Македонија
Не бил киднапиран, ниту се самозапалил: полицијата го расчисти случајот со наводно киднапирање и самозапалување на момче од Скопје
СВР Скопје го расчисти кривично правниот настан за кој на 04.07.2024 околу 00.30 часот беше пријавено дека во индустриска зона Ќојлија, во близина на Меѓународен аеродром Скопје, избувнал пожар на плац од агенција за рент-а-кар, во кој со изгореници по телото се здобил Б.А. (24) од Скопје, по што на 07.07.2024, како последица на изгорениците Б.А. починал.
Според пријавата од Б.А.,тој наводно бил насилно пренесен од две лица со возило од нас.Ченто до Ќојлија, а таму наводно го натерале да се самозапали. Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презедоа сите неопходни мерки и активности за расчистување на случајот.
„Извршен е увид на местото на настанот, при што се подигнати материјални траги, за кои се изготвени соодветни вештачења, а обезбедени се и видео записи од безбедносни камери, повикани се на разговор повеќе лица, едно лице е лишено од слобода, како и други оперативно тактички мерки, при што е утврдено дека Б.А. доброволно отишол на местото на настанот, со запалива течност го полеал контејнерот на агенцијата и го запалил, при што од настанатата експлозија, кај Б.А. настанале повреди по телото-изгореници, од кои на 07.07.2024 Б.А. починал. Со ова е констатирано дека првичната изјава која Б.А. ја дал на полициските службеници, дека наводно истиот бил киднапиран од две лица и насилно пренесен со возило до местото на настанот и притоа истите наводно го натерале да се полие со запалива течност и да се самозапали, не е точна“, соопшти полицијата.
Од страна на СВР Скопје случајот е расчистен и поднесено е известување до ОЈО Скопје, велат од полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.

