Македонија
Хелсиншкиот комитет објави извештај за потребите на ЛГБТИ+ лицата во Македонија
Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје, во рамките на проектот „Политичко оснажнување на ЛГБТИ-луѓето“, имплементиран од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје, во партнерство со Институтот „ЛГБТК+ виктори“ и коалицијата „Маргини“, а финансиски поддржан од страна на УСАИД, издаде извештај за потребите и приоритетите на ЛГБТИ+ луѓето во Република Северна Македонија во авторство на вонр. проф. д-р Ангелина Станојоска и м-р Ина Џугуманова.
Целта на истражувањето е да бидат идентификувани потребите и приоритетите на ЛГБТИ+ луѓето во Република Северна Македонија, пред сè, во однос на основните потреби и безбедноста, домувањето и финансиите, медицинската заштита и заштитата на менталното здравје, правната заштита, социо-културниот живот, како и други потреби.
Резултатите од ова истражување ќе бидат искористени за подобрување на генералната положба на ЛГБТИ+ лицата во РСМ или за подобрување во одредени области, како и за споредбена анализа и заклучоци во однос на потенцијални промени на состојбата од претходни истражувања. Всушност, истражувањата и информациите за ЛГБТИ+ заедницата се првиот чекор кон напорите да се спречи дискриминацијата на оваа група граѓани.
Публикацијата е подготвена од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје во партнерство со Институтот „ЛГБТК+ виктори“ и коалицијата „Маргини“, со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД). Ставовите изразени во оваа публикација не ги изразуваат нужно ставовите на УСАИД или на владата на Соединетите Американски Држави.
Целиот извештај ТУКА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На гласачките ливчиња ќе останат имињата на кандидатите од Могила и Македонски Брод кои се повлекоа пред вториот круг
Независните кандидати од Могила и Македонски Брод, Сашо Пивковски и Милосим Војнески се повлекоа од изборната трка, но нивните имиња ќе останат на гласачките ливчиња во вториот изборен круг на 2 ноември.
ДИК појаснува дека законот не препознава откажување на кандидатурата, откако таа е веќе потврдена од изборните органи, што нема да го сопре гласањето.
Пивковски вчера ја образложи одлуката на социјалните мрежи, кадешто напиша дека ја донел по внимателно размислување и бројни разговори во интерес на заедништвото, наместо поделбите.
„ВМРО-ДПМНЕ е мојата партија, мојот политички дом. Како нејзин член, секогаш сум се водел од идејата за чест, за работа и за почит кон луѓето. Така било и ќе остане“, напиша тој.
Од лојалност кон ВМРО-ДПМНЕ, како негова матична партија, еден ден претходно и Војнески се откажа од кандидатирата во Македонски Брод.
„По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура. Ги разбирам сите оние кои, поради различни причини, ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата, и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми. ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија — партија на која и го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па се до денес. Сметам дека најдобрата одлука, во интерес на моите сограѓани, е да се повлечам од оваа изборна трка.“ напиша Војнески.
Пивковски во вториот круг требаше да се соочи со Драганчо Саботковски од ВМРО-ДПМНЕ. Разликата меѓу нив во првиот круг од локалните избори беше 409 гласа во корист на Саботковски. Во Македонски брод, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Жарко Ристески водеше за 834 гласа пред независниот Војнески кој ја напушти изборната трка.
Македонија
Ивановска не повика за кого да се гласа во вториот круг во Центар: „Секој гласач има здрав разум и одговорност“
Кандидатката за градоначалничка на Општина Центар, Билјана Ивановска, која ја заврши трката во првиот изборен круг третопласирана, со освоени 4.465 гласа, не ги упати нејзините поддржувачи кого да поддржат во вториот изборен круг, бидејќи, како што рече, секој гласач си е здраворазумен, има право да гласа и има одговорност кому ќе го даде својот глас.
„Кој и да победи, важно е да носи одлуки во полза на сите и да го заштитува јавниот интерес и правото на здрава животна средина,“ рече Ивановска на прес-конференција со советниците од платформата „Независни заедно“.
Таа истакна дека охрабрува фактот што во Центар постои критична маса граѓани кои не размислуваат партиски, туку преземаат одговорност за промени. Ивановска побара ревизија на деталните урбанистички планови кои не се во согласност со Генералниот урбанистички план и јавна достапност на сите издадени дозволи за градба преку мапа што доброволно ја изработила граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.
Рече и дека нивните советници ќе делуваат конструктивно и ќе соработуваат на сите проекти од интерес на граѓаните, но ќе бидат и гласни критичари за сите сомнителни одлуки.
Носителката на советничката листа на Град Скопје од „Независни заедно“, Јана Белчева – Андреевска, најави дека платформата ќе продолжи да собира потписи за регистрација како граѓанско-политичко здружение.
На локалните избори за Центар на 2 ноември ќе се соочат актуелниот градоначалник од СДСМ, Горан Герасимовски кој освои 8.535 гласа, и Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, кој првиот изборен круг го заврши со 5.707 гласови.
Македонија
Мојсоска: ВЛЕН и ДУИ отворено соработуваат во три општини – Брвеница, Кичево и Чашка
Пратеничката и генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска, во објава на „Фејсбук“ оцени дека „ВЛЕН“ отворено соработува со ДУИ на локалните избори.
„Едно резиме за колегијалноста во владината коалиција: ВМРО-ДПМНЕ вади кандидат за градоначалник во Брвеница. ВЛЕН исто така вади кандидат, а во вториот круг се обединија со ДУИ против кандидатот на Мицкоски,“ напиша Мојсоска.
Таа додава дека и во Кичево ВЛЕН настапил со свој кандидат, а лидерот на Беса, Билал Касами, јавно ја дал поддршката за ДУИ: „Кичевско ВЛЕН срамежливо вели ‘по сопствено убедување да се гласа’. Соодветен реципроцитет на јавната поддршка од Мицкоски која ја добија кандидатите на ВЛЕН, нели?“
Мојсоска наведува дека единствената општина каде ВЛЕН немал кандидат е Чашка, каде со поддршка на ВЛЕН и ДУИ уште во прв круг победил кандидатот на ДУИ.
„Значи, ВЛЕН и ДУИ отворено соработуваат во три општини – Чашка, Брвеница и Кичево,“ пишува Мојсоска, додавајќи дека тоа најверојатно е „како благодарност што Мицкоски ги остави Гостивар, Тетово и Струга без свои кандидати“.

