Скопје
Значајни инвестиции за подобрување на условите во Основното училиште „Лазо Ангеловски“ и спортскиот центар „Марко Божиновски“
Повеќе градежни активности се спроведуваат во текот на летниот период во ООУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, како и во спортскиот центар „Марко Божиновски“ што се наоѓа во рамките на ова училиште.
Заменик-градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска ги посети локациите каде што активно се работи на подобрување на инфраструктурата на овие објекти пред почетокот на новата учебна година, известуваат од општина Аеродром.

Големиот број ученици и аеродромци што секојдневно спортуваат во центарот „Марко Божиновски“ наскоро ќе добијат современо опремен фитнес-центар, а ќе се инвестира и во спортски билјард-центар, каде што ќе има бесплатни часови со лиценцирани тренери за учениците од Општина Аеродром.
Исто така, со помош на општествено одговорна компанија спортскиот центар ќе добие фотоволтаици коишто ќе овозможат заштеда на електричната енергија.

Паралелно со зафатите што се одвиваат во спортскиот центар, се врши и реновирање на четири санитарни јазли во училиштето „Лазо Ангеловски“, како дел од проектот за унапредување на основното образование во рамките на МОН, а е финансиран од Светска банка. Претходно, училиштето, во рамките на истиот проект, беше опремено со ИТ и со друга мрежна инфраструктура.
Младите остануваат наш главен приоритет, а со голема посветеност и натаму ќе продолжиме да ги подобруваме условите во кои тие престојуваат и го стекнуваат своето образование, соопштуваат од општина Аеродром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Станкоска: Дали со еден стан Орце го реши проблемот на жените жртви на насилство?!
„Со отстапување на еден единствен стан од 30 м², кој наводно е „сè што градот има на располагање“ градоначалникот на Град Скопје, Орце Георгиевски „го реши“ проблемот со сместувањето на жртвите на семејно насилство. Оваа предлог-одлука предвидува токму тој мал, единствен стан да стане новиот простор за најранливите жени во градот“, велат од партијата Левица.
-Град Скопје нема извршено попис на сопствениот недвижен имот, не постои јасна евиденција што поседува градот, во каква состојба е имотот, колку објекти стојат празни, неискористени или пропаѓаат. А кога институцијата не знае што има, секогаш се прогласува дека „може“ само најмалку, на штета на најранливите, истакна Евгенија Станкоска, советничка од Левица и укажа дека вакво „решение“ е симптом на подлабок системски хаос.
Според неа понудениот стан не претставува решение за овој сериозен проблем, туку понижувачки и импровизиран обид да се создаде впечаток дека проблемот се решава. „Жртвите на семејно насилство не смеат да се третираат како ПР-позадина, туку како сериозна обврска која бара системски пристап и одговорно управување со градскиот имот.“
Во своето обраќање посочи и дека секоја година во Македонија стотици жени пријавуваат семејно насилство, а земјата веќе брои повеќе случаи на фемицид кои остануваат како траен доказ за институционалниот неуспех да се спречи ескалацијата на насилството.
„Во такви услови, Левица одамна предложи законски измени семејното насилство да се гони по службена должност, со што би се спречил притисокот врз жртвите да го повлекуваат пријавувањето и би се обезбедила проактивна државна заштита – но мнозинството во Собранието, предводено од ДПМНЕ, го одби овој предлог“, рече Станкоска и додаде дека токму ова одбивање е доказ дека властите не се подготвени за суштински мерки, туку остануваат на симболични гестови кои не ја менуваат реалноста на жените кои живеат под закана.
Македонија
Делови од Илинден и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, улица Бунарџик. (Општина Илинден)
– во периот од 09-00 до 15-00 часот, дел од корисниците на улиците: Мице Козар и Ѓуро Салај. (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Кисела Вода – првата скопска општина со целосна виртуелна прошетка
Општина Кисела Вода е првата скопска општина која доби целосна 360° виртуелна презентација, преку новиот дигитален проект „Општина Кисела Вода НА ДЛАНКА – 360°“. Проектот претставува современ начин на претставување на општината, кој овозможува граѓаните, учениците, посетителите и туристите виртуелно да се движат низ Кисела Вода и да ги истражуваат најзначајните образовни, културни, спортски и духовни локации. Со над 500 панорами снимени од воздух и од земја, меѓусебно поврзани во интерактивна прошетка, корисниците добиваат реалистично искуство и информации за секоја локација, известува општина Кисела Вода.
„Оваа иновативна алатка има и значајна образовна улога, бидејќи може да се користи во наставата по историја, географија и други предмети. Виртуелната прошетка им овозможува на учениците полесно да ги разберат содржините што ги изучуваат. Од туристички аспект, проектот создава силен потенцијал за промоција, овозможувајќи им на посетителите однапред да ја запознаат понудата на општината.
Виртуелната тура е достапна бесплатно на www.macedoniafromabove.mk/kiselavoda, а поставена е и на официјалната веб-страница на Општина Кисела Вода, со што општината станува подостапна за секој што сака да ја истражи, без разлика дали се наоѓа во Македонија или во светот. „Виртуелна Кисела Вода“ е проект реализиран со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода преку конкурсот за поддршка на уметници, културни работници и здруженија. Истиот е дел од националниот проект „Македонија на дланка – 360° визуелен водич“, најголемата дигитална платформа за промоција на природните, културните и историските богатства на државата, која постојано се надградува со нови локации.
Негов носител е Здружението „Нови Зраци“- Скопје, во партнерство со здружението МАКИТ ВИРТУАЛ, извршител на активностите и автор на поширокиот проект „Македонија на дланка – 360° визуелен водич“, се додава во соопштението на општина Кисела Вода.

