Македонија
Потрошени парите за плати за вработените во „Пошта“ и „Железници“ до крајот на годината, Николоски вели дека се бара решение
„Во мојот воведен говор искористив да кажам каква е состојбата во моментот во државата. Сакам да споделам неколку податоци за да ги знаете и вие. Буџетската дупка е огромна, трошоците се огромни, но тоа не значи дека нема да го реализираме она што го ветуваме и веќе со ребалансот на буџетот, кој би требало да биде усвоен во Собранието до крајот на јули, а да биде поднесен веќе следната недела, планираме да доделиме 100 милиони евра помош за општините со пакетот за поддршка на општините што го ветивме, а кој в година ќе биде 250 милиони евра затоа што ќе биде цела година, а пензиите се зголемуваат 5.000 денари како што ветивме и почнуваат од следниот месец со 2.500 денари и до март уште 2.500 денари, така што 5.000 денари во една година, како што ветивме“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на одбележувањето 34 години од основањето на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица и додаде:
„Во однос на состојбата можам само да кажам за мојот ресор, таа е финансиски катастрофална. Во моментот се бориме 4.400 луѓе воопшто дали ќе може да земат плата до крајот на годината. Се работи за вработените во ‘Пошта’, во ‘Македонски железници – Транспорт’ и ‘Македонски железници – Инфраструктура’. За жал, досегашните раководства ги потрошиле средствата за работа што требало да им бидат за 12 месеци, тие ги потрошиле за 6 месеци и за преостанатите 6 месеци се бориме дали воопшто овие вработени ќе земат плата. Навистина правиме натчовечки напори со вработените во Министерството за транспорт за да успееме да обезбедиме плата за овие вработени“, истакна Николоски.
Во однос на тоа дали вработените ќе земат плата и дали има некое решение, Николоски рече дека нема да дозволи 4.400 семејства да останат без приходи.
„Работиме со вработените во Министерството за транспорт интензивно, но мора луѓето да ја знаат вистината, а тоа е дека буџетите што ги добиле овие три јавни претпријатија досегашните раководства ги потрошиле за шест месеци, тоа е вистината. А секако јас нема да дозволам 4.400 семејства да останат без приходи, но мора да ја знаат вистината“, истакна Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанев се обрати пред Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ, Лукас Филип избран за нов претседател
По четири дена интензивни, продуктивни и содржајни дискусии за клучните прашања од меѓународната полициска соработка, денес во Маракеш, Мароко, заврши 93. сесија на Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ. На овој највисок форум на Организацијата беа избрани нови членови на Извршниот комитет, меѓу кои и францускиот претставник Лукас Филип, кој ја презема функцијата претседател на ИНТЕРПОЛ, соопшти МВР.
„Директорот на БЈБ, Александар Јанев, се обрати пред Генералното собрание, со што уште еднаш се потврди силната позиција на македонската полиција во рамките на глобалната безбедносна соработка – како стабилен, доверлив и активен партнер на сите 196 земји членки во справувањето со транснационалниот криминал и современите безбедносни предизвици“, се наведува во соопштението.
Во рамки на сесијата беа усвоени повеќе значајни резолуции, меѓу кои и оние поврзани со промовирањето на ратификацијата на Конвенцијата на ООН за борба против сајбер-криминалот, зајакнувањето на регионалното присуство и оперативниот капацитет на ИНТЕРПОЛ, заедничкиот одговор за сузбивање на центрите за онлајн измами, финансискиот извештај за 2026 година, како и стратешката рамка и програмата за активности за периодот 2026–2030.
Македонија
(Фото) Свлечиште во Шипковица, во опасност четири куќи
Поради обилните врнежи на дожд кои го зафатија западниот регион, преку единствениот број за итни повици 112 е добиена пријава за настанато свлечиште во селото Шипковица.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека свлечиштето е во населено место кое претставува опасност за жителите, каде што директно се загрозени четири куќи.
Активиран е Кризниот штаб на Општина Тетово, а на терен се излезени лица од ЦУК, СВР Тетово и Градежен инспекторат од Општина Тетово.
„Во моментот се превземаат мерки и се дадени насоки на месното население да го напуштат живеалиштето поради опасност од појавување на нови свлечишта“, информира ЦУК.
Исто така, на територијата на Општина Штип евидентирани се одрони на камења на патниот правец Делчево – Истибања каде што екипи на ЈП Македонија пат редовно интервенираат и нема застои во сообраќајот.
Одроните на патот кон с.Моштица во Општина Македонска Каменица, од страна на екипи на ЈП Камена река е извршено чистење на одронот и сообраќајот на тој патен правец се одвива редовно.
Македонија
Битиќи: На крај на годината во буџетската каса фалат една милијарда евра
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фатмир Битиќи, предупреди дека фискалните показатели објавени на 25 ноември откриваат сериозен јаз во приходната реализација на Буџетот.
Наместо планираната динамика, рече тој, државата досега наплатила близу 299 милијарди денари, што е само 82,32% од годишниот план, оставајќи дупка од над 64 милијарди денари или 1,04 милијарди евра, средства кои треба да се обезбедат до 31 декември годинава.
Во прашањето уaптено до заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски , пратеникот Битиќи праша по кои ставки, во кои износи и од кои извори ќе се обезбедат приближно 64,07 милијарди денари (околу 1,04 милијарди евра) за целосна приходна реализација до 31.12.2025 година, дали со дополнително задолжување и на кои финансиски пазари, дали со вонредни и еднократни приходи и дали може јавно да се гарантира дека заради „буџетско затворање“ на годината нема да се доцни со поврат на ДДВ, нема да се создаваат нови доспеани, а неплатени обврски кон фирмите и нема дополнително да се кратат капиталните расходи.
„Евидентно е дека приходната страна на Буџетот не ја следи сопствената проекција и од ден во ден, како се приближува крајот на годината, расте ризикот или потребата од ново задолжување, одложување на финансиски обврски кон стопанството и граѓаните, селективни доцнења на поврат на ДДВ. Заклучно со 31.10.2025 даночните приходи и придонесите се реализирани со 78,61% од планираното (од 250,922 милијарди денари), што значи дека во последните два месеци од годината треба да се „надомести“ повеќе од една петтина од целата годишна наплата, амбиција која историски ретко е остварлива без вонредни мерки. Подсекторскиот пресек е уште поалармантен. Оваа приходна конфигурација на Буџетот зборува за тоа дека е производ на преценета наплата, потценети ризици и затворен процес на планирање кој ја оддалечува фискалната политика од развојните цели“, образложи Битиќи.

