Свет
Кина: Самитот на НАТО полн со воена реторика, провокации и лаги
Самитот на НАТО изобилува со воинствена реторика, а изјавите за Кина се полни со провокации и лаги, соопшти кинеската мисија во Европската Унија.
„Декларацијата на самитот на НАТО во Вашингтон е полна со менталитет од Студената војна и воинствена реторика, а содржината поврзана со Кина е полна со провокации, лаги, поттикнувања и клевети“, изјави портпаролот на кинеската мисија во Европската Унија, пренесува „Ројтерс“.
Генералниот секретар на Северноатлантскиот сојуз, Јенс Столтенберг, вчера изјави дека „Кина има клучна улога во илегалната војна на Русија против Украина“, дека обезбедува опрема за двојна употреба, микроелектроника и многу други алатки, кои ѝ овозможуваат на Русија да произведува ракети, бомби, авиони и оружје, што го користат во нападите на Украина.
Кинескиот портпарол истакна дека основната позиција на Кина за прашањето за Украина е промовирање на мировните преговори и политичко решение, затоа, како што е наведено, пред повеќе од една година таа презентира документ од 12 точки, во кој се поставени општите принципи за ставање крај на војната. Како што пренесува „Ројтерс“, Кина постојано го критикува НАТО и предупредуваше на неговото проширување во Азиско-пацифичкиот Регион.
Лидерите на Јапонија, Јужна Кореја, Нов Зеланд и Австралија, кои присуствуваа на самитот, воспоставија посилни врски со безбедносната алијанса во услови на зголемена загриженост за проширувањето на Кина во Јужното Кинеско Море.
„Ние сме силно против влезот на НАТО во Азиско-пацифичкиот Регион бидејќи тоа ќе поттикне конфронтација и ривалство и ќе ги поткопа просперитетот и стабилноста во овој регион“, изјави вчера портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.

