Македонија
Филипче: Граѓаните денес се чувствуваат безбедно затоа што сме дел од НАТО, најмоќниот воен сојуз во светот

Граѓаните денеска се чувствуваат безбедно затоа што сме дел од НАТО, најмоќниот воен сојуз во светот, благодарение на посветеноста и одлучноста на СДСМ заедно и граѓаните, потенцира претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во објава на Фејсбук.
„Во 2020 година, благодарение на посветеноста и одлучноста на СДСМ и граѓаните, Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО. Со ова земјата ја реализира една од најважните стратешки цели, која стоеше во програмите на сите политички партии од 1990 година, па сè до тој момент. Денес сме безбедна и стабилна држава, значајна и рамноправна членка на Алијансата. Патот до членство во НАТО не беше лесен. Бараше решителност, стратешка визија и, пред сè, храброст да се донесат одлуки за доброто и иднината на граѓаните. СДСМ презеде одлучни чекори во оваа насока уште со преспанскиот договор во 2018 година, а 600.000 граѓани на реферундум го потврдија правилниот пат што го избра СДСМ. Одлучноста Северна Македонија да застане рамо до рамо со водечките светски демократии денес изгледа поважно од кога било. Во услови на војна на европска почва и светска нестабилност нашите граѓани може да се чуствуваат безбедно затоа што сме дел од најмоќниот воен сојуз во светот“, рече Филипче.
Додаде дека приклучувањето кон НАТО ја зацврстило нашата национална безбедност, ја подобрило нашата меѓународна позиција и отворило нови можности за економски раст и развој.
„Преку членството во НАТО, СДСМ ја потврди и посветеноста на партијата на развојот, демократските вредности, трајниот мир и безбедноста. Членството во алијансата е придобивка за сите граѓани и секој политички фактор е должен да го негува и чува ова достигнување. Владата е должна да работи кон понатамошно унапредување на односите со алијансата и земјите партнери во градење цврста и долгорочна соработка. СДСМ останува посветен на носење одлуки што служат за најдобар интерес на нашата нација. Ние веруваме дека само преку стратешко планирање, одлучност и ставањето на доброто на сите пред партиските интереси може да се надеваме на просперитетна иднина“, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Уапсени две лица од Крушево за поткуп при избори и гласање

Две лица се уапсени, а пет се повикани на разговор во полиција во врска со кривично дело поткуп при избори и гласање, соопшти МВР.
Во 09:00 часот на улица „Дабничка“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп, во врска со кривично дело „поткуп при избори и гласање“, ги лишија од слобода Б.Х.(72) и Д.С.(36), двајцата од Крушево. Во врска со истиот настан, во Полициската станица Прилеп повикани се С.А.(28), М.А.(31), Ш.А.(40), Д.А.(22) и Џ.А.(36) од Крушево, со престој во Прилеп. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Исто така, регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите.
Генерално, од МВР велат дека локалните избори се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава.
Од таму велат дека се преземаат мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес и дека до сега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонски броеви 192 или 112.
Македонија
(Видео) До 13 часот гласале 20,12 отсто од избирачите

До 13 часот од добиени информации од 3.207 избирачки места од 1. 666. 298 запишани гласачи, гласале 335.244 или 20,12 отсто од избирачите, соопшти Државната изборна комисија.
Најголема излезеност има во Богданци, Вевчани, Градско, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Кратово, Крива Паланка, Лозово, Новаци, Ранковци и Чашка.
Најмала излезеност досега има во Босилово, Врапчиште, Гази Баба, Гостивар, Дебар, Желино, Јегуновце, Маврово и Ростуше, Пласница, Радовиш, Струга и Шуто Оризари.
До 13 часот во Град Скопје гласале 20,07 отсто од избирачите. За споредба, на локалните избори во 2021 до 13 часот гласале 20, 76 отсто од гласачите.
До моментот на одржување на прес- конференцијата, до ДИК нема никакви дојави за неправилности и нерегуларности.
Македонија
Погрешно испечатени ливчиња во Ново Село и наводи за поткуп во Велес, Прилеп, Крива Паланка и Свети Николе

Денешното гласање до сега поминува мирно без поголеми нарушувања на изборниот процес, соопшти Јавното обвинителство.
„Од почетокот на гласањето утрово, до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса [email protected] не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело“, се наведува во соопштението.
Јавен обвинител од ОЈО Струмица денеска усно е известен за погрешно испечатени гласачки ливчиња во Ново Село и извршен е разговор. Известена е Државната изборна комисија да го замени материјалот, но нема елементи на кривично дело.
Во текот на вчерашниот ден, поединечни настани со наводи за изборен поткуп се евидентирани во ОЈО Велес, ОЈО Прилеп, ОЈО Крива Паланка и ОЈО Свети Николе. Во сите нив се преземаат дејствија по насоки на јавен обвинител за испитување на наводите.
Има неколку информации и во однос на настани со елементи на прекршување на изборниот молк, но до овој момент вкупно евидентирани се многу мал број настани кои би можеле евентуално да имаат обележја на кривично дело, па со оглед на тоа изборниот процес до овој момент поминува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности и денеска продолжува да го следи целиот тек на изборниот процес, а електронската адреса [email protected] останува отворена за сите евентуални пријави на сомненија за кривично дело кое би можело да го наруши текот на изборите.
И денеска се организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, а обвинителството тесно се координира и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес.
Од Обвинителството наведуваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.