„За крај, треба да разбереме дека не стануваме народ без образование и економија. На крајот на краиштата, политичката нација се гради со капитал и образование, како што се уништува со сиромаштија и незнаење“, заклучи новоизбраниот претседател, Ибрахими.
На крајот, делегатите на вонредниот изборен Конгрес на Алтернатива ја одобрија ажурираната листа на Централното собрание на Алтернатива и после тоа Конгресот беше прогласен за затворен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Денес е Задушница – спомен за починатите
Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите.
Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.
Црквата пропишала посебни денови во годината – задушници, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.
На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Македонија
Променливо облачно со дожд и засилен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно, а во попладневните часови и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на метар квадратен.
Како што соопштуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе дува засилен, повремено силен ветер од југоисточен правец, кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта со врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Според најавите од УХМР, под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни и ќе надминат 25 литри на метар квадратен. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер.
Во понеделник во текот на ноќта и во вторник се очекува заладување со нови пообилни врнежи, кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Стабилизирање на времето се очекува од средината на следната седмица.

