Македонија
Се огласи од болница скопјанката што се фотографира кај Заливот на коските: искршила 11 ребра и си го оштетила белиот дроб
Во СВР Охрид на 6 јули, во 21.40 часот, било пријавено дека Е. Р. (32) од Скопје при фотографирање до металната ограда на паркингот кај туристичкиот комплекс Залив на коските, во близина на охридското село Пештани, паднала и добила тешки телесни повреди, информира МВР.
Таа со возило на Итната медицинска помош е пренесена во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид каде што е задржана на понатамошно лекување.
Станува збор за македонската мис и манекенка Емилија Розман, која на „Фејсбук“ се огласи од болничката постела.
„Драги познати и непознати, затоа што не секој имал среќа како мене да биде воспитан и израснат во таква околина во која сме знаеле дека ако немаме нешто убаво да кажеме, треба да си молчиме, еве да ви се обратам по повод мојата здравствена состојба. И не го правам ова за сите душегрижници и дежурни хејтери, на кои термините љубов, грижа и емпатија им се непознати, туку за сите прекрасни луѓе што ме ме преплавија со толку многу љубов овие неколку дена, што час плачам од болки час плачам од среќа што сум толку љубена.
Во саботата вечерта имав незгода во Заливот на коските во Охрид, при што се лизнав, што од моја несмасност, што од лоша процена на просторот, за конструкцијата на оградата не можам да коментирам затоа што не сум компетентна, при што имав пад од речиси 7 метри и скршив 11 ребра. Притоа ми беше оштетен и белиот дроб и бев во најбрз можен рок префрлена од болницата „Свети Еразмо“ на Торакална хирургија во Скопје.
Не чувствувам потреба да му се правдам некому зошто сум се фотографирала во болнички кревет, кој патем не се наоѓа во вашиот двор, но поради тоа што имам голем број другари, пријатели, соработници и слично, најлесен начин да го објаснам моето неодговарање на повиците е со една фотографија. Жал ми е што многу од вас ги користат социјалните мрежи само за креирање лажна слика за вашите ,,совршени“ животи, па сметам дека оттаму и ви доаѓа потребата да давате коментари од типот на: Ааххх, сѐ ќе направите за „лајк“ и мајка ѝ ја барала таму (иако тие сега ќе се слика за рендген, јаки беа, браво за хуморот).
Знам каде е мајка ми во секое време, како што знае и таа јас каде сум. Ама еве нешто што не знам е како може да сте толку злобни, сите ли имате израснато во дисфункционални семејства, без родителска љубов, па ве храни смеењето на туѓи несреќи? Немате ли видено ниедно совршено зајдисонце, кое сте посакале да го фотографирате? Никогаш ли не сте го удриле малото прсте од ќошот на креветот? Не ви паднало лепчето на намачканата страна? Амааа…
Кучињата ќе лаат, карванот ќе си врви, вие ќе си пишувате глупави коментари, а јас ќе ги славам животот и втората шанса што Бог ми ја даде. Не можам ни да ви опишам колку сум среќна, каков прекрасен живот имам и какви луѓе во него, буквално денес учам пак да одам и врескам од болки, а бликам од среќа, ама сум искрена и реална личност, која не се крие зад екранот зад глупави коментари, туку си живее, макар била ружна и поминала покрај мисица, ама еве сега ќе викнам студио за убавина бидејќи во болнички кревет не е важно здравјето, туку како изгледате. Ај гитла таму, најдете си психијатар, земајте терапијата и одете учете емпатија и емоционална интелигенција“, пишува Розман во својата објава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста до 9 часот во четирите општини е 1,12 отсто
Државната изборна комисија на својата веб-страница објави дека до 9:00 часот утринава, излезноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12%.
По општини:
– Врапчиште – 1%
– Гостивар – 0,93%
– Маврово–Ростуше – 2,89%
– Центар Жупа – 0,75%
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на прес-конференција кажа дека на избирачките места кои се отворени навреме, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии. Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а едно избирачкото место во Ќафа не е воопшто отворено.
Денеска се гласа на вкупно 215 избирачки места, а право на глас имаат 128.286 избирачи.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.

