Свет
(Видео) Индискиот премиер кај Путин за Украина: „Кога се убиваат невини деца, срцето крвави“
Индискиот премиер Нарендра Моди деновиве ги посети Русија и својот колега Владимир Путин. Тој ја почна посетата во понеделникот, само неколку часа откако руските напади врз Украина убија 41 лице, вклучително и деца, кога проектил погоди детска болница во Киев.
„Како пријател, му кажав дека за посветла иднина на нашите идни генерации, мирот е од најголема важност“, рече Моди во присуство на Путин. „Решенија не се можни на бојното поле. Помеѓу пушки, куршуми и бомби, мировните преговори не може да бидат успешни. Мораме да го најдеме патот до мирот само преку дијалог“, рече тој, пренесува „Гардијан“.
„Без разлика дали се работи за војна, конфликт или терористички напад, секој човек што верува во човештвото е повреден од загубата на животи“, предупреди Моди понатаму.
„Кога се убиваат невини деца, срцето крвави и таа болка е многу застрашувачка“, продолжи тој.
Кога Моди сподели фотографија на мрежата Х на почетокот на посетата во понеделникот, на која се гушка со Путин, украинскиот претседател Володимир Зеленски напиша на социјалните мрежи дека е „огромно разочарување и катастрофален удар за мировните напори во Украина што лидерот на најголемата светска демократија го прегрна најкрвавиот криминалец во светот на таков ден во Москва“.
Американскиот Стејт департмент во понеделникот соопшти дека изразиле загриженост до Индија за нејзините односи со Русија.
Индија е сè поважен партнер за Русија, и економски и дипломатски. Во својот говор пред Моди, Путин истакна дека двете земји имаат „посебно привилегирано стратешко партнерство“ и му се заблагодари на индискиот премиер за неговите напори за мирно решавање на војната во Украина.
„Ви благодарам за вниманието што го посветувате на најитните проблеми, вклучително и напорите за решавање на украинската криза, се разбира, првенствено со мирни средства“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Иран, жените добија дозвола да возат мотоцикли и скутери
Првиот потпретседател на Иран, Мохамад Реза Ареф, ја потпиша резолуцијата, која беше одобрена од Советот на министри на крајот на јануари, а со која на жените им се дава дозвола за возење мотоцикли и скутери.
Жените во Иран сега можат формално да добијат возачка дозвола за мотоцикли и скутери, објавува агенцијата „Илна“, со што се завршува долгогодишната правна несигурност околу возењето на овие двотркални возила, објавува „Фигаро“.
Според сообраќајниот закон, на жените не им било експлицитно забрането да ги возат, но во пракса властите не им издавале дозволи.
Поради оваа двосмисленост, жените биле законски одговорни во случај на несреќа, дури и кога самите биле жртви.
Законот сега ја обврзува сообраќајната полиција да „обезбеди практична обука за кандидатките, да организира испит под директен надзор на полицијата и да им издава возачки дозволи за мотоцикли на жените“, прецизираше „Илна“.
По Исламската револуција во 1979 година, на жените им беше забрането да се занимаваат со одредени активности некое време, а посебен предизвик за нив беа правилата за облекување – тие мораа да ја покријат косата со шамија (хиџаб) во јавност и да носат скромна облека.
Свет
(Видео) Новинарка: Што би им рекле на жртвите на Епстин? Трамп: Вие сте најлошата новинарка
На социјалните мрежи се прошири снимка од бизарниот одговор на американскиот претседател Доналд Трамп на прашање од новинарка на Си-Ен-Ен, поставено на неодамнешна прес-конференција.
Новинарката на Си-Ен-Ен, Кејтлин Колинс, го праша американскиот претседател Доналд Трамп: „Што би им порачале на жртвите на Епстин?“
Трамп ѝ одговори: „Вие сте толку лоши. Вие сте најлошата новинарка. Не е ни чудо што Си-Ен-Ен нема гледаност поради луѓе како вас. Таа е млада жена (зборува за новинарката, н.з.). Никогаш не сум ве видел да се смеете. Треба да ве биде срам.“
KAITLAN COLLINS: What would say to Epstein survivo—
TRUMP: You are so bad. You are the worst report. No wonder CNN has no ratings. She’s a young woman. I don’t think I’ve ever seen you smile. They should be ashamed of you. pic.twitter.com/lmSpVz8wXX
— Aaron Rupar (@atrupar) February 3, 2026
Американското Министерство за правда неодамна објави милиони страници документи, фотографии и видеоснимки поврзани со истрагите за сексуалните злосторства на Џефри Епстин, осуден сексуален престапник и трговец со малолетни лица. Оваа објава опфаќа речиси три милиони страници материјали кои, под притисок на јавноста и законодавците, беа направени делумно јавно достапни.
Односот меѓу Доналд Трамп и Џефри Епстин долго време е предмет на интерес на медиумите, бидејќи двајцата интензивно се дружеле во текот на 1990-тите и раните 2000-ти години, а името на Трамп се појавува илјадници пати во таканаречените досиеа на Епстин.
Иако Трамп никогаш не бил обвинет за кривични дела поврзани со него, објавувањето на списите дополнително го засили вниманието кон неговите врски и поттикна прашања за тоа како властите и политичарите постапувале со овие материјали.
Свет
Заменичката на Калас: Европската Унија веќе е во војна со Русија
Европската Унија веќе е во состојба на конфликт со Русија, иако овој конфликт не вклучува директна воена мобилизација на граѓаните и испраќање војници на фронтот, според мислењето на високи функционери на нејзината дипломатска служба.
Како што изјави заменик-шефицата на дипломатската служба на Европската Унија, Белен Мартинез Карбонел, во интервју за шпанскиот весник „Ел Паис“, „факт е дека веќе сме во воена состојба со Русија“.
Сепак, таа нагласи дека овој „воен статус“, како што го гледа Брисел, засега не подразбира класичен вооружен конфликт во кој европските граѓани би биле мобилизирани и испратени на бојните полиња. Според неа, станува збор за поинаква форма на конфронтација што вклучува политички, економски и безбедносен притисок, но не и директни борбени операции на европските армии.
Изјавите од Брисел доаѓаат во време на зголемени тензии меѓу Русија и западните земји, првенствено поради конфликтот во Украина и санкциите што Европската Унија ги воведе врз Москва, според написите.
Од друга страна, анализираат медиумите, рускиот претседател Владимир Путин постојано ги отфрла тврдењата дека Москва планира напад врз Европа, нарекувајќи ги бесмислени. Тој истакна дека, според него, западните политичари ја создадоа сегашната криза и продолжуваат со нејзината ескалација со постојани предупредувања и изјави за наводни руски подготовки за војна со Европа.

