Македонија
Пола милијарда кредит во четири очи, дали е ова цената на чувањето на Груевски на безбедно, прашуваат од СДСМ

Конечно се отворија картите и стана јасно зошто Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го криеја изворот на парите за ново огромно задолжување. Конечно е јасно зошто Мицкоски и неговите соработници секој викенд беа во Будимпешта на консултации кај азилантот Груевски. Специјалната економска соработка со Унгарија е во насока на презадолжување и политичко заложништво на нашата држава кон друга држава, велат од СДСМ.
Прашуваат, каква е улогата на Груевски во оваа зделка? И на малите деца им е јасно, како што додаваат, дека позади ваквиот договор се кријат политички интереси кои многу брзо ќе излезат на виделина.
Понатаму, свесен ли е Мицкоски дека влегува во екскурзија што сериозно може да ја загрози нашата соработка со меѓународните финансиски институции како Светска Банка и Меѓународен Монетарен Фонд?
„Зошто Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја лажат јавноста дека ова е најповолен кредит кој може да го добие стопанството? Зошто не каже дека во моментов државата е корисник на кредит од 150 милиони евра од Европската банка за развој по подобри услови, односно каматна стапка од 1,6% со грејс период од 24 месеци и рок на отплата од 12 години и дополнителни 100 милиони со 3,5?
Овој кредит е далеку поповолен од овој од Будимпешта. Зошто без никакви други обиди преку контролирани механизми на задолжување од меѓународни финансиски организации сака да земе кредит во четри очи?
Понатаму, зошто ја лажеа јавноста тој и министерката за финансии Кочовска дека кредитот ќе биде со камата под 3%, како тоа таа дојде до 3,25%? Што се крие зад покачувањето на каматната стапка?
Понатаму, дали најавата на министерката за финансии дека овие средства ќе се користат за капитални инвестиции, а имајќи предвид дека патот Кичево-Охрид може да се финансира само со кинески средства, овие пари всушност не доаѓаат од Кина?“, прашуваат од опозициската партија.
Според нив, новата Влада има обврска да и одговори на јавноста каде се 500 милиони, кои недостасуваат за ветената 1 милијарда евра.
„Дали можеби Груевски му ги држи на Мицкоски резервирани како гаранција дека нема да го напушти зацртаниот курс? Граѓаните многу брзо се соочуваат со предизборните измами на ова ВМРО-ДПМНЕ кое докажува дека “волкот го менува крзното, но карактерот никогаш”!
Единствено што направи со овој потег Мицкоски е да ги коцка државните интереси со т.н. стратешки економски договор со егзил – чуварот на неговиот претходник, Никола Груевски, унгарскиот премиер Виктор Орбан. Дали е ова цената за чувањето под закрила на Груевски?
За крај целата оваа постапка ја најавува Мицкоски во услови кога нема ниту владина одлука ниту посебен закон зазадолжување во Собранието. Султанот Мицкоски во четири очи договара така како што му одговара и за ова еден ден ќе одговара тој самиот“, реагираат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.
Македонија
Вмешани директори и полицајци: Опустошиле 6.000 хектари шума, исекле дрва во вредност од над 6 милијарди денари

Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, јавниот обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 15 лица.
Осомничените се товарат за сторени кривични дела: Злосторничко здружување и Пустошење на шуми, шестмина од нив и за Злоупотреба на службена положба и овластување, додека на првоосомничениот му се ставени на товар и кривични дела Давање поткуп, а на еден осомничен и кривично дело Примање поткуп.
Во текот на 2025 година, двајца вработени во осомниченото правно лице и полициски службеник формирале група со цел стекнување противправна имотна корист преку злоупотреба на службената положба и овластувања, давање и примање поткуп, како и пустошење на шумите. Придружени од други осомничени, кои се вработени во различни институции (Министерството за внатрешни работи, ЈП Национални шуми подружница Малешево, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и невработени лица), тие реализирале нелегални активности кои довеле до опустошување на шума во површина од 6.000 хектари, сопственост на ЈП Национални Шуми ПСШ Малешево.
Како резултат на нивните дејствија, била исечена дрвна маса во количина од 1.500.000 метри кубни, со вредност од 6.405.000.000 денари. Организаторите на групата извршиле нелегална сеча на дрвна маса, која потоа била транспортирана и продавана како легално исечена, со цел да се оствари противправна имотна корист.
Групата била дополнително поддржана од полициски службеници кои не презеле мерки и ги информирале организаторите за полициските патроли, што им овозможило да го продолжат своето криминално дејствување. Осомничениот директор на ЈП Национални шуми – ПО Малешево ја одобрувал нелегалната сеча, а началникот на ОВР Делчево ги прикривал сторителите и средствата што биле користени за извршување на кривичното дело.
Првосомничениот, во името и за сметка на осомниченото правно лице, во август и септември 2025 година му дал паричен подарок на директорот на ЈП Национални шуми, во вкупен износ од 6100 евра со цел да дозволи нелегална сеча на дрвна маса, и тоа пред да биде објавен јавен повик за опожарена дрвна маса.
Во текот на вчерашниот ден со цел да не биде откриено кривичното дело и сторителите осомничениот началник известил припадник на групата дека полицијата ќе постапува за откривање на кривичното дело, по што осомничениот припадник го информирал организаторот кој понатаму со цел прикривање на трагите на кривичното дело и предметите ги известил лицата кои што вршеле нелегална сеча во атарот на с. Двориште да го “чистат“ теренот по што истиот самиот се упатил на местото каде што бил пресретнат и фатен на лице место.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети условите за притвор, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за сите осомничени.