Свет
Борел: Иднината на европската безбедност ќе се решава во Украина
Иднината на европската безбедност ќе се решава во Украина, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, за време на самитот на НАТО во Вашингтон. На настанот „Ноќ на одбраната на ЕУ“, Борел повика на здружување на силите од двете страни на Атлантикот во борбата против, како што рече, „предизвикот што го поставува Русија“.
Тој го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека сака Русија повторно да доминира во нејзиното соседство и нагласи дека Европејците почнале да ги обновуваат своите одбранбени капацитети. „Ако дозволиме Путиновата Русија да ја претвори Украина во друга Белорусија и да инсталира марионетска влада во Киев, подоцна ќе платиме многу повисока цена. Егзистенцијално е Украина да надвладее, тоа е услов за нашата безбедност“, рече Борел, според „Танјуг“.
Тој потсети на формирањето на НАТО пред 75 години и на блокадата на Берлин во 1949 година, кога, како што рече, Берлин беше „фронтот меѓу демократијата и авторитарните режими“.
„Денес оваа линија на фронтот е Украина. Иднината на безбедноста на Европа ќе се решава во Украина“, рече Борел додавајќи дека смирувањето не функционира со Русите. Тој исто така потсети на руската анексија на Крим во 2014 година, како и на претходните настани во Чеченија, Сирија и Грузија, тврдејќи дека „Путин сака Русија повторно да доминира во своето соседство“.
„Путин не се откажа од руските империјалистички амбиции. И тоа е проблем. Русија сè уште се однесува како империја, а Путин сака да ја обнови империјата“, тврди Борел. Во овој контекст тој оцени дека ЕУ била слабо подготвена кога почнала војната во Украина.
„Се разбудивме и тогаш сфативме дека не сме подготвени да се соочиме со овој предизвик“, изјави Борел и повика да се оди по патот на единството и силата, исто како и пред 75 години.
Тој посочи дека Европа почна да ги обновува одбранбените капацитети, ги зголемува одбранбените буџети и овозможува подем на одбранбената индустрија и посочи дека вкупните расходи во Европа се зголемени 30 отсто во последните три години, а годинава ќе достигнат во просек од речиси два отсто.
Со оценката дека историјата се римува, Борел рече дека на крајот ќе надвладеат оние со поголеми индустриски капацитети и подобра технологија. Тој исто така нагласи дека Европа е посветена на одбраната на Украина на долг рок, иако, како што наведе, некои може да се запрашаат дали е тоа така кога ќе ги погледнат европските избори пред неколку недели.
Посветеноста на одбраната на Украина, како што наведе, не само што е вистинската работа, туку е во интерес на Европа. „Со одбрана на Украина ние ја браниме европската безбедност и тоа е единствениот начин да се постигне мир“, рече Борел, тврдејќи дека Путин „нема да застане во Киев“.
Тој додаде дека Европа сака мир, но „само мир што го почитува суверенитетот на Украина“ и нагласи дека „будењето на Европа“ не треба да значи опуштање на САД во однос на поддршката за Украина.
Сите ние, од двете страни на Атлантикот, мора да ги здружиме нашите сили за да се бориме против предизвикот што Русија го претставува денес како и пред 75 години. И само единството денес, како што беше пред 75 години, може првин да ги спаси Европејците и демократијата и слободата во светот“, заклучи Борел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нова вакцина против рак на кожа го намалува ризикот од смрт за 49 проценти
Експериментална вакцина против рак на кожа, развиена во соработка помеѓу фармацевтските компании „Модерна“ и „Мерк“, покажува силни и трајни антитуморски ефекти кај пациенти со напреднат меланом.
Петгодишното следење на вакцината во клиничките испитувања укажува на значителни придобивки од преживување, објавува „Euronews“.
Терапијата, која моментално е во фаза 2 на клинички испитувања, ја комбинира персонализираната mRNA технологија на „Модерна“, Intismera Autogen, со имунотерапевтскиот лек Keytruda на „Мерк“.
Заедно, третманите го намалија ризикот од повторна појава на рак или смрт за 49 проценти кај пациенти со висок ризик од меланом кои биле подложени на операција, во споредба само со Keytruda.
„Продолжуваме да инвестираме во нашата платформа за онкологија поради охрабрувачки резултати како овие, кои го илустрираат потенцијалот на mRNA во третманот на рак“, рече Кајл Холен, виш потпретседател на „Модерна“.
Свет
Путин: Русија не е заинтересирана за темата Гренланд и САД, но ние го имаме искуството со Алјаска
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија не е заинтересирана за темата Гренланд и САД.
„Она што се случува со Гренланд не е наша работа, но ние имаме искуство во решавање на слични проблеми со САД, на пример Алјаска. Во 19 век, мислам во 1867 година, како што знаеме, Русија им продаде на САД, а САД ја купи Алјаска од нас“, рече претседателот на Русија на седница на Рускиот совет за безбедност, според Спутник, пренесува РТРС.
Тој верува дека Данска отсекогаш се однесувала кон Гренланд како кон колонија и, како што вели, грубо, практично жестоко.
„САД имаат на располагање една милијарда долари за да го купат Гренланд“, вели Путин и верува дека врз основа на примерот на Алјаска, цената за Гренланд би можела да биде 200-250 милиони долари.
„Ако споредиме со цените на златото од тогаш, таа бројка би била многу поголема, веројатно милијарда долари“, рече Путин и додаде: „Но, мислам дека и САД можат да си ја дозволат таа бројка“, според агенциите.
Фото: ЕПА
Свет
Трамп објави договор со НАТО за Гренланд и ги одложи царините за Европа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека по состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е формирана рамка за иден договор за Гренланд и арктичкиот регион, пренесуваат медиумите во регионот.
Најави одложување на воведувањето царини што требаше да стапат на сила на 1 февруари, напиша тој на социјалната мрежа Truth Social.
Трамп изјави дека на „многу продуктивен состанок“ со Руте е формирана „рамка за иден договор во врска со Гренланд и, всушност, целиот арктички регион“. Тој оцени дека решението, „доколку се реализира, ќе биде одлично за Соединетите Американски Држави и сите земји-членки на НАТО“.
Врз основа на постигнатото разбирање, Трамп потврди дека се откажува од воведувањето царини. „Нема да ги воведам царините што требаше да стапат на сила на 1 февруари“, се вели во соопштението. Тој додаде дека има и „дополнителни дискусии во врска со „Златната купола“ во Гренланд“ и дека повеќе информации ќе бидат достапни како што напредуваат разговорите.
Според Трамп, потпретседателот Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе бидат задолжени за преговорите. Тој нагласи дека тие ќе „поднесуваат извештаи директно до него“.

