Македонија
„Кубик вода за пиење во Боговиње плаќаат по 7,5 денари, а во Кочани по 49 денари“, истражување на Центарот за граѓански комуникации

Земјата годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење. Речиси половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба, а кај повеќето од нив и загубата на вода е поголема од 40 %, се наведува во анализата од истражувањето на цените и потрошувачката на водата за пиење во земјата на Центарот за граѓански комуникации.
„Во земјата има 67 снабдувачи со вода за пиење и секој си наплаќа своја цена за услугата. Повечето од нив немаат исти цени за домаќинствата и за другите потрошувачи, односно правните лица (фирми и институции).
Најниска цена за потрошената вода плаќаат жителите на Боговиње – 7,5 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани, дури 48,79 денари за кубик, што е 6,5 пати повеќе. Просечната цена на кубик вода за пиење во земјата е 27,49 денари.
Инаку, домаќинствата од Маврово плаќаат 2,6 денара за кубик, но и 210 денари фиксен месечен надоместок, поради што не се први на листата со најниска цена.
Меѓу првите пет општини со најниска цена на водата, четири се од Полошкиот Регион: Боговиње, Теарце, Желино и Врапчиште, а петтата е Росоман. Спротивно, најскапа вода плаќаат 4 општини од Источниот Регион: Кочани, Делчево, Пробиштип и Берово, како и Свети Николе“, се наведува во анализата.
„За правните лица, цената за кубик вода е најниска за потрошувачите во Желино – 13,42 денари, а убедливо најскапа е водата за скопските фирми, дури 68,10 денари за кубик. Овие т.н. други потрошувачи просечно плаќаат по 45,25 денари за кубик вода за пиење, што е дури 65 % повеќе од домаќинствата.
И кај фирмите, четири од петте општини со најниска цена за водната услуга се од Полошкиот Регион: Желино, Теарце, Боговиње и Тетово, а петта е Кривогаштани. Спротивно, меѓу петте општини со најскапа вода за фирмите, покрај Скопје, се и Делчево, Берово, Старо Нагоричане и Велес. Во Старо Нагоричане плус се плаќа и фиксен надомест од 87 денари на секоја месечна сметка за водата за пиење“, се додава во истражувањето.
Целото истражување можете да го најдете на следниот линк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги соопшти имињата на 25 кандидати за градоначалници, повеќето ќе се борат за нов мандат

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ утврди 25 кандидати за градоначалници. За Град Скопје се’ уште не е донесена одлуката.
Се работи за веќе познати имиња, од кои повеќето го моментов ја извршуваат градоначалничката функција. Ѓорѓија Сајкоски по состанокот рече тие кандидати убедливо водат на сите анкети во општините за кои се предлагаат.
„Сите кандидати кои што се избрани го имаат поминато тестот на граѓаните, во изминатите 4 години, а тоа го потврдуваат и анкетите“, вели тој.
ИК утврди и ги предложи следните кандидати:
1. Аеродром – Дејан Митески
2. Бутел – Дарко Костовски
3. Ѓорче Петров – Александар Стојкоски
4. Чучер Сандево – Зоран Бајовски
5. Штип – Иван Јорданов
6. Велес – Марко Колев
7. Свети Николе – Дејан Владев
8. Карбинци – Виктор Паунов
9. Градско – Киро Нацков
10. Кавадарци – Митко Јанчев
11. Гевгелија – Андон Сарамандов
12. Зелениково – Коста Маневски
13. Илинден – Александар Георгиевски
14. Конче – Златко Ристов
15. Делчево – Иван Гоцевски
16. Ново Село – Ѓорге Божинов
17. Василево – Славе Андонов
18. Босилово – Ристо Манчев
19. Берово – Петар Ружински
20. Петровец – Борче Митевски
21. Битола – Тони Коњановски
22. Охрид – Кирил Пецаков
23. Вевчани – Спасе Кочовски
24. Брвеница – Јовица Илиевски
25. Јегуновце – Димитар Костадиновски
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се работи за чесни, одговорни, работни и експедитивни луѓе.
„Најголемиот дел од нив се веќе постоечки градоначалници, кои направиле вистинска трансформација во нивните општини, а другиот дел се луѓе кои имаат сила и знаење да го променат темпото на работа во општините кои до сега се водени од кадри на СДСМ“, велат од партијата.
Се додава во тек се и внатрепартиските избори за советници, преку месните и општинските комитети, а истовремено и граѓаните кои не се партиски определени слободно можат да се вклучат да даваат свои предлози за советници.
Македонија
(Видео) Се бара донација од пченка и јаболка оти мечки се доближуваат до селата околу Шар Планина

Националниот парк „Шар Планина“ повика на донации во форма на домашна пченка и јаболка, бидејќи се забележани повеќе случаи во кои мечки се доближуваат до планинските села во потрага по храна.
Од тука велат дека во последните две недели, сè почесто се забележуваат случаи на приближување на мечки кон населени места во регионот на Националниот парк. Овој феномен, како што се додава, е резултат на намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште.
„За да се намали ризикот од несакани средби со луѓе и да се помогне за здравјето и безбедноста на овие важни жители на нашата планина, започнуваме иницијатива за симболична прихрана на мечките, на оддалечени и безбедни локации, далеку од населени места и планинарски патеки. Бараме доброволни донации на јаболка и пченка од домашно потекло, со цел хранењето да биде што е можно послично на природната исхрана на мечката (Ursus arctos), која претежно е растително базирана“, велат од Националниот парк.
Се додава дека дистрибуцијата на храната ќе ја извршува нивната управа во соработка со волонтерска служба, во согласност со Програмата за заштита, одгледување и управување со дивечот (2023–2033), каде што се препорачува симболична прихрана како метод за следење и заштита на дивечот.
Македонија
Николоски: Договорот со Обединетото Кралство е од историско значење за Македонија и развојот на државата

Договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска е од историско значење за развојот на државата, напиша вицепремиерот Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес во Собранието е изгласан Законот за ратификација на договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Овој договор е од историско значење за Македонија и развојот на државата. Со овој договор се потврдува партнерството помеѓу двете држави! Заеднички ќе направиме огромни проекти и ќе ја направиме Македонија многу подобро место за живеење!“, напиша вицепремиерот Николоски.