Скопје
Кисела Вода станува паметна општина: почнува имплементацијата на проектот за паметно улично осветление
Советот на Општина Кисела Вода ја поддржа одлуката за имплементација на физибилити-студијата за модернизација на јавното осветление во Кисела Вода. Оваа инсталација на паметни светилки на територијата на целата општина ќе овозможи паметно и штедливо управување со електричната енергија и сузбивање на досегашните чести проблеми со уличното осветление поради застарената и дотраена мрежа.
Целосната имплементација на проектот овозможува и бесплатни вај-фај зони на територијата на општина Кисела Вода, полначи за електрични автомобили, како и информативни дигитални дисплеи. Ова, потенцира градоначалникот Ѓорѓиевски, се крупни чекори што водат до зацртаната цел – Кисела Вода да стане целосно паметна општина, и тоа првата во Македонија.
„Денес, Советот на општина Кисела Вода ја донесе одлуката за имплементација на физибилити-студијата за модернизација на јавното осветление во Кисела Вода, која ќе донесе огромни придобивки за сите наши жители. Имено, се работи за инсталација на паметни светилки на територијата на целата општина со нова технологија, која има цел паметно и штедливо управување со електричната енергија. Дополнително, со ова заминуваат во историјата проблемите со уличното осветление бидејќи онаа стара, нефункционална и дотраена мрежа комплетно ќе биде променета. Ако се земе предвид дека уличната мрежа придонесува со огромен процент на сметките за електрична енергија, со оваа нова технологија, која набргу почнуваме да ја инсталираме, сметките значително ќе бидат намалени овозможувајќи значајни придобивки за нашите жители. Овој проект исто така, со неговото комплетно имплементирање, подразбира и бесплатни вај-фај зони на територијата на нашата општина, полначи за електрични автомобили, како и информативни дигитални дисплеи.
Во рамките на ова морам да нагласам дека претходно ги опремивме и сите училници и кабинети во основните училишта со смарт уреди, што даде огромен придонес во поквалитетно образование на нашите дечиња. Ваквите проекти не запираат, продолжуваме и понатаму сè до нашата зацртана цел – а тоа е Кисела Вода да стане целосно паметна општина, и тоа првата во Македонија“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Луксузен хотел во центарот на Скопје крадел струја: Електродистрибуцијата пронајде нелегални кабли
Откриена голема кражба на електрична енергија во центарот на Скопје. Хотел со четири ѕвезди на улицата Луј Пастер бил нелегално приклучен на електромрежата, објави Електродистрибуцијата на социјалните мрежи.

„При техничка контрола во станбена зграда, која граничи со хотел на улицата Луј Пастер, нашите екипи пронајдоа три нелегални и изгорени кабли како последица на преголема оптовареност.
Каблите веднаш беа исклучени бидејќи претставуваа директна и огромна општа опасност од настанување пожар. За време на дополнителна контрола се утвди дека хотелот повторно бил приклучен на еден од нелегалните кабли.
Екипите беа попречени во вршењето на должноста при влезот во хотелскиот објект.
Случајот е документиран и за него е поднесена пријава за нелегално приклучување на мрежа и предизвикување општа опасност од пожар до Министерството за внатрешни работи“, се додава во објавата од Електродистрибуцијата.
Македонија
„Стевчо Јакимовски сака да го бетонизира Влае“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Стевчо Јакимовски продолжува да бетонизира се што може да се претвори во негов личен профит. Фирмата Аполо инженеринг позната како блиска до Јакимовски, преку процес на приватизација добила земјиште во населба Влае“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Но, не станува збор за обична парцела, една од тие парцели е дел од улицата Есперанто која се наоѓа веднаш пред Кино Влае. Значи дел од јавна улица наменета за сите граѓани станала приватен имот. Нешто што треба да биде општинска инфраструктура е продадено поради личен интерес.
„Аполо инженеринг“ доставила два геодетски елаборати во 2016 година и 2017 година. И двата елаборати се направени по донесувањето на Деталниот урбанистички план. Токму тој ДУП, кој го потпишал самиот Јакимовски предвидува висококатница на местото каде што подоцна фирмата добива имот.
Оттука, јасно е дека планот е направен така што да и овозможи на „Аполо инженеринг“ да добие земјиште, вклучувајќи дел од улица.
За оваа приватизација „Аполо инженеринг“ платила само 285 денари за метар квадратен, или околу 3500 евра вкупно, сума која е смешна, затоа што е многу пониска од реалната пазарна вредност на земјиште во Влае.
Неколку месеци по приватизацијата фирмата го продала целото земјиште на Јонче Спирковски, кој е сопственик на истата фирма. Алчноста на Јакимовски не престанува. Замислете, фирмата ја добила парцелата по ниска цена, па потоа си ја препродала сама на својот сопственик за 2.950.000 денари.
Ова е класичен пример за фиктивна зделка, каде јавниот интерес станува приватен.
Јакимовски ја претвори општината во приватна компанија, Карпош за него е само лична фирма од која добива профит, граѓаните се заборавени“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Делови од Кисела Вода, Ѓорче Петров и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот корисниците од бул. Борис Трајковски бр.1 (Пеглата) влез 2 (општина Кисела Вода)
– во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од Новоселски Пат, како и објектите на Стокомак, КАМ Маркет, бензинската пумпа ОКТА и објектите во нивна близина. (општина Ѓорче Петров)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од ул. Леринска, лоцирани во околината на бр. 3. (општина Карпош)

